„Ова здружение покажува како може да му се пркоси на едно време и со својата истрајност и масовност го покажа капацитетот за да достигнува резултати. Монографијата е на 50-тина страници, со фотографии и текст, имаме голем број имиња на луѓе чии потписи се на многу договори и така прецизно е показател на времето позади нас. За мене голем исчекор за Здружението е што пред десет години започна манифестацијата 'Пишуваме и твориме на српски јазик' која можам да кажам дека ги надминува и капацитетите на редовната настава“, истакна во обраќањето Милутин Станчиќ.
Здружението е формирано во 1992 година со цел развој на активности од областа на духовниот и културниот живот, обичаите и меѓусебните односи помеѓу македонскиот и српскиот народ.
„Монографијата е замислена како пишан споменик за сите членови кои со голем ентузијазам го градеа и ги испишуваа страниците на 30 – годишната историја на Здружението. Со нивната несебична работа, труд и залагање тоа остави своевиден препознатлив белег во културниот живот на градот и пошироко“, истакна на промоцијата авторката на монографијата и актуелен претстедател на Здружението, Соња Андонов.
Во состав на Здружението успешно работи и културно-уметничкото друштво „Бранко Чајка". На својот репертоар друштвото подеднакво го негува и српскиот и македонскиот фоклор настапувајќи на бројни концерти во градот, регионот, Северна Македонија, Србија и пошироко од каде добива значајни награди и признанија.
На промоцијата Здружението додели и благодарници на поединци и колективи за соработката.