По повод бугарскиот документарец „Последно полувреме“

Дарко Митревски: Предлагам да ги ставиме Бугарите на игнор

Десет години по „Трето полувреме“, бугарската филмска индустрија го сними својот одговор и видување на окупацијата на Македонија, во форма на документарецот „Последно полувреме“. Наменет е да ја прикаже „вистината“ за настаните раскажани во оригиналот. Го контактиравме авторот на „Трето полувреме“, Дарко Митревски, да ни каже што мисли за најновата провокација од Бугарија.

Почитувана редакцијо на порталот Мкд.мк,

Од снимањето на „Трето полувреме“ поминаа десет години.

Знаете што сѐ се смени во тие десет години?

Америка смени тројца претседатели. Македонија смени тројца премиери и едно уставно име. Истополовите бракови и марихуаната полека станаа прифатени и легални низ светот. Мобилните корисници престанаа да користат блекбери и се префрлија на ајфон и андроид. Интересот на публиката драстично се сврте од кино-филмови кон телевизиски серии. Музиката веќе не се даунлоудува туку се стримува. Човештвото сѐ помалку се информира од класичните медиуми, а сѐ повеќе од социјалните мрежи. Насекаде со себе носиме смартфон-камери и го снимаме животот што го живееме. Наместо да паметиме – гугламе. Наместо да одиме во канцеларија – работиме од дома. Потрошувачите масовно купуваат онлајн, што доведува не само до затворање на продавниците и трговските центри – туку во блиска иднина сосема ќе го смени изгледот на градовите. Приватноста стана мисловна именка. Електричните возила ги заменуваат бензинските. Светската пандемија ја доведе во прашање довербата во медицината. Луѓето се сѐ помалку среќни и сѐ повеќе загрижени за својата иднина.

Ете, сето ова се смени во изминативе десет години. Само во Бугарија ништо не се смени - таму и понатаму лелекаат за две, за нив многу болни и вечно непрежалени теми: едната им е „Трето полувреме“, другата им е Македонија.

И згора на сѐ, таа своја национална и општествена фрустрација ја претставуваат како некаква „борба за вистината“.

Сцена од филмот „Трето полувреме“

Океј. Ако им е до вистината, еве им ја нá:

  • „Трето полувреме” е филм снимен по животната приказна на скопјанката Марија Младенова, родена како Нета Коен во денес непостоечкото Еврејско Маало. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за тетка Нета, еве им линк од интервјуто што со неа го работеше тимот на Спилберговата SHOAH фондација.
  • Во филмот исто така е прикажана сторијата за фудбалскиот клуб „Македонија”, онака како што тоа мене ми беше раскажано од последниот жив играч на тој тим, голманот Васил Дилев. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за тој клуб и нивниот тренер Илеш Шпиц, еве им линк од интервјуто што го работев со Дилев.
  • Филмот ја реконструира и депортацијата на македонските Евреи извршена од страна на окупаторската војска и полиција на Царството Бугарија. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за таа окупација и депортацијата што следувала, еве им линк од американскиот Меморијален музеј на Холокаустот од каде што црпев најголем дел од податоците за сценариото на мојот филм.
  • Во филмот Царството Бугарија е прикажано онака како што го паметат моите тетки и чичковци, сите до еден учесници и соработници на Народноослободителната војна и партизанското движење во Македонија: како окупаторска и фашистичка држава, сојузник на нацистичка Германија. Доколку некого во Бугарија го интересира вистината за фашистичкиот карактер на тој режим, еве им линк за тогашното фашистичко движење СБНЛ (на бугарски: Съюз на Българските Национални Легиони), еве им уште еден линк за младинската фашистичка организација „Браник” (формирана по иницијатива на тогашниот нивен премиер, Богдан Филов), а еве им и линк за егзекуциите што „администраторите” ги вршеле врз политичките неистомисленици и цивилното население во Македонија.
  • За жал, тој мој филм во Бугарија никогаш не е прикажан. Со други зборови, таму цели десет години небулозно критикуваат филм што никогаш не го гледале. Доколку некого во Бугарија навистина го интересира да го гледа филмот, еве му линк и за тоа.

Се разбира, сите овие линкови беа достапни сиве овие десет години – доколку кого било во Бугарија го интересираше вистината. Но таму не се води кампања за откривање на вистината, туку за нејзино сотирање. И таа кампања само навидум е против мојот филм, а всушност е продолжување на идеологијата поради која Бугарите загубија една балканска и две светски војни.

Во таа кампања цели десет години пукаа со најтешката медиумска, политичка и интелектуална артилерија, менажерија и бижутерија што ја поседуваат. Против мојот филм и мојата земја за екипата на Бугарија досега настапија: разни новинари што одработуваат за тајните служби, уредници на платен список на политички партии, благонадежни режисери, недоквакани историчари, наапани национал(социјалистички) романтичари, недуховити телевизиски ѕвезди со естрадни и политички амбиции, европратеници од неофашистичка провиниенција, погрешно зачешлани министерки, премиери со манири на улични силеџии, силеџии со премиерски аспирации, како и сите можни маалско-медиумски шовинистички ѕверки што конечно ги добија своите пет минути слава.

Сѐ живо извадија на бојното поле, освен една работа: не извадија фраер.

Се обидов да го преведам ова и на бугарски за да можат сите таму да ме разберат, ама не успеав – се чини дека не само што немаат таков човек, туку немаат ни таков збор.

Нејсе. Кога ќе го најдат (ако го најдат) и човекот и зборот, веднаш нека го пратат во Македонија – да уживаме барем малку во оваа нам наметната битка, борејќи се со достоен противник.

Но сѐ додека не го најдат, предлагам да ги ставиме на игнор.

До некоја наредна светска војна,

Дарко Митревски

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе