Бајруш Мјаку: Политиката е влезена дури и во џамијата, а камoли во театарот

Театарот бара жртвување, но пред сè бара самоуверување. Тоа значи дека мора да бидете подготвени да се жртвувате себеси за театарот ако сакате да дојдете до резултатите. Но, ако мислите дека треба да влезете во театар од единствена причина само за да обезбедите плата, како што и се случува, можам да кажам дека таму нема и нема да има театар. Може да ви изградат згради што ќе чинат милиони евра, да ви понудат услови, но на театарот треба да му се даде нивото на еден вистински театар, добра политика, разновиден репертоар на автори, режисери, вели во интервју за МИА актерот и директор на Детски театарски центар, Бајруш Мјаку.

Дали и сега се играат претстави од познати автори како и порано?

-Всушност, во Детскиот театарски центар, но и во Детскиот театар во Чаир, го подготвуваме репертоарот на таков начин како што ни дозволуваат условите. Условите се тие. До оваа година имавме симболична сума од 500.000 денари од Министерството за култура за да ги реализираме проектите, што не е доволно за изведување претстави. Ние, со оглед на тоа дека во институцијата нема ниту еден вработен, институција што функционира вон рамките на Владата, се снаоѓаме со прватни продукции. Со оглед на тоа дека нема вработени, тргнувајќи од фактот дека немаме актери, немаме технички персонал, ние мораме сите да ги плаќаме со сопствени средства. Впрочем, ние се обврзуваме на тоа, само за да ги реализираме претставите. Во нашиот репертоар имаме претстави каде што ги анимираме децата, им пружаме детски задоволства, како што во послединте години е и Куклениот театар, кој во голема мера им недостигал на децата од албанската задница. За нас, главно, било да се обезбедат текстови, кои биле со тројца или четворица актери, а не со повеќе. Тоа не значи дека претставите биле неквалитетни. Во однос на авторите, четири години по ред во нашиот репертоар биле Езоп и неговите басни, и ова е факт дека во овој театар се работи со такви автори кои навистина им испраќаат пораки на децата, кои самите тие знаат да ги примат и спроведуваат на свој начин. Инаку, освен Езоп, моментално на репертоарот го имаме и Јетон Незирај, еден од новите и квалитетни драматурзи во регионот со „Ветерници“. А исто така на репертоарот го имаме и чешкиот автор од светски размери Карел Чапек со преставата „Под кревет“, која се изведува секој ден за учениците од основните училишта.

Колку политиката има влијание во актерството и културата?

- Политиката, како и во сите други институции, и во културата има свое влијание. Во моите изјави сум кажал дека политиката нашла свој начин како да навлезе дури и во џамија, таму каде што верниците одат на молитва, а камоли во културните и здравствените институции. Во однос на тоа дека директорите на институциите се поставуваат од партијата која е во владина коалиција, постојано кога се менува коалицијата се менуваат и директорите со својот тим. Но тоа што ме загрижува најмногу е дека ако директорот е член на таа партија, која е во владина коалиција, зошто и актерите треба да бидат во таа улога, кога актерот воопшто и секаде на светот и посебно јас лично имам претпочитано да бидам секогаш опозиција на власта, но како што вели доктор Стокман во „Непријателот на народот“ од Ибсен: „И опозицијата на опозицијата“. Значи, во секој момент кога партијата или луѓето кои ја раководат партијата или биле погласни во партијата или во владината коалиција, кога не биле во право сме знаеле да им кажеме дека не е така и дека треба да се најде друг пат. Би сакал во иднина политиката да е многу далеку, надвор од сите културни, образовни и здравствени институции. Би сакал луѓето кои се занимаваат со креативност и култура да ги заборават боите, да не бидат обоени партиски и да бидат свои, но, за жал, таквите се малку и тоа ме загрижува.

 

Ваша генерална процена за актерството во Македонија.

- Јас ѝ припаѓам на една генерација што почна на штиците на театарските сцени во 70-тите и прашањето за перцепцијата на театарот, на генерациите уметници, би го споделил во минатата генерација каде што припаѓаат актерите од мојата генерација, на кои театарот им беше страст, кои го носеа театарот во себе, знаеја да се жртвуваат за театарот. Денеска, со длабоко убедување и големо жалење велам дека не гледам ниту еден од актерите, уметниците на подоцните генерации и новите генерации кои се снабдуваат со актерски дипломи во различните академии кои ги имаме многу и наместо сега да имаме квалитет и да ги собереме во театри сите оние кои навистина ќе имаат што да дадат за театарот, кои имаат страст за театарот, да работат со страст и да им е мисија, а не професија или само да се најдат на листата за плата. Ова прави да се чувствувам лошо и кога имаме предвид гледајќи го ставот и начинот на поддршка на проектите кои се реализираат во театар, каде за жал една значителна бројка актери велат „те молам, ќе бидам многу среќен ако не бидам дел од овој проект“. Ова прави да се чувствувам лошо. Театарот бара жртвување, но пред сè бара самоуверување. Тоа значи дека мора да бидете подготвени да се жртвувате себеси за театарот ако сакате да дојдете до резултатите. Но, ако мислите дека треба да влезете во театар од единствена причина само за да обезбедите плата, како што и се случува, можам да кажам дека таму нема и нема да има театар. Може да ви изградат згради што ќе чинат милиони евра, да ви понудат услови, но на театарот треба да му се даде нивото на еден вистински театар, добра политика, разновиден репертоар на автори, режисери. Да не се обидуваме да покажеме патриотизам со тоа дека еве јас правам театар само со режисери од мојата околина, туку да излеземе и надвор од нашата околина и да гледаме и да го земеме тоа што дава во моментот за театарот и со сигурност дека театарот ќе оди напред.

Пред неколку дена Детскиот театарски центар ја одбележа 101-та претстава за 2018 година во соработка со Детскиот театар-Чаир, дали имате соработки со други театри и други театарски центри од земјата и од надвор?

– Ние немаме такви соработки. Имавме само учество на фестивали, и тоа дури од неодамна, бидејќи и не сме имале услови за да аплицираме некаде, за да обезбедиме средства и да бидеме дел од тие фестивали. Учествувавме на фестивалот МЕС во Сараево, што е еден од најголемите театарски фестивали во Европа, како и на фестивалот „Сараевска зима” (Sarajevo Winter Festival,) интернационален мултикултурен фестивал, на кој се претставуваат проекти од различни области на сценската уметност од целиот свет. Со финансиска поддршка од Општина Чаир за одржување на објектот, изминатата година успеавме да реализираме три премиери и 98 репризи, што е голема бројка и гордост за нас ангажираните во овој театар. Во 2018 година остваривме 101 детска претстава за ученици од училишта на општина Чаир, град Скопје и околината. Аплициравме за институционализација на оваа институција и да го трансформираме Детскиот театарски центар во Театар за деца и млади, кој ќе биде единствениот на албански јазик и да биде под финансиска поддршка на Министерството за култура, Владата.

Која претстава од Детскиот театарски центар е најгледана?

- Во Детскиот театарски центар реализираме една претстава и изведуваме 30 репризи, бидејќи сме принудени да дејствуваме на овој начин сè додека немаме актери и тим уметници вработени кои би ги играле претставите во голем број. Претставата која продолжува да биде сè уште на сцена е „Басните на Езоп“ во режија на Бесфорт Идризи, која е направена во 2014 година. Со оваа претстава имавме турнеја во Аноморава, Гњилане, Качаник, Урошевац. Таа е претстава која ја бараат училиштата и децата. Но, и другата претстава „Поштенска бајка“, која е работена од една позната бугарска режисерка од Театарот на кукли од Бугарија, има голем интерес од децата, кои едвај чекаат да ја гледаат.

И на крај, кои се плановите на Детскиот театарски центар за 2019 година?

- На 28 март годинава ќе отпатуваме во Измир, на еден од најголемите фестивали за театар за деца во Турција. Имаме и една друга многу интересна покана со претставата „Поштенска бајка“ од чешкиот драматург Карел Чапек да учествуваме на фестивал со интернационален карактер, што секоја година се одржува во негова чест и се посветува на децата. Ни дојде и едно известување за да аплицираме на еден фестивал за театар за деца во Кина. Аплициравме со три проекти во Министерството за култура и сигурно ќе се повтори успехот на годината што помина. Ако се оствари институционализацијата на театарот, ветувам дека ќе бидеме во секој друг дел од Македонија, почнувајќи од Куманово, па сè до Ресен, и ќе ги задоволиме барањата на децата од основните училишта во земјата.

МИА

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе