Интервју

Сашо Татарчевски: Кај нас не заживеа системот на меритократија, односно да се добиваат средства според резултатите

Со професорот и диригент Сашо Татарчевски во изминативе две-три години секој момент беше добар момент за разговор, бидејќи постојано е со ангажмани на повеќе страни, а покрај предавањата на ФМУ во фокусот на неговата работа се хорската и оркестарската музика.

Професорот на Факултетот за музички уметности и диригент Сашо Татарчевски повеќе од 20 години ги вложува своите професионална стручност, љубов кон музиката и животен елан во работата со студентите на ФМУ, но и со повеќе хорски ансамбли и оркестри во Македонија и во странство.

Сашо Татарчевски го почнал своето музичко образование во родната Битола, а дипломира и магистрира на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски – Ѓумар. Досега настапувал со разновидни ансамбли, како Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „Контемпора“.

Од 2010 година е вработен на ФМУ како професор по група предмети од областа на диригирањето и диригент е на Симфонискиот оркестар и Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ, додека истовремено е уметнички раководител и на професионалниот мешан хор „Про Арс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ.

Со студентите од државните факултети за музика ја завршија школската година со концертот „Звукот на идната генерација“ со Македонската филхармонија на 14 јуни. Претходно, успеа да однесе 133 студенти од ФМУ на еден од најзначајните европски музички фестивали во Франција.

Студентите на ФМУ во Белфор, Франција, 2018

Како дојде до настапот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје на 32. Интернационален фестивал на универзитетска музика во Белфор, Франција, и што за нив значеше настапот на тој фестивал?

До самото наше учество на фестивалот во Белфор дојде по подолги контакти и преговори со организаторите на самиот фестивал, кои неколку години ни испраќаа покани за учество со некој од моите ансамбли. Секако, многу од нивните менаџери на разните фестивали и натпревари низ Европа ги следат ансамблите, бидејќи имаат интерес да ги повикаат оние што се најдобри затоа што држат до високото ниво на фестивалот.

Фестивалот е со огромна традиција и се одржа во неговото 32-ро издание. Тоа е најголем фестивал за универзитетска музика и опфаќа секаков тип на музика. Најблиску би го опишал како „Егзит“ во Нови Сад со додадена класична музика во неговата програма. Со тоа што е попосетен од „Егзит“, бидејќи за пет дена го посетуваат неколку стотини илјади луѓе.

Поканата ја добивме со личните контакти што ги имам со организаторите, а на почетокот планирав да одам со симфонискиот оркестар на ФМУ, со кој од оваа година раководам, бидејќи до сега немал можност да настапува надвор од нашата држава. Но, на снимките што ги испратив до организаторите, оркестарот беше заедно со хорот, а на мое задоволство и изненадување нѐ поканија заедно, и оркестарот и хорот, со сите 133 студенти. Тоа не само што е прва група од Македонија која учествува на тој фестивал, туку беше и најголемата група што воопшто некогаш била поканета да учествува на фестивалот.

Тоа беше голема мотивација за нас и исклучително успешно помина нашиот настап таму. Имавме два концерти за кои имаше огромен интерес. Мислам дека зажалија што ни дадоа сала во која собираше само околу 800 луѓе. За првиот концерт салата беше исполнета над капацитетот, а по убавите критики на социјалните медиуми, за вториот концерт имаше публика која ќе исполнеше уште две сали како таа во која настапувавме. Редот за влез во салата се протегаше речиси до центарот на градот, а многу од нив, за жал, не успејаа да влезат.

Нам тоа ни даде дополнителен елан. Можете да замислите за студенти од 18 до 22 години какво доживување е тоа, односно да се почувствуваат како уметници коишто луѓето сакаат да ги слушнат. Искуството што го добиваат на вакви настани е непроценливо. Тоа го имам заклучено и со настапите на хоровите со кои раководам. После секое гостување на фестивал или натпревар квалитетот на ансамблот се подигнува за едно ниво погоре, бидејќи на таквите настани можеме да се споредиме со најдобрите ансамбли од тој тип.

Така што, исклучително успешно испадна нашето гостување на фестивалот, многу повеќе од моите очекувања, а тоа е и заради фактот што организацијата беше извонредна преку пристапот кон работата, начинот на кој се организираше, местата на кои се случуваше, условите што ги имавме за да функционираме таму беа извонредни.

Настап со студентите на ФМУ во Белфор

Одговорноста да се носат толкав број студенти во странство беше огромна, особено што не беше само екскурзија, туку имавме и професионална обврска. Но, без ризик и без превземање одговорност треба да си останеме тука и да си мислиме дека светот се простира од едната до другата наша граница. Свесно превземајќи таков ризик резултатот испадна повеќе од очекуваното.

Има ли некаква „тајна формула“ со која што со секој ансамбл, со кој настапувате надвор од Македонија, се враќате или со награда или со овации на настапот? Која е тајната на успехот?

Не е некоја тајна. Туку едноставно и нормално е дека треба знаење. Тоа е прво и без знаење не може да се случи. На тоа е потребна способност за организација, треба луѓето во ансамблите да се со големи ентузијазам и желба за да се направи нешто плус од тоа што кај нас се бара. Секако, треба и многу работа. Тие се состојките што мора да ги има за да се случуваат такви успеси.

На крајот доаѓаат и личните контакти со многу колеги и менаџери кои се занимаваат со оваа област и, бидејќи средствата кои ги добиваме кај нас се минимални, со тие контакти и довербата која се создава прават да можеме да отидеме и на места каде не би можеле ниту да помислиме, пред сѐ, поради немањето доволно средства. Така што, тие на некој начин нѐ стипендираат, а за возврат добиваат повисоко ниво на нивните настани.

Многу често се случува, како што беше и во Франција, најголемиот дел од престојот да го финансираат домаќините каде што учествуваме. Такво нешто веќе многу ретко постои и се случува во светот, меѓутоа тој факт зборува за тоа што сме оставиле позади нас во досегашните наши учества на такви настани.

Ништо не е случајно и не можете случајно да аплицирате за некој настан и веднаш да ви одговорат дека ќе покријат 80 отсто од трошоците. Едноставно, треба да го познаваат комплетниот ансамбл, или барем раководителот на ансамблот. Во овој случај станува збор за диригентот, кој е најодговорен за квалитетот на целиот ансамбл. На пример, во Франција бевме комплетно финансирани за престојот таму, дури и за дел од патните трошоци.

Спомнавте дека со мали средства се поддржува овој тип на култура во Македонија. Дали е препознаено тоа што вие го правите со сите гостувања и настапи надвор од државата?

Препознаено е во многу тесен круг на луѓе, главно од фелата, од моите колеги-музичари и професори на Факултетот, бидејќи, за жал, некако сме неинтересни за пошироката медиумска јавност. За медиумите, веројатно, многу поинтересни се интриги, политички настани, неквалитетни музички настани кои ќе се изрекламираат до сто и назад, нестандардни настани кои носат многу лајкови на фејсбук-страниците или многу гледаност на порталите. Не можам до крај да откријам зошто е тоа така. Навистина чувствуваме дека апсолутно не е покриено доволно она што го работиме.

Ова се однесува на медиумската јавност, но колку државата го препознава, ако го покрива со мали средства?

Недоволно и, за жал, кај нас не заживеа системот на меритократија, односно да се добиваат средства според заслугите или резултатите кои претходно се постигнувале. Сѐ уште, за жал, функционира моментот на поддржани уметници кои се во добри односи со тие што треба да ги одобрат средствата. Велам за жал и се смеам во себеси, бидејќи веќе години се во прашање, а секоја година со сѐ повеќе резултати сѐ помалку средства добивавме.

Не сакам да зборувам ниту за моментот откако ќе направиме некаков резултат. Системот е сетиран да функционира така што сите очекуваме средства од Министерството за култура, евентуално од локалната самоуправа, а спонзорства веќе не функционираат со децении наназад. Дури и кога ќе се вратиме со оправдани средства, односно со награда, гласност во странство за нашето постигнување, само еднаш се случи во времето на министерот Илирјан Беќири да нѐ покани и да ни даде благодарници од Министерството за култура затоа што средствата што сме ги добиле од нив, колку и да се мали, сме ги оправдале со некаков успех. Тоа е многу нормален начин на однесување, но, ете, се сеќавам само на еден таков момент.

Во медиумите ќе слушнете за 300 чуда, 20 пати ќе слушнете за тотално небитни работи, но за успеси во областа на културата, па дури и во спортот, доколку не се многу атрактивни спортови, како карате, кое, пак, е нашиот најуспешен спорт, едноставно се објавува еден пасус, две реченици и толку. Наместо тие успеси да се подигнат на многу повисоко ниво со присутност во јавноста, не за да има некаква лична корист тој што ги прави успесите, туку да се покаже дека не е сѐ така црно, односно, дека имаме луѓе кои можат да се носат во која било област со било кого во Европа или во светот.

Дали намерно се оди на варијанта тоа да се затскрива, дали целта е да се уништи духот, да се потисне чувството дека сме дел од Европа и светот навистина не ми е јасно! Но, веќе се децении во прашање и истото се повторува со поголема жештина после секој успех што ќе го направиме.

Го лоциравме местото на хорската и оркестарската музика во системот, меѓутоа каде е поставена во однос на популарната или турбофолк-културата. Дали самиот систем ѝ даде предност на популарната култура во однос на класичната уметност?

Апсолутно да. Иако сите ќе ви кажат дека министерствата, во кој било состав, поддржале многу работи, па дури и смешни работи кога се поддржуваше создавање песни за многудетно семејство. Тоа се небулози. Никаде во светот не се поддржува комерцијална култура со финансии од државата. Со системот на функционирање и размислување што се создаде кај нас практично се поддржува некултурата, односно нешто што носи инстант вредности, или лајкови на Фејсбук и во другиот медиумски простор.

Едноставно, таа филозофија заживеа кај нас и ние што се обидуваме да подметнеме нешто поинакво веќе мораме да размислуваме како да го „подметнеме“, односно да го ставиме во некаква обланда што ќе донесе „лајк“, а да подметнеме квалитет. За жал, во таква ситуација се доведовме и така функционираме веќе подолг период. Звучи парадоксално, но реалноста е таква.

Ансамбл „Контемпора“

Ги претпоставуваше ли сите овие работи во моментите кога ја донесе личната одлука да се занимаваш со музика, поточно со хорска музика?

Секако дека не претпоставував, а она што со сигурност го знаев е дека кога ќе се одлучиш за оваа професија кај нас се тргаш од материјалното. Тоа значи дека материјалната сатисфакција е на ниво да се преживее. Тоа го знаев од самиот старт, но посилна беше желбата во мене да се занимавам со ова, отколку разбирањето за тоа што предмалку го кажав.

Меѓутоа, искрено, бидејќи бев помлад, се надевав дека функционира системот на меритократија и дека секој според заслугите добива некакво внимание во општеството. За жал, кај нас внимание добиваат оние коишто имаат најмалку заслуги за каков било развој на што било. И во мојата матична професија ако некои се доволно поврзани со „некои“ луѓе и имаат доволно време да пијат кафе со доволен број новинари, тогаш ќе ги има во медиумскиот простор. Доколку некој работи и создава резултати, а го нема времето да го прави ова другото, тогаш за него ќе се пишува во еден пасус, независно каков е постигнатиот успех.

Награда за Женскиот младински хор во Вроцлав

На крајот доаѓаме до заклучок дека кај нас ништо нема врска од она што би требало да е нормално, но повторно се доаѓа до моментот кој како е создаден. Не можеш да бидеш друго. Иако ќе ги сфатиш сите овие односи и начини како се функционира, и ќе ги видиш сите неправди, сепак, ако си создаден така да нешто те тера да продолжиш да го правиш тоа што го работиш – ќе го правиш.

Кој е твојот личен мотив во целава работа?

Мојот најголем мотив е правењето музика. Навистина уживам додека правам добра музика. Втор мотив ми се едукацијата и воспитувањето на новите генерации, нешто што одамна го снема во нашето образование. Воспитување во смисла на однос кон својата професија, однос кон околината и добивање на самочувство дека никој не е повреден или подобар со самото тоа што е роден на друго место, туку разликата е само во тоа дали имаш доволно желба и мотив, и дали доволно работиш за да стигнеш до одредено ниво. Тоа ми се главните мотиви.

Концерт „Звукот на идната генерација“ Фото: Маја Аргакијева

А може да личи тотално наивно и надвор од сѐ што се случува кај нас да човек има чувство за општо добро. На цена се себичноста, самопромовирањето, немањето чувство кон заедницата во која се живее, не сакам ниту да спомнам „патриотизам“, бидејќи тоа кај нас доби тотално поинакво и многу вулгарно значење. Според мене, патриотизам е најдобро да ја правиш работата што знаеш да ја правиш и да ја претставуваш својата култура и својата земја со сѐ што постои во неа и со сите што живеат во неа надвор од своите граници.

Значи тие се мотивите што мене ме тераат да го работам ова што го работам, и покрај сите овие елементи кои, веројатно, некого многу порано би го премислиле, бидејќи, во суштина, не морам да го правам тоа. Немам финансиска корист, немам ниту корист од некаква медиумска присутност, туку едноставно имам порив да ги правам тие неколку работи што ги спомнав.

Ако навлеземе подлабоко во вашата стручна работа, колку успевате со хоровите и оркестрите да изведете дела од македонски автори, независно дали се современи композитори или се дел од историјата на македонската музика?

Сметам дека е должност, а треба да биде и задоволство, секој уметник да ја претставува својата култура. На ниту еден од настаните немам испуштено да вклучиме македонски автори, па дури и во Белфор, каде со симфонискиот оркестар и хорот немавме можност да вметнеме македонски автор во програмата, но со хорот „Драган Шуплевски“ за нивната телевизија изведувавме дела од македонски автори.

Хор „Про Арс“

Меѓутоа не е само тоа, туку имаме разновидна програма. Не се ограничуваме само на дела од класичната програма, или само академска музика. Со различните ансамбли сме изведувале „чуда“. Со Женскиот младински хор сме снимале ЦД-а со концептуална музика на Александар Пејовски, со „Про Арс“ сме изведувале композиции од современи австриски композитори, кои никој не се нафатил да ги изведе заради сложеноста и нестандардноста на музиката, сме настапувале со „Про Арс“ на концерт за Тоше Проески со наслов „Неговите арии“, со Женскиот младински хор подготвуваме програма за концерт со џез-аранжмани, со различни ансамбли сме учествувале во изведба на различни композиции со фолклорен манир, со „Про Арс“ снимаме музика за различни проекти во студиото „Фаме’с“ и многу други.

Женскиот младински хор при МКЦ во Вроцлав, 2016

Работиме со секаков тип музика, бидејќи според мене музичарот или знае сѐ да направи, или едноставно одбира добра музика, а не стил или жанр, или едноставно е ограничен. Ако се ограничите на едно, тоа мене ми кажува дека има некаков недостаток, бидејќи постои добра и лоша музика, во кој било жанр, стил, па дури и епоха во историјата на музиката.

Со хорска музика имате многу настапи и во државата и во странство, но како заклучок се наметнува дека таа многу повеќе е ценета надвор отколку кај нас?

На нашите концерти постојано имало публика, и многу сум благодарен поради тоа. Одзивот веројатно е поради разновидната програма, но и поради квалитетот, бидејќи веќе не можеме да си дозволиме да го спуштиме нивото на изведбата. Но, генерално хорската музика не е доволно присутна во јавноста кај нас, иако опфаќа голем број млади луѓе.

Инаку, во последно време хорската музика се користи и во психотерапијата и, на пример, психотерапијата во САД ја заменуваат со пеење во хор, бидејќи постојат научни истражувања кои докажуваат дека тоа е апсолутно поефективно отколку одење на психијатар.

Хорската музика е област која може да опфати голем број млади луѓе и заразна е во позитивна смисла, бидејќи станува збор за групно музицирање, за лачење позитивни хормони, за усогласување на срцевиот ритам и затоа не можат да се одвојат од хорското пеење тие што еднаш почнале да пеат во хор.

Хорската музика е интересна и за публиката, бидејќи може да се пее секаков стил. Со тоа што го работам сакам да ги мотивирам и моите колеги да го разиграат репертоарот, бидејќи така не сите ќе им биде поинтересно, и на членовите на хорот и на публиката, а се надевам и на медиумската сфера, со што конечно оваа дејност, во која имаме големи успеси на меѓународен план, ќе исплива на површината.

Токму затоа се зафатив со работа со три хорови на сметка на мојата професионална кариера со оркестрите. Едноставно беше замрена хорската уметност. Се нафатив да ја помрднеме и со неколку мои колеги успеавме во тоа. Но сега ни треба и поширока поддршка за да можеме уште повеќе да напреднеме, не само во професионален аспект, туку едноставно повеќе луѓе да имаат бенефит од хорската уметност. А дел од тие бенефити не се поврзани само со музиката, туку и со менталното и со физичкото здравје на тие што се занимаваат со хорско пеење.

Тони Димков

Фотографии: Архива

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе