Модерен дизајн

Седмото издание на Недела на дизајнот во Скопје го носи „Звукот на материјалите“

Темата на седмото издание на Недела на дизајнот во Скопје (Skopje Design Week), кое ќе биде отворено на 22 и ќе трае до 26 ноември во „Јавна соба“, е со наслов „Звукот на материјалите“.

На најпопуларната дизајнерска платформа за афирмација на културните и креативни индустрии на регионот, до 26 ноември ќе се одвиваат пет програмски целини на чело со две големи изложби и првата обука за дизајнерско размислување за деца.

„Годинашната програма е посветена на промоцијата на достапните материјали и технологии во регионов, што треба да бидат основа за развој на нови производи. На Балканот, кој сѐ уште изобилува со природни ресурси што може да се обработуваат за релативно ниски цени, правилната употреба и одново користење на материјалите и постоечките технологии може да им овозможат на дизајнерите револуционерни решенија“, велат организаторите за суштината на темата „Зукот на материјалите“.

Меѓународната изложба Експо-зона годинава ја сочинува микс од 15 етаблирани но и млади и брендови, студентски проекти и иновации.

Земја во фокусот е Унгарија, а на изложбата „Обликување на Унгарија – дизајнот во 21. век“ во „Јавна соба“ ќе се претстават 25 современи млади индустриски дизајнери, иноватори и инженери, кои на најдобар начин потврдуваат дека се потомци на генерацијата од 20. век, која ги постави темелите на унгарската креативност.

Настапите на бендот на џез-пијанистот Васил Хаџиманов и на триото на Георги Шарески ќе ја одбележат досега најдобрата музичка програма на Недела на дизајнот, а концерти ќе имаат и унгарскиот „Михаљи Борбељ и Балкан џез-проект“, српските „Кило Кило Банда“ и „Артан Лили“ и диџеите, кои ќе свират секоја вечер на приземјето и на поткровјето на „Јавна соба“, Алек Сотиров, Флудер, Александар Мисковски и Фреки Фарис.

На 23 ноември, во „Јавна соба“, во популарната кулинарска програма, перформанс ќе има војводинскиот шеф Мирко Веселиновиќ, кој ќе зготви 80 порции од традиционалниот војводински свински паприкаш, а ќе се дегустира и неговата прочуена ракија од кајсија и круша.

Викендот на 25 и 26 ноември ќе се одржат две детски работилници, на кои под водство на балкански експерти децата од 7-14 години ќе научат да развијат дизајнерски производ од идеја до реализација, како и да дизајнираат и да создадат прототип на мобилна апликација.

Неделата на дизајнот годинава ја лансира 4-дневната програма дизајнерско размислување за деца, во соработка со Британскиот совет и Свисконтакт. Во програмата, 20 дизајнери и наставници од регионов ќе бидат обучени од британски ментори да изведуваат настава за дизајнерско размислување за деца од 10-18 години. Програмите за деца ќе стартуваат од јануари 2018 година.

Недела на дизајнот во Скопје е дело на „Јавна соба“ – Центар за дизајн и иновација, во соработка со меѓународната платформа Балканска мрежа за дизајн. Сите активности на Неделата на дизајнот се отворени во „Јавна соба“ и „Лукс мебел и расвета“ секој ден од 08.00 до 01.00 часот по полноќ, а влезот е слободен.

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе

Постојат повеќе административни и технички решенија против плагијаризам што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. 

повеќе

И не само тоа, туку квалитет на слободата. „Слободата нема никаква вредност ако во себе не ја вклучува слободата на грешките" - Махатма Ганди.

повеќе