Преименување на музејот на ВМРО, откриени низа нерегуларности

Музејот на македонска борба и државност, на ВМРО и на жртвите од комунизмот  да се преименува  во Музеј на македонска борба за државност и самостојност. Ова го предлага работната група од Министерството за култура која неколку месеци ја проверува документацијата за трошењето на буџетските пари.

Комисијата  предложила до министерството за култура од името да се извади „Музеј на ВМРО“ и „Музеј на жртвите на комунистичкиот режим“.

Комисијата утврдила нерегуларности и  во трошењето на буџетските пари, изработката на елаборатот и прогласувањето на музејот за културно наследство, а експертите се сомневаат и во компетентноста  на луѓето кои учествувале во овој проект. 

Работната група под претседателство на историчарот Александар Литовски и петте членови Донка Барџиева-Трајковска, Елеонора Петрова, Златко Теодосиевски, Гордан Николов и Жарко Трајановски назначена во март, до Министерството за култура доставила елаборат од 31 страница - од увидот и анализата на документацијата во музејот од што произлегуваат и препораките.

Литовски очекува Министерството да ги прифати нивните предлози и стручна екипа да изработи нова поставка.

„Треба повеќе да се внимава на сегашноста и иднината, да поттикнува соработка и соживот, а не да прави поделби во општеството. Сегашната поставка е слика за партизација затоа што доминираат експонати поврзани со основањето на историското ВМРО до сегашното ВМРО-ДПМНЕ, со восочната фигура на Драган Богдановски, еден од основачите на партијата“, рече Литовски.

Според Литовски, од 13 оддели во музејот, осум се чисто за историјата на МРО, ВМРО, ТМОРО..., односно континуитет од 1893 од 1991 година, а и во другите пет оддели повторно, индиректно се зборува за дејците на ВМРО низ историјата.

Донка Барџиева-Трајковска, член на работната група, рече дека анализирале обемен материјал од околу 270 документи за да ја следат хронологијата на изградбата на музејот. Утврдиле дека се прекршени законите за буџет, за спроведување на буџетот, за музеи и за заштита на културното наследство.

„Во првата буџетска година (2007) во ставка за музејска и кинотечна дејност биле наменети 16.600.000 денари. Тогаш првпат и се појавило името на музејот во документација, а одлуката за основање е донесена во 2008 година. Музејот беше отворен во 2011. Крајната сума се 12 милиони евра кои се потрошени до отворањето на музејот. Со тоа што изградбата е ставена во музејска и кинотечна дејност, прекршени се законите за буџет и за спроведување на буџет. Тоа е злоупотреба на пари кои се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската и кинотечната дејност. Законот за музеи е прекршен зашто не се испочитувани условите за формирање музеи, меѓу кои се и изработка на елаборат, кој воопшто не постои. Не била побарана согласност од матичната установа- Музејот на Македонија“, рече Барџиева-Трајковска.

Според Барџиева-Трајковска прекршен е законот за заштита на културното наследство.

„Во 2013 година овој музеј бил прогласен за културно наследство по сила на закон (еџ леге) иако за тоа не биле исполнети условите. А тоа е утврдено со тоа дека музејскиот материјал во самиот музеј треба да биде валоризиран и категоризиран најмалку со вредност од последната категорија-значајно културно наследство. Тоа досега воопшто не е направено, а не пак во моментот на прогласување пред пет години кога го добил тој статус. Истото се однесува и на депандансот - Порта Македонија, за кој не знаеме по кој основ го добил таквиот статус. Во релација со Управата за заштита на културното наследство и Конзерваторски центар во Скопје во процедура е преиспитувањето и бришењето на тој статус. Прекршени се и принципите за музејска дејност бидејќи концепцијата на поставката ја правеле универзитетски професори и историчари, а не музејски работници кои се компетентни и надлежни за музејска презентација. Според неа, тие навлегле во нешто што не претставува наука, туку импровизација затоа што описите на историските личности и сцени не произлегле од фотодокументација, туку од сугестиите на авторите на концепцијата на поставката. Оригиналните документи и предмети се заменети со илустрации според субјективни замисли“, изјави Барџиева-Трајковска.

Според работната група, спорно е што има премногу насилни сцени поткрепени со непотребни аудиовизулени ефекти. Тоа не е работа на музеите, а со оглед дека најбројни посетители се деца од прво до четврто одделение, од работната група рекоа дека требало некој да се заинтересира и за „чувството на мачнина што поставката ја предизвкува по излегување од музејот“.

 

 

 

 

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе