Интервју со Наум Пановски и Лордан Зафрановиќ

„Агенцијата оневозможи филм за коруптивната стварност во која Македонија секојдневно се убива“

Навистина не е јасно кој се плаши толку многу од Лордан Зафрановиќ и Наум Пановски. Зошто? Македонија ја има сѐ помалку, а нејзините граѓани, оние што се сметаат себеси за Македонци, се избришани од официјалите документи и стануваат безимени суштества. Ова што го направи Агенцијата за филм е обид да се оневозможи филм за разорната моќ на корупцијата и нејзините ефекти врз животот на поданиците во таков болен систем, велат во разговорот за МКД.мк режисерот Лордан Зафрановиќ и сценаристот Наум Пановски, автори на проектот за нов игран филм „Улица Орце Николов бр.10“.

Последната одлука на Агенцијата за филм за доделување средства за нови играни филмови не е прифатена од сите филмаџии. Пред два дена со отворено писмо се јави режисерот Антонио Митриќески, а вчера и Државната комисија за спречување на корупцијата побара утврдување одговорност за работата на Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм. Работата на Тозија за време на целиот негов мандат беше следена со скандали и сомневања за неговата работа, но тоа за власта не беше доволно за негово разрешување.

Од последната одлука незадоволни се и авторите на проектот „Улица Орце Николов бр.10“.

Режисерот Антонио Митриќески реагираше на одлуките на Агенцијата за филм за доделување пари за нови играни филмови во Македонија. Тој вели дека постојано едни исти автори се фаворизираат, дека преовладуваат претприемачки, должничко-доверителски, трговски (гласините велат дури и коруптивни) односи во македонската кинематографија, за сметка на уметничката и естетската вредност. Се согласувате ли со ова?

Зафрановиќ: Не ги знам доволно деталите и причините за ваквата одлука и малку сум затекнат од неа. Не верував дека Агенцијата за филм нема да има слух за еден ваков современ, урбан, снажен филм. И покрај тоа што Наум ме информираше дека е донесена одлука одамна и дека нема да добиеме поддршка, јас просто не можев да поверувам во тоа. Јас верував дека филмот ќе ја има поддршката. За вакви чудни одлуки и деформации кои ги има насекаде на просторот на некогашна Југославија и пошироко сум говорел многу. Овде само ќе повторам уште еднаш дека квалитетот на сценариото е целосно небитен за луѓето кои одлучуваат. Таквото решение и однесување на локалните моќници не е ништо ново за мене. Финансиерите, републичките фондови за филм некако секогаш наоѓаат некоја лажна причина, со сите пофалби за некое дадено сценарио со кое сум конкурирал, зошто тоа не треба да добие поддршка и зошто јас не треба да работам филм. Тоа е така е зашто јас сум надвор од тие мафијашко-политички ситуации и комбинации. Ако е режисерот близок до некој политичар тој ќе добие пари и ќе направи некој филм кој му е само нему битен, тоа е некој приватен филм кој после премиерата и гостувањето на некој периферен фестивал никој нема да го види. Тоа е небитен филм, филм за ништо, филм без каков било општествен ангажман или критичка острица. Тоа се импотентни филмови. Тоа е состојба надвор од мене и во која јас тешко се вклопувам. И што ако знаете, во фондот на Македонија конкуриравме со извонредното провокативно политички ангажирано сценарио кое Наум и јас го стокмивме, и се случи тоа што се случи. Агенцијата остана глува и слепа за квалитетите на овој проект.

Пановски: Тоа што колегата Митриќевски го тврди веројатно е вистина и верувам дека тој има сериозни причини и докази дека е тоа така. Тој ги знае работите од внатре и верувам дека има уште многу да каже за овие злоупотреби. И треба да ги каже. Што се однесува до мене, за разлика од Лордан, јас не сум како што вели тој затечен. Ниту пак сум нешто посебно погоден.

Зафрановиќ вели дека сте ја имале информацијата уште многу порано од официјалната одлука на Агенцијата за филм.

Пановски: Јас за тоа кој добил средства агенцијата бев приватно информиран од доверливи извори, многу, многу пред одлуката да биде официјално објавена. Прво ми беше кажано усно преку телфеон, уште на крајот на април годинава. Подоцна, на 27 мај добив приватна порака во која се вели „...од тоа што сум чул Милчо пак зема пари на овој конкурс, а и Лабина”, а нешто подоцна на 17 јуни, стигна уште една слична приватна порака од друг извор, која вели: „...инаку колку што дознав од фондот, наводно им се дадени нови пари на Милчо, имал ново сценарио после Врба, и на ****** сестри Митевски, (од нив нема куртул додека се живи ќе цицаат МКД пари), за нивниот нов филм, Најсреќниот човек на светот.”

Значи прво, сето тоа веќе било договорено и одлучено одамна во некои тесни кругови на македонското политичко подземје, и второ сета таа врева и препукување, сите тие тужби закани и сета таа забава за јавност биле само една фарса, една панаѓурска травестија за луд народ на едно неморално, раскарано семејство, кое им дава легитимитет на сите властодршци во Македонија, и кое еве сега е во огромен фингиран судир околу поделбата на и онака мизерниот финансиски колач. Односно сето тоа било само за да се покрие вистината, односно да се покрие манипулацијата со одлуките на фондот кои се веќе однапред договорени, а парите меѓусебно поделени... Е сега дали е тоа корупција, криминал, непотизам или селска бакалска трговија, по углед на главните бакали во Македонија кои секојдневно тргуваат со интересите на државата, тоа  јас не го знам. Кога би имало правна држава во Македонија, можеби работите поинаку би се развивале. За жал во Македонија нема правна држава која ќе донесе правда на нејзините ограбени, излажани и злоупотребени граѓани. Ако ги видите роднинско-кумовско-другарските испреплетености на затворениот круг постојани цицачи на млеко од кравата музара по име Агенција за филм, лесно ќе заклучите дека патот на корупцијата и нејзината заштита ве води дури до самиот врв на македонските неморални политичари. Тие се како пантличара која го уништува не само македонскиот филм, туку и севкупната македонска  култура, а и самата македонска држава. И тоа уништување и разградување на Македонија се одвива од внатре. На Македонија не ѝ треба непријател од надвор. Нејзините алчни и превртливи политичари се доволно силни непријатели на Македонија да ја разорат од внатре до последна трошка.

Меѓутоа се надевам дека антикорупциската комисија ќе поведе постапка како што најваува, и дека нема да си дозволи да се компромитира, и ако е навистина сериозна во нејзините најавени намери, треба да поведе вистински истраги во врска со сѐ она за што се товарат луѓето од и околу Агенцијата за филм и кои имаат личен лукративен интерес од ваквите нарушени и злоупотребени процеси. Тогаш можеби полека и ќе се врати довербата во правните институции.

Вашето сценарио е неверојатно актуелно, опфаќате речиси сѐ она што денес ни се случува - криминална власт, коруптивни политичари, немање вредности, шарени револуционери и нивното брзо пропаѓање... Можете ли да тврдите дека тука можеби е и причината за ваквиот однос кон вашиот проект?

Пановски: Па видете, јас и не верувам дека одлуката е заснована врз некои сериозни естетски стандарди кои се применети во одлучувањето и дека тие „стандарди“  се причина да се одбие сценариото. Лордан прекрасно го објасни тој бласфемичен процес. Тоа е обид да се оневозможи да се направи еден сериозен критички филм за коруптивната стварност во која Македонија секојдневно се убива.  Ако погледате само кој сѐ јавно го поддржал овој проект до сега, од Синоличка Трпкова, преку професорката Весна Шопар, па новинарката Соња Ајановска,  која вели дека е тоа едно брутално ремек дело, па професорката Елка Јачева-Улчар, па сѐ до академик Катица Ќулафкова и ценетиот и искусен филмски критичар Благоја Куновски - Доре, ќе видите дека се работи за проект од исклучителна општествена важност и со исклучителен квалитет. Токму затоа верувам дека се работи за политичка пресметка. Пред сѐ, пресметка со мене. Дека е ова една типична политичка репресија и одмазда заради мојата остра критика на овие полуписмени насилници, потписници на нелегални договори, и креатори на сегашниот октроиран Устав на Македонија, е многу јасно. За мене тоа е вистинската причина зошто проектот не е поддржан од Агенцијата за филм. Жал ми е само што во целава ова ситуација Лордан е колатерална жртва на мојата постојна критика на власта. И на онаа претходната која почна со еден глупав идентитетски инженеринг, и на оваа сега која е во процес на еден нов, уште поопасен идентитетски инженеринг. Дали се тоа идеалните ученици на Сталин или на некој друг диктатор не е битно. Резултатот е ист. Македонија ја има сѐ помалку, а нејзините граѓани, оние кои се сметаат себе си за Македонци, се избришани од официјалите документи и стануваат безимени суштества. Лордане, извини што ти, кој толку многу ја сакаш Македонија си не заслужено казнет.

Зафрановиќ: Нема потреба од извини. Ние сме соработници. Ние исто мислиме и затоа се бориме да го направиме овој филм. Нашата критика на општествените дискрепанци и девијации, нашата острица вперена кон сите репресивни власти, никогаш не им  била по волја на авторитарните режими. Зар не сум јас иста таква жртва во Хрватска или пак зар не сум бил подвргнат на полички притисок и прогон заради моите филмови и ставови и во некогашна Југославија.

Мене навистина не ми е јасно кој се плаши толку многу од Лордан Зафрановиќ и Наум Пановски. Зошто? Македонија би требало да биде среќна што има такви луѓе како тебе. Вистинска креативна бомба, полн енергија, знаење и талент. Бистар, умен и високо образован човек, што би рекла мајка ми Маре, „он ти је Лордане школован човјек”.

Ќе поднесете ли тужба против против Агенцијата поради ваквата одлука?

Пановски: Што се однесува до таа несреќна официјална одлука на Агенцијата, за тоа немам доволно информации во овој момент, за да можам да размислувам дали би преземал какви било легални постапки.

Агенцијата работи тотално нетранспарентно, не се знае кои се луѓето кои ги читаат сценаријата и предлозите, дали се тоа квалификувани луѓе, под кои услови се тие ангажирани, кои се нивните квалификации, дали можеби постои некој конфликт на интерес во нивниот ангажман? А не се знае ни кои се членовитe на Советот кои одлучуваат за проектите на предлог на читачите на сценаријата... Сѐ е тоа прекриено со превез на една мистична затвореност и тајновитост. А тоа е методологијата на секоја мафија. На секое племенско клановско однесување.

Поточно речено продуцентот на филмот Дејан Илиев сѐ уште нема добиено официјално известување и објаснување/образложение зошто е проектот одбиен. Токму  затоа не можам да говорам за преземање некои правни мерки во овој момент. Освен тоа, тоа не е моја работа, туку колку што ми е познато тоа спаѓа во делокруг на одговорноста на продуцентот во која јас ниту имам право, ниту пак сакам да се мешам.  

Господине Зафрановиќ, во една прилика рековте дека по распаѓањето на Југославија јасно ви беше дека сите тие „самостојни, мали, изолирани држави ќе бидат безначајни на светската мапа и дека ќе почне внатрешниот грабеж. Сега се сите самостојни и практично ограбени земји. Тоа се земји со изглед на пустина“. Овој ваш проект е токму еден обид да се отслика таа пустина. Па како очекувавте тогаш еден таков систем да даде пари за нешто што говори токму против неговите актери?

Зафрановиќ: Јас мислам дека еден вистински демократски систем треба да се воздигне над секојдневието и над ситничавата политичка прагма. Односно да биде над својот краткорочен дневен политички интерес. Демократската власт треба да ги остави уметниците да се бават со уметност и кога таа нема да биде по волја на власта. На кралевите можеби нема да им се допадне нашиот филм, но глорификувањето на грдата власт и на властодршците од страна на просечните уметници е обичен клиентелизам и додворување на опресорот. Тоа е евтина политичка пропаганда. Опасна и за самото општество и самата држава. Секој кој си ја сака својата држава мора да биде критичен кон неа. Но за жал, како што вели стариот шакал Онасис, парите не мирисаат. Важно е да се пари. Важно е да се продадеш, па макар и евтино. А тоа е сѐ поочигледно во ова турбулентно време во кое живееме без идеи, идеологии и морални вертикали. Наум и јас не припаѓаме на тие плитки реализатори кои се во уметноста дојдени само да дрпнат пари. Ние сме подготвени дури и по цена на изопштување и отфрлање од нашите средини, и по цена на прогон од нашите родни држави да работиме и да правиме филмови кои се критичко око на нашата стварност и кои имаат релевантна порака за генерациите што доаѓаат по нас.

Пановски: Мислам дека оваа остра критика на корупцијата и не е нешто најлошото што е речено  за неморалот и корупцијата во оваа држава и каков злочин е сторен врз неа. Па зар не е еден од основните услови за влез во ЕУ прво да се расчисти со корупцијата во Македонија. А темата на филмот е токму тоа, разорната моќ на корупцијата и нејзините ефекти врз животот на поданиците во таков болен систем. Од друга страна таквиот однос на државата кон уметноста само го потврдува нејзиниот репресивен карактер и недостаток на одговорност кон сопствената држава и кон нејзините граѓани. Сценариото само ја отсликува реалната состојба во Македонија. Нашето сценарио не ја создава таа состојба. Таквата состојба ја создадоа и сѐ уште ја негуваат политички игноранти и полуписмени дилетанти, алчни грабливци и лиживагани, луѓе без личен интегритет. Со еден збор корисни идиоти, како што ги нарекуваат надвор од Македонија. А ние само со сценариото викнавме кралот е гол.

Во сценариото ја има и оваа реплика: „Погледни го овој јаден град, таму долу, тоа се едни огромни гробишта... а она таму горе... зад нас... тоа е неговиот крст... Оваа земја е мртва, многу одамна. Но, нема никој тоа да му го каже на тој народ долу“. И ова решение на Агенцијата за филм се вклопува во оваа севкупна тишина. Што понатаму со вашиот проект?

Зафрановиќ: Ние сме непоправливи борци... ќе се бориме за филмот затоа што знаеме дека имаме исклучително вреден материјал во нашите раце. Знаете, властодршците ќе ги снема еден ден, но делата кои уметниците ги направиле како огледало во кое се огледува грдотија на власта и нивните злодела остануваат. Без некоја лажна скромност, но многу тирани денес веќе нема на ова балканско поднебје, но „Окупација во 26 слики“ е сѐ уште тука меѓу нас, да опоменува на тоа зло. А ние вака или онака овој филм ќе го направиме. Патот до него можеби ќе биде потежок и подолг, но сепак филмот ќе се случи... затоа што филмот е појак од сите политичари.

Пановски: Кога во далечната 1992 под принуда заминав од Македонија зад мене оставив држава, а сега пред мене се простираат само осакатени парчиња од таа некогашна држава. Токму затоа и мораме да го направиме овој филм. Тој е еден скромен омаж на државата, за нашиот град кој од реалното се преселил во идеалното, во нашите сеќавања. И како што вели Лордан, ова е наш аманет до генерациите што доаѓаат по нас. Да паметат и да се борат.

Александар Дамовски

Објавено

Петок, Јули 24, 2020 - 08:28

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе