Интервју

Атанасова Арсова: Драмскиот аматерски фестивал ги преброди и транзицијата и пандемијата

Синоќа во Градскиот парк во Кочани беше отворено 59. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), а градот во наредните денови ќе пулсира заедно со фестивалот, со аплаузите, случувањата на сцената, музиката... Учествуваат 12 аматерски групи од кои три се од Србија. ДАФ преживеа еден политички систем што исчезна, успеа да ги преживее и тешките години на транзицијата, па и пандемијата, вели директорката на фестивалот, актерката Кристина Атанасова-Арсова во интервју за МКД.мк и нагласува дека тоа е едиствениот драмски аматерски фестивал во земјава oд таков формат. 

И самата Атанасова-Арсова, како и други актери, режисери, организатори, вљубеници во театарот своите почетоци ги врзуваат за овој фестивал, чие седиште веќе 45 години е во Кочани. Taa потсетува дека првиот фестивал се одржал во 1959 година во Битола како Фестивал на аматерските драмски, културно-уметнички друштва и театри. Биенално потоа се одржувал во Скопје и во неколку други градови, а од 1977 година е трајно во Кочани. Досега настапиле близу илјада ансамбли, со околу 10 илјади учесници од нашата држава и странство.

До недела, вели директорката, многу деца и млади ќе ги одиграат своите претстави, а затворањето на ДАФ ќе биде збогатено со целодневен настан „Музичка литература" и концерт на Мизар.

Два месеци сте директорка на Драмскиот аматерски фестивал. Како изгледа да се биде од другата страна на сцената, а воедно од вас да зависи дали добро функционира театарот? Колку се тоа различни улоги? Уметност и организација...

- Јас сум дипломиран актер, вработена сум во Штипскиот театар и точно, навистина сум кусо време директорка. Но ми е многу убаво што ја имам можноста да го водам Драмскиот аматерски фестивал бидејќи со него сум поврзана триесетина години. Моите почетоци беа токму во овој фестивал и во Центарот за култура „Бели мугри" во Кочани. Сега, кога сум на врвот на организацијата, за мене е голем предизвик да ги реализирам сите желби поврзани со ДАФ, фестивалот да го добие сето она што сметав дека му е потребно, да се обидам да ги реализирам многубројните идеи што ги имав во изминатите години. Верувам дека финалниот лик на ДАФ ќе биде силно впечатлив.

Се разбира, голема е разликата од улогата на сцената и тоа да се биде одговорна личност за сè. Кога сте на сцената размислувате за својата улога, за денот кога настапувате и се концентрирате да дадете сè од себе за да се претставите во најдоброто светло. Од оваа, другата страна, се чини е потешко. Мора да ги организирате сите претстави, сите пропратни настани, да обезбедите простор, музика, светло, волонтерите да ги организирате и конечно да се претстатвите како добар домаќин. Да се биде добар домаќин е потребен голем ангажман зашто мора сè да се одвива според планот, воедно актерите и другите гости да бидат задоволни од условите кои сте им ги пружиле. Како за учесниците од Македонија, и учесниците од странство и гостите, така и за публиката.

Но разбрав дека уште веднаш сте се соочиле со проблем. Центарот за култура „Бели мугри" не ви отстапи простор за фестивалот.

- Точно. Годинава за првпат, по 45 години како се одржува овој фестивал во Кочани, нема да има театарска сцена во Центарот за култура „Бели мугри". Но ние не се откажавме, ги надминавме сите предизвици и сепак ќе се одржи 59 издание. Обезбедивме добра техничка поддршка за претставите...

Но зошто? Нели е невообичаено кога дел од финансиите ги дава Министерството за култура, а под капата на министерството е и Центарот за култура? Дали „загирале" различните политички опции?

- Во право сте дека е невообичаено... ДАФ се финансира од Министерството за култура како и од локалната самуправа. Точно е дека во Центарот за кутлура во моментов се реновира големата сцена. Но тоа е голем објект кој располата со повеќе помошни простории, некои од нив се соодветни за нас. В.д. директоката на Центарот го одби нашето барање за просториите. Освен тоа, таа не ни дозволи техничка поддршка во поглед на осветлувањето и звукот. Нејзиниот одговор е дека таа техника ја купил Центарот за култура и дека, не дај боже, нешто би можело да ни прегори. Прашавте дали има политичка заднина. Не знам, не сакам да анализирам дали е така или не е така. Но ќе речам дека се работи за аматерски фестивал кој е сепак многу важен заради своите вредности, заради својата традиција, затоа што е единствениот фестивал во земјава од тој формат, конечно тоа е важен настан за Кочани. Но нема да се оптоваруваме со тоа прашање. Сакам само успешно да ја презентираме убавината на претставите, богатството и волшебствата на аматерскиот театарски ангажман, а притоа никој, ниту од актерските групи ниту од публиката, да не биде засегнат од овој проблем. Концентрирани сме максимално оваа фестивалска недела да помине во најдобар ред на задоволство на актерите и на публиката, сакам сите да уживаат во Кочани. А, проблемот што се појави на нашето локално ниво, ќе го решаваме потоа, по затворањето на ДАФ.

Покрај фестивалот, можат ли жителите на Кочани генерално да бидат задоволни од културниот живот во градот?

- Последните неколку години зборувавме за извесна замреност на културниот живот, делумно и „по заслуга“ на пандемијата. Сепак, градот собира сила и мотивација да се издигне културниот живот на повисоко ниво. Преку театарот ние даваме еден поттик. Но покрај ДАФ, Кочани го има и Петровденскиот ден, како патрон на градот, и Деновите на кочанскиот ориз, кои се исто така големи културни настани кои овде љубоморно ги негуваме. Добро е што имаме поддршка од општината како и од општествено одговорни фирми од нашата општина. Ама, да не ги заборавиме волонтерите. За овој театарски фестивал имаме 45 волонтери, точно колку што години Кочани го има фестивалот. Волонтерите несебично работат, даваат сѐ од себе затоа што се вљубеници во театарот. Ме радува што во нашиот град има се повеќе театарска публика меѓу младите.  Очекувам да имаме доста гости и од другите градови, затоа што Кочани има што да понуди на културен и друг план.

ДАФ опстпојува од време на социјализмот, веројатно и некои аматерски групи се континуитет од тоа време. Вљубениците во сцената се посилни од политиката и материјалните проблеми?

- Точно така. Овој театарски аматерски фестивал опстојува низ два политички системи, се истурка и низ транзицијата, во годините кога многу нешта од сферата на културата исчезнале. Тоа што опстои им го должиме на претходните организациски тимови, на актерите, на градот, на сите оние кои биле ангажирани, но и на сите оние кои несебично помогнале ДАФ да го задржи  нивото.

Идната година ќе прославите јубилеј – 60 години постоење. Како нов директор, веќе размислувате како ќе биде организирано 60.издание?

- Да, уште од понеделник, ден по затворањето на ова издание, ќе почнеме со активности. Првично, ќе ги разгледаме сите идеи што ги имавме за ова издание, а не бевме во можност да ги реализираме со оглед на кусото време во текот на овие два месеци, со цел дел од нив да бидат вклопени во идната програма. Секако, ќе работиме на подоготовка на амбициозна програма и верувам дека тој јубилеј ќе го одбележиме како што треба. Шеесет години не се малку. Верувам дека ќе имаме и многу интересна пропратна содржина. Како што и сега во недела, како своевидено затворање на фестивалот, со поддршка на ДАФ и на Општината, ќе имаме многу интересни содржини. Вечерта финалето е за групата Мизар која ќе одржи концерт во рамки на настанот „Музичка литературата" во организација на рок – хроничарот Тошо Филиповски (Музички архив на Македонија), што ќе биде и прв концерт на отворено на овој голем бенд по 2010 година и прв во Кочани. Меѓу другите, тука ќе бидат рок-критичарот од просторите на поранешна Југославија Петар Јањатовиќ, автор на изданијата на Југословенска рок енциклопедија, неговиот македонски колега Љупчо Јолевски со своите авторски книги, Тошо Филиповски со своите книги за македонскиот рок-енд-рол, како и други личности. Во меѓувреме, меѓу двете фестивалски изданија, јас ќе продолжам да чекорам на театарската сцена во штипскиот фестивал.

П. Џамбазоски

Објавено

Вторник, Мај 24, 2022 - 08:11

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе