Кинотека на Македонија

25-години од премиерата на „Пред дождот“

Кинотеката синоќа свечено ја одбележа 25-годишнината од премиерата на „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, најуспешниот и најзначајниот игран филм во македонската кинематографија, со промоција на мапа со репродукции на постерите од светската дистрибуција на филмот и со проекција на филмот.

На промоцијата присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска.

Мапата содржи репродукции на постерите за „Пред дождот“ од 30-на земји и е издание на Кинотеката, кое ќе биде достапно во нејзината книжарница.

За мапата зборуваше филмската критичарка Марина Костова која соработуваше на овој проект на Кинотеката. Таа е авторка на книгата „Дожд - светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“ и на монографијата „Манчевски“. Костова зборуваше за речиси 10-годишниот процес на архивирање на одгласите во светскиот печат за „Пред дождот“ што следеа по освојувањето на Златниот лав во 1994, кога филмот играше во кината на 60-на земји и на уште толку фестивали во светот проследено со илјадници текстови и објави во медиумите.

„Од оваа перспектива, тоа беше повеќе од архивирање и документирање на успехот на еден филм. Тоа прерасна во архивирање и документирање на етаблирањетто на една млада земја на светската мапа, проследено со громогласниот аплауз што „Пред дождот“ го доби во светот“, рече Костова.

На оваа неформална филмска вечер посветена на филмските сладокусци беше присутен и актерот Раде Шербеџија, кој го игра главниот лик во филмот, како и дел од останатата екипа на „Пред дождот“ Петар Мирчевски, Мето Јовановски, Александар Микиќ, Нино Леви, Сузана Киранџиска...

По тој повод Шербеџија изјави:

„Во тоа време „Пред дождот“ за мене беше спас. Јас тогаш живеев во Лондон и кога се запознавме, после кастингот кога ја добив улогата, Милчо ми рече дека ја пишувал баш за мене. Го прашав како за мене кога не ме ни познава. Ми рече дека уште од дете ги гледал сите мои филмови и дека Живојин Павловиќ е неговиот најомилен режисер. Таа интима, тоа што го има во неговите филмови е таму оти тој ги создавал тие дела уште од дете, тоа го прави голем автор. И сите тие големи режисери и глумци, од Стенли Кјубрик до другите големи со кои после работев, сите ми имаат кажано дека „Пред дождот“ е еден од најдобрите филмови што го виделе. Сакам да му кажам фала на Милчо што бев дел од неговиот сон“.

Милчо Манчевски раскажа анегдота кога по премиерата на фестивалот во Венеција во 1994 организаторот му кажал да биде во близина оти можеби ќе треба да се врати. Тој заминал за Лондон. „Едно утро ми се јави една жена од фестивалот и ми рече дека треба да се вратам во Венеција зашто ќе добијам награда. Ја прашав - добра? Ми рече - мислам дека ќе ти се допадне. Ме праша под кое име ќе дојдеш во Венеција, оти не може под твоето за да не дознаат новинарите дека си тука и да објават пред фестиваот дека си добил награда. Ми текна на името Васко, по еден братучед кој неодамна беше починал. А презиме - ме праша таа. Е не знам презиме, ѝ реков. Ме праша може ли Гонзалга. Ѝ реков може. И така кога дојдов во Венеција на аеродромот ме чекаше човек со табла на која пишуваше Васко Гонзалга. До почетокот на церемонијата за награди не знаев дека сум добил Златен лав. Тоа е една приказна за името и идентитетите“, рече Манчевски.

Вчера на пладне во Македонската академија на науките и уметностите и во организација на Кинотеката на Република Северна Македонија, а со поддршка на Вардар филм, беа исто така одбележани 25 години од премиерата на „Пред дождот“, каде свои обраќања имаа академик Таки Фити, претседател на МАНУ, директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, видеообраќање имаше и проф. д-р Виктор Фридман, надворешен член на МАНУ. А свои темелни излагања за филмот презентираа и дописниот член на МАНУ проф. д-р Марјан Марковиќ, на тема „Македонскиот стандарден и дијалектен јазик во филмскиот опус на Милчо Манчевски“ и проф. д-р Славица Србиновска, на тема „Естетиката на гледната точка во нарацијата на Милчо Манчевски“.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе