Се чека разврската за случајот со Тозија

Антикорупционерите ја „тресеа“ Агенцијата за филм, истрагата по пријавите во тек

Членови на Државната комисија за спречување на корупцијата неделава биле во посета на Агенцијата за филм и ја проверувале законитоста на работењето на директорот Горјан Тозија. Во ДКСК пристигнале неколку пријави за сомневања во законското работење на Тозија како директор на Агенцијата за филм, по кои веќе се води сериозна истрага. И Министерството за култура побарало извештај за финансиските трошења во Агенцијата.

Освен разговори со повеќе лица кои биле засегнати од начинот на одлучување на Тозија и на Управниот одбор на Агенцијата за филм, членови на ДКСК биле и во Агенцијата за филм.

Според пријавите, ДКСК води истрага за незаконска распределба на средства за 27 проекти без исполнување на основните услови за исплата на тие пари. Еден од главните услови за добивање на одобрените средства е поднесување на банкарска гаранција од страна на продуцентските куќи пред исплатата на секоја рата за секој проект поединечно. Според наши информации, такви банкарски гаранции не биле поднесени за време на мартовската и априлската исплата, за која одговорните лица на Агенцијата за филм тврдат дека била дел од планот за помош за филмските рабитници во услови на пандемија.   

Сомневањата се сведуваат на тоа дали овие 27 проекти ги исполниле условите пропишани со Законот за филмска дејност, дали ја комплетирале претходната фаза на развој/претпродукција и дали поднеле банкарска гаранција за наредната рата од исплатата. Има сериозни сомневања дека ништо од ова не било исполнето. Вонредната состојба не може да биде алиби за директорот да ги злоупотребува овластувањата. Законот за филмската дејност вели дека корисникот на средства (продуцент) е должен по секоја фаза од реализацијата на филмскиот проект до Агенцијата за филм да доставува извештај за потрошените средства и тоа е услов за добивање на средства од Агенцијата за следната фаза на филмскиот проект. Со овие наводни прекршувања на Законот, се влијае и на тековната селекција на филмските проекти доставени на конкурсот затоа што се фаворизираат проекти кои не ги исполниле сите претходни обврски.

Од Агенцијата за филм се повикуваат на членот од договорите во кои се споменува „виша сила“.

Тозија на 24 јуни на конференција за медиуми изјави дека тие 27 проекти се завршени со снимање или во финална монтажа. Во член од договорите, постои „виша сила“, па не гледал потреба од банкарска гаранција.

„Доколку дојде до виша силa, не треба банкарска гаранции, подоцна ќе се најдат. Не треба такви некои документчиња малечки, со кои навистина административно е оптеретен еден филм. Се надевам со новиот закон, ќе ги решиме тие работи. Се повикав на тој член, консултирав правници, адвокат кој е на Агенцијата“, рече Тозија.

Една недела подоцна Агенцијата за филм информираше дека предвремената исплата на проектите е направена врз основа на веќе дефиниран и предвиден буџет, а македонската продукција во полн ек работи на филмските проекти за кои се потпишани договори во период пред настанувањето на ковид-кризата и се дел од тековното работење на Агенцијата. „Што значи дел од текстот дека Агенцијата даде зелено светло за исплата без банкарска гаранција, не е точен бидејќи договорот е склучен со постоење на банкарски гаранции, но истите не се активирани, бидејќи нема потреба штом проектите се или завршени или во завршна фаза, а мерката „виша сила“ како член во договорите е само уште едно покритие дека во вонредна ситуација, се дозволени мерки кои ќе му помогнат на продуцентот да го финализира проектот“.

Од Министерството за култура велат дека немаат сознанија за законскиот основ според кој се потрошени средствата и за тоа дали средствата се потрошени наменски согласно Законот за филмската дејност.

ДКСК го испитува и начинот на финансирање од страна на Агенцијата за филм на Друштвото на филмските работници на Македонија, кое во целост застана во одбрана на работата на Тозија. Членовите на ДКСК не добиле и убедливи докази за пријавата за класичниот судир на интереси на новинарката Ана Василевска и финансискиот советник Бранко Петровски кои се јавувале во двојна улога во процесот на одлучување за проектите финансирани од Агенцијата за филм - и како членови на Советот за филм, но и како подготвувачи на материјалите (рецензии и финансиски проценки) за состаноците на Советот.   

Во Законот за филмската дејност се разграничени надлежностите на филмскиот совет, филмските рецензенти и финансиските советници, поради што едно исто лице не може истовремено да биде и филмски рецензент односно финансиски советник и член на Филмскиот совет.

Во ДКСК има и пријава од приватно лице од Тетово за повлечени пари од една продукциска куќа, како и за договорот со хрватски филмски работник и „дебелиот“ хонорар за него, за што МКД.мк веќе пишуваше уште во мај минатата година. Се води и истрага дали Агенцијата за филм и Вардар филм пред почетокот на кампањата се користеле за правење партиски реклами.

Од ДКСК велат дека се води сериозна истрага, дека се побарани документи од Агенцијата за филм, од Министерството за култура и дека кога ќе биде комплетна целата документација, ќе се донесе одлука во врска со наводите за наводна корупција.

Против Тозија има и кривична пријава за кршење на авторските права за дистрибуцијата на филмот „Ослободување на Скопје“.

А.Д.

Информацијата дека коронавирусот може да се пренесe преку допир со готовина, дополнително ги мотивираше луѓето да се ослободат од банкнотите. 

повеќе

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе