Од свет на самотија до позната глумица пред светот со „Медена земја“

Аплаузи за Атиџе, хероината од планината што ги стопли срцата на присутните на крајот на Македокс

Со доделувањето на наградите, премиерата на документарниот филм „Медена земја" на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и концерт на групата Фолтин во Куршумли-ан вчера беше затворен 10. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс". Хероина на вечерта беше Атиџе, главниот лик во документарниот филм „Медена земја", која како лавица се бори со секоја тешкотија во планината.

Меѓу оние што беа наградени беше и тимот на овој филм, а меѓу нив пред многубројната публика излезе и Атиџе, главната хероина во филмот.

Облечена во жолти шалвари, во исто време и збунета и среќна, таа срамежливо излезе пред љубопитните очи на гледачите што со нетрпение чекаа да го погледнат филмот за нејзиниот живот.

Ѝ дадоа награда, а потоа и микрофон.

„Што да кажам јас, ете фала", кратко и гласно рече таа.

И тие неколку збора што ги изговори беа доволно за да измами насмевка на лицата на сите присутни, како и громогласен аплауз.

За време на траењето на филмот, кој беше пуштен под отворено небо на огромно платно, никој од публиката не изговори збор, туку само воздивнуваа.

Сцените за животот на Атиџе беа полни со емоции, сцени без технологија, без основни услови за живот, мачни, тешки и сцени што само може да си замислите дека постојат. Жената на возраст од 55 години на чие лице секој миг, секоја минута од животот оставил понекоја трага, храбро и решително се бори и движи низ патеките од планината на која го минува времето, но и низ животните патеки.

Но Атиџе не се грижи за тоа што ѝ недостига во нејзиниот живот, ниту пак размислува што лошо може да ѝ се случи. Суровоста на животот не ја остава со умот да заталка на ништо друго освен на тоа да обезбеди пари продавајќи го медот од дивите пчели, и да ѝ донесе храна на својата неподвижна и болна мајка.

Во трошната одаја, која е сведок на секоја нејзина солза, нема светло. Има само мало прозорче до кое на стар кревет лежи болната мајка и која поради проблемите со видот не успева да види дали е ден или ноќ. Три години мајката на Атиџе не излегла надвор. Контакт со светот ѝ е само ќерката.

Надвор излегува само Атиџе, „Лавицата од планината" која сама се бори со волци, со студот, со сиромаштијата, со самотијата, буквално се секоја препрека која ќе и застане на патот.

Медот кој го произведува, половина го продава, а другата половина ја дели со пчелите.

Брзината на реките ја победува со силен чекот, оди по дрва, по козји тесни патеки од кои за миг може да се струполите и да паднете во бездна.

Ама таа чекори и не мисли да падне, оди смело и секогаш успева да ги мине сите опасности и да се врати кај својата мајка.

Со тешка торба на рамо, но со лесни чекори успева да стаса и до Скопје каде што на пазар го продава медот.

Сè пазари смело, решително и човечки. Таа во главниот град е умен и чесен трговец кој успева да продаде, а потоа со банани во раце се враќа кај мајка си да ја нахрани. Освен банани, ѝ носи и лубеница.

Болната жена ѝ вели на Атиџе дека многу се мачи со неа, и дека откако ќе умре, треба да се омажи. Но Атиџе не се откажува. Бидејќи нејзиниот карактер е цврст колку целата планина што ја гази под нозе за да преживее.

Не се омажила, бидејќи нејзиниот татко ѝ ги вратил сите стројници.

Во дел од документарниот филм Атиџе се соочува и со семејство што се населува до неа и кое таа ги нарекува „дојденци".

Повремено од тешкото секојдневие мислите ѝ ги одвлекуваат игрите со децата од ова семејство. Атиџе никогаш не станала мајка, но со својата питомост, скромност и искреност успева да ги придобие овие деца.

Но нивните родители не се толку дарежливи кон пчелите и природата и живеат со мисла да заработат, но не и да им остават половина мед на пчелите.

Во моментот кога Атиџе се обидува на радио да најде прием за да се поврзе со светот и да ѝ пушти песна на својата мајка, која никогаш не чула музика, жената умира.

Атиџе музиката што успева да ја пушти на радио ја заменува со солзи и силен плач.

И таа зима останува сама. Покрај неа, освен самотијата, е и кучето што го хранела.

Кога снегот ја покрива цела планина, Атиџе застанува на нозе и оди кон истата козја и стрмна патека со која почнува документарниот филм „Медена земја". Онаму каде што почнува, таму и завршува, до карпата во дупката каде живеат пчелите.

Таа не се плаши ниту од глад, бидејќи знае каде да најде мед и да го убие гладот. Самотијата ја убива со борба за подобро утре и со цврсти чекори низ снегот, кој го топи и го претвора во вода за да ја угаси жедта.

А последната вечер од фестивалот „Македокс" Атиџе ја претвори во бура од емоции, но и од изненадени лица за тоа каков може да е животот на едно човечко битие.

По завршувањето на филмот, громогласниот аплауз што траеше неколку минути и гласното „Браво" од публиката, која стана на нозе за да ѝ оддаде признание, доволно зборуваа за тоа дека целата публика ѝ се поклонува.

Се поклони и Атиџе пред публиката, а нејзините очи светкаа од среќа. Таа покажа како од жена скриена во дувлото на планината во трошна куќа, успеа да му се насмевне на светот и да испрати порака дека среќата е во малите нешта, а храброста на една жена го носи токму нејзиното име, Атиџе.

Филмот „Медена земја", кој е номиниран и за Оскар, од денес ќе може да го погледнете и во „Синеплекс", каде што ќе ги доживеете и сцените за кои нема зборови да се опишат.

Катерина Додевска

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе