Интервју

Раде Шербеџија: Пишувањето е како дишењето, само треба да се собере храброст тоа што е напишано и да се објави

Сите ние добро го познаваме Раде Шербеџија, или, можеби, само мислиме дека добро го познаваме, бидејќи со читањето на книгата „По дождот“, која на македонски јазик ја преведе издавачкиот центар „Три“ од Скопје, може да се откријат толку многу детали и нијанси од неговиот живот што се отвора нов мозаик на луѓе, градови, идеали и спомени.

Македонската јавност најмногу го познава Раде Шербеџија по главните улоги во филмот „Пред дождот“ и претставата и филмот „Ослободување на Скопје“. Неговата актерска и режисерска кариера премостува две времиња, она во времето на некогашна Југославија, кога сними стотина филмови и играше во многу театарски претстави, и времето по распадот на Југославија, кога благодарение на успехот на филмот „Пред дождот“ направи светска кариера, играјќи во филмови на Стенли Кјубрик, Клинт Иствуд и многу други, а каде партнери му беа Ванеса Редгрејв, Шарлиз Терон, Том Круз, Глен Клоуз, Ралф Фајнс, Морган Фримен.. долг е списокот што веќе не е можно сите да се набројат на едно место.

Одличен издавачки потфат направи Издавачкиот центар „Три“ што пред неколку години ја преведе книгата „До последен здив“, а оваа година на македонски јазик се појави и новата книга на Раде Шербеџија – „По дождот“. Книгата сѐ уште не ја имала својата промоција во Македонија, за што Раде длабоко се извинува до македонската читателска публика со ветување дека тоа набрзо ќе се случи. Поради неговите бројни обврски интервјуто што следува го направивме со помош на електронска комуникација.

Насловот на книгата „По дождот“ директно укажува дека пресвртницата на вашата актерска кариера беше филмот „Пред дождот“ на режисерот Милчо Манчевски. Во содржината на книгата (стр. 325) токму тоа и го објаснувате. Сепак, кој беше главниот мотив да ја напишете оваа книга?

Со пишување се занимавам уште од раната младост. До сега објавив четири збирки со поезија („Променљиви“, „Црно Црвено“, „Он неко други“, „Пријатељ га каже више не познаје“). Минатата година ми беше објавена и книга со Избрани песни, со наслов „Странец“. Напишав и книга со проза „До последен здив“, која беше објавена во 2005 година. Така што пишувањето е една од моите активности со кои се занимавам, покрај актерството, режијата и педагошката работа. Исто така, се занимавам и со музика... Сакам да кажам дека немаше некој посебен план за да ја напишам оваа книга.. таа едноставно се појави како логично продолжение на моите писателски активности.

Како реагираше Милчо Манчевски кога го прочита насловот на книгата?

Му беше мило, секако, а уште помило му беше што инсистирав на насловната корица на книгата да биде ставена портретна фотографија од филмот „Пред дождот“, која тој лично ја направи. Всушност, голем дел од мојот живот навистина може да се подели на време пред филмот „Пред дождот“ и потоа, односно „По дождот“... Војната што се случи во мојата земја и која уништи многу луѓе, градови и села, и мене ме зафати. Морав да се отселам од својата земја и да станам еден од најпознатите бегалци од подрачјето на некогашна Југославија. А потоа судбината ме помилува. Милчо Манчевски ми ја даде главната улога во неговиот филм и Александар од Македонија ме направи познат филмски лик во целиот свет.

Книгата содржи многу ситуации, имиња, детали од разговорите со познати личности од филмскиот и општествениот живот. Делумно текстот личи на дневник, а делумно на мемоари. Пишувавте ли дневник во времето на кое се однесува текстот во книгата?

Не, дневници никогаш не сум водел. Ги пишував тие свои приказни од животот што ми се случувал, но има и многу рефлексии на животот што е позади мене. Почнав да ја пишувам книгата, која имаше работен наслов „Грин кард“ (Зелена карта), веднаш по објавувањето на мојата книга „До последен здив“. И веќе имав напишано околу 200 страници, но ненадејно застанав. Неколку години не можев да напишам ниту една единствена реченица. Потоа, мојата пријателка Марина Вујичиќ, речиси, ме присили да продолжам со пишување таму кадешто сум застанал. Последните 40 страници, во кои пишувам за својот татко, ги напишав за една недела. Тоа беше како некаква агонија.

Фрагменти од книгата даваат објаснување за некои ситуации што ви се случувале многу години пред да се случи „Пред дождот“, дека во времето на некогашна Југославија ве следеле агенти на УДБ-а мислејќи дека сте „српски националист“, а од друга страна и Американците биле внимателни мислејќи дека сте „комунист“. На страниците на книгата себеси се дефинирате како човек со левичарско убедување. Дали времето на демократијата донесе баланс меѓу сите идеолошки разлики?

Не сум припаѓал на организацијата на Сојузот на комунистите, но отсекогаш сум бил социјалист. Се залагам за рамноправност на сите луѓе на светот. Мислам дека капитализмот е еден страшен и нехуман општествен систем во кој има толку големи разлики што еден мал дел луѓе имаат сѐ, потоа еден дел луѓе, кои ја сочинуваат средната класа, живеат малку подобро отколку во социјалистичкото уредување, но најголемиот број луѓе живеат бедно и во понижувачки услови, без социјален и здравствен систем и во постојана секојдневна борба за парче леб.. Маса луѓе низ целиот свет се црн пролетаријат, кој буквално не е свесен за својата позиција. Не знам кога ќе се случи, но Светската револуција е неизбежна.

Што се однесува до демократијата во светски рамки, таа е бајка и приказна во која веруваат само политичарите и лажните филозофи. Вистинските филозофи молчат и чекаат подобри времиња за да го толкуваат Новиот свет.

Со ова интервју, практично ја препорачуваме вашата нова книга на македонските читатели. Освен на македонски, на кои други јазици книгата е преведена?

Мојата книга „До последен здив“ беше преведена и на италијански јазик. Оваа (По дождот) е нова и свежа.. наскоро треба да излезе и на словенечки јазик. Но, планирам со драматургот Марина Вујичиќ да почнеме да работиме на верзиите на моите книги на англиски јазик.

Многу работи ве поврзуваат со Македонија, филмот „Пред дождот“, претставата и филмот „Ослободување на Скопје“, многу концерти, многу пријатели од сите општествени кругови.. Какви се вашите чувства кон Македонија?

Кон Македонија и кон луѓето кои живеат во оваа убава држава имам некое посебно чувство. Тоа е љубов на прв поглед. Многу ми се допаѓаат луѓе кои се толку емотивни и мили. Воопшто не е куртоазија ако кажам дека кај вас се чувствувам како да сум дома. И можат да ја наречат како сакаат, но таа секогаш ќе биде држава на „нашите Македонци“, кои се толку препознатливи по својот јазик, по своите најубави песни, по својата благост и по својата историја, која не секогаш била блага кон нив...

Остана ли нешто што не е напишано на овие 365 страници во книгата „По дождот“, а што секогаш стои во вашите мисли и во срцето?

О Боже, колку многу има од тоа што не сум го напишал. Човек и не може да стави во книга сѐ што чувствува и мисли. Книгата е таква каква што се случи.. Веќе се подготвувам да ја почнам мојата следна книга.. Пишувањето е како дишењето.. и само треба да се собере храброст тоа што е напишано и да се објави.

Раде Шербеџија секогаш е добро примен гостин во Македонија, иако во книгата откривате дека имате и македонско државјанство. Какви се вашите планови околу доаѓањето во Македонија и промоцијата на оваа книга?

Бев толку многу зафатен во последно време што долго не сум бил во Македонија. Шест месеци снимав ТВ серија за Си-Би-Ес во Лос Анџелес. Потоа се вратив на Бриони за новата сезона во нашиот театар „Улис“, кој заедно со мојата Ленка и со уште неколку пријатели го водам веќе полни 18 години. Жал ми е што сите овие години не успеавме со „Улис“ да дојдеме во Охрид (на фестивалот „Охридско лето“, н.з.) и да ги изведеме нашите претстави, иако поранешната министерка за култура Елизабета Канческа - Милевска тоа го посакуваше со целото срце.

Но, се надевам дека можеби следното лето ќе дојдеме во Охрид или Скопје или Битола... На Хвар тукушто го завршив снимањето на филмот за големиот хрватски поет Петар Хекторовиќ.. сега се опоравувам од уморот и се обидувам малку да одморам.. но, сепак морам да најдам малку слободно време и да дојдам да ја промовирам мојата нова книга „По дождот“ во Македонија.. и малку да се дружиме со моите пријатели Медо, Милчо, Силвија, Јана, Ана, Влатко, Свето, Зоки и другите.. знам дека со нетрпение ме чекаат „Кај Чамо“ или во „Меана Б“...

Тони Димков

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе

Mоменталната правна поставеност на урбанистичкото планирање не обезбедува соодветна судска заштита на граѓаните.

повеќе