СКРМ

Синдикатот на културата на РМ истакна низа приоритетни проблеми со кои се соочуваат вработените во културата

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) на прес-конференција, одржана на 05 јуни во прес-салонот на Македонската опера и балет, истакна низа проблеми со кои се соочуваат вработените во културата. Нивните забелешки се однесуваат на пет теми во кои се потенцирани повеќе точки како проблеми за работа во областа на културата.

Носителите на дејностите во културата веќе подолго време се соочуваат со проблеми при работењето кои произлегуваат од лошите и неадекватни правни регулативи, пред сè, новиот Закон за култура и Колективниот договор. Во таа смисла, во продолжение ги наведуваме дел од проблемите кои имаат најголема тежина за кои бараме ургентно решавање, стои во соопштението на СКРМ, кој го пренесуваме во целост:

А) ЗАКОН ЗА КУЛТУРА

1. Укинување на Законот за култура и изготвување на нова законска рамка по урнекот на европските земји. Имено, Законот за култура, со неговите бројни измени, а особено оние од 2014 година е тежок бирократски документ со кој преку воведување на низа одредби преземени од законите за администрација, се врши бирократизација на дејноста. СКРМ има став дека концептот на Законот е целосно погрешен и дека Законот за култура треба да биде една концизна општа рамка од која ќе произлегуваат посебни законски акти со кои ќе се регулира функционирањето на различните дејности согласно нивната специфичност.

2. Изземање на културата од Законот за јавна администрација - Законот не смее да се обликува како средство за контрола на институциите и вработените и како начин на ставање на културата во тесни бирократски рамки сé со цел полесно манипулирање и управување со вработените во овој сектор.

3. Транспарентност во донесувањето на законските акти. Во носењето на законските акти треба да се воведе систем на демократизација на нивната изработка, со создавање механизми сите засегнати страни да имаат можност да придонесат во нивното формулирање. Законските акти треба да се носат по опсежни анализи на состојбите и потребите, изработка на општа и поединечни стратегии, како и во консултации со носителите на различните дејности во културата.

4. Транспарентно носење на годишната програма за работа и нејзино целосно и јавно изложување (наслови на претстави, датуми на нивно изведување, проекти, финансирање и т.н.) како на национално, така и на институционално ниво.

5. Укинување на членот за „ко-продукција“ преку кој се „протнаа“ многу сомнителни проекти изминатите неколку години со што се наруши професионалниот интегритет на уметниците од МОБ и во многу наврати и дигнитетот на установата.

Б) КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР

6. Повлекување на најновиот Предлог-колективен договор изработен од Министерството за култура. Во овој документ се укинуваат сите права од работниот однос.

7. Итна изработка на Колективен договор, со враќање на сите одземени работнички права и корекција на одредувањето на сложеноста на работите за поединечните работни места. Неговото изработување мора задолжително да се изведе во консултации со носители на различните дејности во културата. Имено, со измените на Колективниот договор за култура (службен весник на Р.М. бр. 41/05 од 2005 година) се воведува одредба сложеноста на работните места да се утврдува на ниво на секоја поединечна установа, со задржување на затекнатата маса на пари, што создава невоедначеност на платите во рамки на поединечните дејности, дисбаланс во висината на платите, финансиски хаос и неадекватна проценка на комплексноста и тежината на дејностите.

8. Во однос на изработката на нов Колективен договор предлагаме враќање на одземените права од работен однос, како дневни и патни трошоци, теренски додаток и накнада за одвоен живот, регрес за годишен одмор, платено отсуство за усовршување и едукација, додатоци на плата за успешност во работењето и посебни услови на работа, анекс-договор за утврдување на работните места и работите со посебни и отежнати услови, вреднување на матичноста на установите, скратено работно време за отежнати услови на работа, враќање на одредбите за бенифициран стаж, валоризација на стекнатите стручни и научни звања, дозволени денови на платено отсуство, соодветна цена на трудот во областа на културата во однос на другите плати во земјата и т.н.

9. Внесување на одредби преку кои ќе се врши посоодветен избор на кадарот со давање на поголеми права на аудиционите комисии во одлучувањето со цел објективна проценка на ново примените кадри и подигање на квалитетот на институциите.

10. Преговорите и потпишувањето на новиот Колективен договор треба да се изведе со СКРМ, како единствен компетентен претставник на вработените во културата.

В. КАТАЛОГ НА РАБОТНИ МЕСТА

11. Измена на актуелниот Каталог на работни места. Во него работните места на стручниот кадар во библиотечната, музејската и конзерваторската дејност се изедначени со стручните звања, со што се укинува примарната професија (археологија, архитектура, музеологија, конзервација-реставрација, историја на уметноста и сл.), а истовремено свесно се изоставуаат низа професии специфични за овие дејности. Воедно, извршена е и несоодветна класификација на сложеноста на работните места.

12. Измени во начинот на изготвување на систематизации на работните места, ревизија на статутите и систематизациите во сите институции од културата и укинување на одредбата систематизациите да бидат одобрувани од Министерството за информатичко општество и јавна администрација.

Г) АНТИКРИЗНИ МЕРКИ

13. Укинување на т.н. антикризни мерки - Враќање на одредбите за исплаќање на патни и теренски трошоци за установите кои ја реализираат својата програма на терен, како и исплаќање на адекватни надоместоци на вработените кои учествуаат како внатрешни членови во управни одбори, комисии, надзори и сл.

14. Валоризација на стручните звања преку распоредување на соодветни работни места согласно стекнатото звање и надоместок на плата. Во заштитната, музејската и библиотечната дејност веќе 9 години практично и финансиски не се валоризираат стекнатите стручни звања согласно законите и вработените се „замрзнати“ на затекнатите работни места, со што им се одземени законските и уставните права за напредување во професијата. Сметаме дека новите систематизации и договорите за работа треба да бидат усогласена со стекнатите стручни звања на вработените и воедно да се понуди решение за во иднина да не се повторува овој проблем. Имено, неопходно е да се обезбеди законски механизам за редовно усогласување на стекнатото звање со работното место и соодветните коефициенти на плата.

15. Укинување на владината одлука за штедење, како и забраната за хоризонтално и вертикално унапредување на вработените. Оваа одредба е дискриминаторна затоа што ги става во нееднаква положба вработените во културата, наспроти носителите на државни функции за кои истата одредба не важи, со што се крши Уставот - член 9 став 2 според кој „граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“.

Д) ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ

16. Унапредување на капацитетите на установите на организациско, техничко и образовно ниво. Голем дел од старите објекти на институциите се наоѓаат во мизерна состојба со стари канцеларии, гардероби, руинирани тоалети и стари лаборатории. Во особено лоша состојба се наоѓа Музејот на Македонија, чија зграда прокиснува и се распаѓа, со видливи негативни последици како по музејските збирки, така и по самите вработени. Депоата се во очајна состојба и материјалите кои се наоѓаат во нив целосно пропаѓаат поради несоодветните услови на чување. Во сите установи од културата со години не се инвестира во нова опрема, современи комуникациски и информатички техологии, потрошни материјали, заштитна и ХТЗ опрема, медицинска заштита, одржување и поправка на постоечката опрема и т.н. Државата мора итно да ги преземе сите мерки за подобрување на работните услови.

17. Решавање на хроничниот проблем на недоволна вработеност во полето на музичко-сценските и конзерваторската дејност преку дополнително финансирање и едукација, согласно со препораките на Советот на Европа.

18. Ревизија на начинот на исплаќање на платите, со нивно усогласување со законските одредби и важечкиот колективен договор.

19. Ревизија на казнените одредби во сите закони од областа на културата и намалување на предвидените казни, сразмерно со просечните плати во дејноста и стандардот во државата.

20. Зголемување на платите на носителите на дејноста во културата – платите се мизерни и бараме нивниот минимум да биде двојно од износот на последната просечна нето плата на државно ниво.

21. Враќање на одредбите за бенифициран стаж и соодветна проценка на работните места со зголемен ризик по здравјето и животот на вработените. Условите за стекнување на бенифициран стаж на балетските уметници е несоодветно изменет. Воедно, треба да се испитаат условите за стекнување на бенифициран стаж и/или скратено работно време и кај одредени други професии (оперски пеачи, музичари на дувачки инструменти, конзерватори, фолклорни уметници). Во таа насока треба да се посвети посебно внимание на испитувањата на условите за работа, со финансирање на стручни елаборати за утврдување на условите и степенот на загрозеност на работните места со зголемен ризик и неопходните мерки за нивно превенирање/ублажување.

22. Воведување на стимулативни мерки за подобрување на системот за оценување и наградување, како на пример: наградување според заслугите и степенот на одговорност, стимулација на продуктивноста и квалитетот, уредување на односите меѓу институциите во однос на финансиските надоместоци за извршените услуги, давање на можност за предвремено напредување во кариерата доколку се покажат извонредни резултати, стимулирање на самонадградувањето преку различни видови на награди и сл.

23. Итно донесување на интерни правилници за работа во сите установи од културата, а особено во музејската дејност, заштитата на културното наследство и сценско-музичката дејност.

Од СКРМ известија дека сите нивни барања веќе се испратени до Министерството за култура и новиот министер за култура Роберт Алаѓозовски и се надеваат дека ќе остварат средба по основ на нивните барања.

Исто така, посочија дека бараат ист третман пред законите и во Министерството за култура како и СОНК, додека во однос на изборот на директори во институциите од културата апелираат да се напушти „партискиот принцип“ и да бидат именувани директори кои ќе застанат во одбрана на интересите на институциите и вработените со кои раководат. Упатија и апел до новиот министер за култура да се консултура со компетентните кадри во институциите.

На прес-конференцијата присуствуваа членови на СКРМ од повеќе институции на културата. Во име на Советот на СКРМ барањата ги изнесе Виктор Илиески, а присутни беа и Сања Ивановска - Велкоска од Национален конзерваторски центар, Сања Арсовска од Драмски театар, Александар Пешевски од МОБ, Ана Франговска од Национална галерија на Македонија, Зоран Данилов, Борис Вишин, претставничка од Музеј на Македонија и други.

Т.Д.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе