ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

„Брачна игра“ со Весна Петрушевска и Игор Џамбазов мириса на нешто ептен лично

Во Македонскиот народен театар, на 8 мај 2016 година, во 21 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Брачна игра“ според текстот на Едвард Олби, во режија на Тони Михајловски и во која ликовите ги играат Весна Петрушевска, како Џилијан, и Игор Џамбазов, како Џек.

Претставата „Брачна игра“ е поставена на малата сцена во Македонскиот народен театар, која, според генералниот директор на МНТ Дејан Пројковски, е наменета за интимни драми од големи автори каде публиката одблиску ќе може да ги гледа големите актерски ѕвезди, како во овој случај Весна Петрушевска и Игор Џамбазов.

Режисер на претставата е Тони Михајловски, кој по магистерските студии по театарска режија ја поставува својата прва претстава. Михајловски истовремено е уметнички директор на Македонскиот народен театар.

„Како актери многу често ковавме смешни приказни за тоа како настанала професијата режисер, но ќе признаам дека сега тремата ми е многу поголема како режисер на претставата ’Брачна игра‘ отколку кога учествував во други претстави како актер. Но, актерството и режијата одат рака под рака, а мене постојано ме интересирала таа професија која се грижи за големата слика, за естетиката, за правецот на претставата“, рече Тони Михајловски во најава на претставата.

Тој потенцираше дека да се режираат Весна Петрушевска и Игор Џамбазов е најлесната работа на светот, бидејќи се талентирани актери, мајстори на занаетот и луѓе кои знаат што бара сцената, што нуди текстот и кои до дното, по хоризонтала и вертикала, ја разбираат актерската игра.

Суштината на претставата е брачната игра и отвора повеќе прашања и дилеми. Брачна меланхолија!? Здодевност!? Баруштина!? Очај!? Здодевност!? 50 години!? Хистерија како гром од ведро небо!? Караница!? Здодевност!? Брачни проблеми!? Тоа па тоа!? Кој е лудаков!? Здодевност!? Што бара во мојот живот!? Џилијан и Џек!? Весна и Игор!? Јасна и Перо!? Маре и Нико? Тука? По градов? Некаде во соседството? Бла бла бла... Кај на сваќата внуката од брат? Кај кумовите? По дома? А? Познато? Мириса на нешто лично? Мириса на нешто многу лично!

„Ако тргнеме од фактот дека бракот е основната клетка на едно општество во социјалното живеење, каде сѐ треба да функционира беспрекорно, бидејќи од домот потекнуваат сите работи, во претставата ќе видите дека сѐ е дисфункционално. Во претставата го играме бракот така како што 90 проценти брачни двојки го ’играат‘ бракот. Со многу скриени работи, со многу вистини и многу лаги. Претставата ја играме во ова време, на точно место и со јасна цел“, објасни актерката Весна Петрушевска.

„Брачна игра“ на Едвард Олби гарантира феноменално патување низ нервниот систем на Џилијан и Џек! Конфликт до коска! Тешки прашања сѐ уште без одговори. Психоанализа до баналност! Трагика до комичност! Љубов до омраза! Брак до развод, и назад! Феноменална забава, божем на туѓа сметка. Џилијан и Џек, како Весна и Игор или Весна и Игор како Џилијан и Џек!

Со подготвувањето на претставата „Брачна игра“, актерот Игор Џамбазов се уверил во повеќе работи.

„Како прво, се уверив себеси дека сум бил во право кога одлучив да не се женам по вторпат. Претставата ќе ја паметам и по огненото крштевање на Тони Михајловски како режисер и сигурен сум дека ќе биде подобар режисер отколку актер, а знаеме дека е одличен актер. Трета работа по која ќе ја паметам претставата е што не се сеќавам за некоја друга претстава, уште од времето на дедо ми (Петре Прличко), дека на еден месец пред премиерата биле готови костимите, сценографијата, реквизитата, била избрана музиката, биле направени проби на шминка и фризура, наместено светло. Значи, пробите ги правевме на комплетно наместена сцена. Така што најбитно ни беше не кога, туку како ќе излезе финалната поставка на претставата“, објасни Игор Џамбазов.

Како поента од претставата, режисерот Тони Михајловски ја посочи мислата на авторот Едвард Олби: „Добриот брак не прави од двајца еден, туку прави од двајца добар брак, а корисен брак создава индивидуалци.“

Извршен продуцент на претставата е: Симона Угриновска

Продуцент: Виолета Дамевска – Ѓоргиева

Преведувач од англиски: Весна Петрушевска

Костимограф: Елена Пандева

Изработка на костимите: Модно студио - Елена Лука

Сценограф: Илина Ангеловска

Реализација на сценографијата: „Флорис“ од Кочани

Музичка илустрација: Игор Џамбазов и Весна Петрушевска

Дизајнер на плакат: Срѓан Јаниќијевиќ

Светло-мајстор: Илија Тарчуговски

Тон-мајстор: Ненад Трпеноски

Инспициент: Александар Рајковски

Видео оператор: Димитар Димитров

Суфлер: Зорица Благоевска

Реквизитер: Златан Бојчевиќ

Гардеробер: Валентина Чонкова

Изработка на фотографиите: Fashionel

Фризерски услуги: Инфинити Студио

Т.Д.

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе