Осврт

Со тимска работа Националната галерија на Македонија стана вистински храм на уметноста

Националната галерија на Македонија во 2018 година прослави 70 години од своето основање. Јубилејната година беше предизвик да се реализираат импозантен број изложби и настани во трите објекти на Националната галерија на Македонија (Даут пашин амам, Чифте амам и Мала станица) со огромна посветеност и професионалност на целиот тим на НГМ предводен од директорката Дита Старова Ќерими.

Ретроспективните изложби на дела од Борко Лазески, Ибрахим Кодра, Адем Кастрати, Драган Попоски-Дада и Танас Луловски заедно со централната свеченост на одбележување на јубилејот, која се одржа на 5 декември во Даутпашиниот амам, се дел од многубројните активности на Националната галерија на Македонија (НГМ) во текот на 2018 година. Одбележувајќи го јубилејот 70 години од основањето Националната галерија на Македонија се докажа како храм на ликовната уметност и двигател на културниот живот во Македонија.

„Ние сме денес горди, но и исполнети со големо чувство на одговорност што на нашата генерација ѝ е дадена историска можност да биде современ дел од синтезата со големите основоположници на Галеријата, со нивната обединувачка акција и богатото ликовно творештво, пред сè со основоположниците на македонската ликовна уметност и на Националната галерија на Македонија: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Димчо Коцо и другите уметници од тој период“, истакна д-р Дита Старова Ќерими, директорка на НГМ, во својот поздравен говор до присутните на свеченоста со која беше одбележан јубилејот на НГМ.

Истата вечер беше отворена изложбата „Почетоци за паметење“, со која беа претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење на галеријата.

За дејноста на институцијата говореше и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, кој подвлече дека МАНУ и НГМ имаат една природна, органска поврзаност.

„Уште во 1948 година кога беше поставена и формирана Националната галерија на Македонија, нејзините основни цели и задачи беа јасно дефинирани, да го евидентира националното културно богатство, да го собира, да го откупува, да го презентира пред пошироката јавност и, се разбира, да ги презентира и современите текови на ликовното творештво, и мислам дека ако се погледне развојната траекторија на оваа значајна национална институција, таа апсолутно ги исполни поставените и дефинирани задачи“, рече академик Таки Фити.

Јубилејот беше одбележан под покровителство на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој подвлече дека ваквите национални установи служат и помагаат на идните генерации да се поврзат со историјата и делата на тие кои живееле пред нас, а истовремено и да градат интеркултурно општество. На јубилејната манифестација беа доделени благодарници за долгогодишна и успешна соработка со НГМ на Владата на РМ, на претставници на дипломатскиот кор, државни институции и на новинари.

НГМ го почна одбележувањето на 70-годишнината од своето основање со јубилејот „100 години од раѓањето на Борко Лазески (1917-1993)“, кое се случи во февруари 2018 година. Март беше посветен на понежниот пол и во чест на Меѓународниот ден на жената беше реализирана изложбата „Чудесните жени од колекцијата на Националната галерија на Македонија“. Април беше обоен во сина боја, во знак на подигнување на свеста во битката со аутизмот, а почна и едукативната програма „Уметност за сите“, поддржана од Холандската амбасада во РМ.

Дело од Ибрахим Кодра

Програмата за мај донесе уште еден јубилеј достоен за одбележување: „100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра“, светски познатиот албански уметник (22.04.1918, Ишем, Албанија - 07.02.2006, Милано, Италија), кој творечки се развива во светската Академија за ликовни уметности Брера и понатаму другарува и изложува со најпознатите имиња на светската уметност во тоа време, како што се: Пабло Пикасо, Анри Матис, Амадео Модиљани, Жорж Руо, Жорж Брак, Хуан Миро, Оскар Кокошка и други. На изложбата во НГМ беа изложени 50 слики, цртежи и скулптури, сопственост на Фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, Италија, која поседува значајни дела од различни творечки периоди на Ибрахим Кодра.

Дело од Адем Кастрати

Во јуни беше отворена ретроспективна изложба на Адем Кастрати (1933-2000), еден од најзначајните албански сликари кој со своите дела остави траен белег за едно минато време. Кастрати е еден од доајените меѓу албанските сликари во Македонија, каде живеел и создавал повеќе од четириесет години, а станал познат уметник со својата специфична техника на сликање со земја, пристап кој е оригинален и посебен.

Во текот на летниот период почна реализацијата на првата фаза на проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ зрачење и оградување на културното добро Чифте амам“. Значајно е да се потенцира дека за реализација на проектот НГМ доби грант кој го доделува Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија од Федералната програма „Амбасадорски фонд на Соединетите Американски Држави за заштита на културата“ за 2018 година. На потпишувањето на Договорот за грантот присуствуваа Н.Е. Џес Бејли, амбасадор на САД во РМ, и Асаф Адеми, министер за култура на Република Македонија, а доделувањето на грантот претставуваше големо достигнување во менаџерската практика на НГМ и обезбедување на небуџетски извор на средства.

Дита Старова Ќерими, Џес Бејли и Асаф Адеми

Реализацијата на проектот во Чифте амам е предвидена да се одвива во временски период од 18 месеци, започна во јуни 2018 година, а се планира да заврши на крајот од 2019 година. Станува збор за втор грант доделен од страна на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, а првиот грант беше доделен во 2010 година за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даутпашиниот амам.

Во втората половина на годината беа поставени изложбите „Плакатот во Националната галерија на Македонија“, на која беа изложени плакатите кои биле дизајнирани по повод различни изложби во изминатите седум децении, потоа „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско и херцеговски автори“ од колекцијата на НГМ, со која новите генерации имаа можност да се запознаат со историјата на уметноста на овие простори и да остварат возбудлива средба со дела што значат „историја“, „минато“ и што биле и се стимул и инспирација за понатамошни ликовни истражувања, како и ретроспективните изложби на Драган Попоски - Дада и Танас Луловски - Тане.

Ретроспективна изложба на Драган Попоски - Дада

Драган Попоски - Дада (1933) е припадник на првите повоени генерации македонски скулптори, а неговото творештво е длабоко вткаено во развојот и квалитативните дострели на македонската повоена скулптура. Една од одликите на емотивното и интимно творештво на големиот Танас Луловски (1940-2006) е карактеристичното и доследно хиперреалистично сликарство со истенчен сензибилитет во кое е присутна драма, но и убавина и надеж.

Авторскиот тим за ретроспективата на Танас Луловски

Од другите изложби треба да се спомнат и „Ремек-дела од ризницата на НГМ: Изложба на Влахо Буковац“, фотоизложбата на Африм Спахиу од Косово, „Славните портрети на Надар“ во Мала станица, годишната изложба на основните училишта „Дада и јас“, изложбата со дела од првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“, како и годишните изложби на ДЛУМ, Остен и други.

Пред самиот крај на годината во Чифте амам беше отворена изложбата „Бесконечност“ на Петре Николоски, додека во Мала станица беа изложени плакати на Ладислав Цветковски.

Отворање на изложбата „Бесконечност“ на Петре Николоски

Мултидисциплинарниот проект „Бесконечност“ на Петре Николоски директно е поврзан со книжевната форма и со зборот, кои од интелектуално-филозофска поента ќе прераснат во тридимензионална форма која го транспонира чувството на Знаење и Мисла (која е суштина на светот и напредокот, а секако и на историјата, националноста и идентитетот).

Изложба „Бесконечност“ на Петре Николоски

Самостојна изложба на авторски плакати на Ладислав Цветковски беше дел од неговиот уметнички проект „Мои коментари“ од циклусот „Црнила“. Изложбата донесе пресек од 70-тина авторски и актуелни општествено - критички плакати, кои беа објавувани на Фејсбук, а за прв пат беа прикажани во печатена форма во Македонија.

Импозантните резултати на Националната галерија во текот на 2018 година се плод на стручна, посветена и долготрајна активност на целата екипа на НГМ предводена од директорката Дита Старова Ќерими. Стручен и авторски придонес во поставувањето на изложбите имаа кустосите Маја Чанкуловска Михајловска, Ана Франговска, Маја Неделкоска - Брзанова, Маја Крстевска, Кирил Пенушлиски, Горанчо Ѓоргиевски, Александра Зиновска Вилиќ, Татјана Бундалеска, Славица Алексоска, Шќипе Мехмети, како и на другите вработени во НГМ.

Тимот на Националната галерија на Македонија

„Квалитетната тимска работа е лицето на една установа“, потенцираше Дита Старова Ќерими во интервју за МКД.мк, што беше реализирано во текот на годината. Очигледно е дека таквиот пристап носи фантастични резултати. Како потврда на тој факт е што во мај 2018 година Националната галерија на Македонија ја доби наградата на МНК ИКОМ за Музејски проект на годината за изложбата „90 години од раѓањето на Петар Мазев“, која се одржа во 2017 година. Континуитетот на успешно реализирани изложби, исто така, носи успех.

Уште една карактеристика на НГМ е што за секоја голема или ретроспективна изложба подготвува обемен, содржаен, стручен и богато илустриран монографски каталог. По завршувањето на секоја изложба делата се враќаат на авторот или се сместуваат во депоата, а трајната трага ја остава токму печатениот каталог за изложбата. Овој факт е апсолвиран од страна на луѓето во НГМ и огромно внимание посветуваат во подготовката и печатењето на каталозите. Меѓу првите активности на НГМ во 2019 година е подготовката и промоцијата на каталогот за изложбата „Бесконечност“ на Петре Николоски.

Имајќи ги предвид претходните три години и резултатите остварени во 2018 година воопшто не треба да бидеме изненадени ако на крајот од 2019 година освртот кон работата на Националната галерија на Македонија биде уште пообемен, секако, на задоволство на целата културна и ликовна јавност во Македонија.

Тони Димков

Фотографии: НГМ

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе