Современ танц

Претставата „Зеро“ носи премиерни изведби на четири кореографии од млади автори

Скопје танцовиот театар, чиј уметнички директор е Рисима Рисимкин, на 31 октомври, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе ја прикаже претставата „Зеро“ во тематската Вечер на млади кореографи.

Претставата „Зеро“ е составена од четири кореографии, од кои премиерно ќе биде изведено делото „Без стоп“ во кореографија и режија на Матеа Киселичка, на музика на Зек Хемси; потоа „Азбука“ на Јакуб Мунко, на музика на Виктор Апостоловкси и Јохан Јохансон; „Еден“ во кореографија на Александра Петрушевска, на музика на Александар Гроздановски и „Јас и вие“ во кореографијана Дејан Битровски.

Во претставата настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар: Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хуса, Јована Зајкова, Сара Цветковска, а свое деби ќе имаат Тереза Лазарев, Бобан Русески и Артемиса Морина.

Матеа Киселичка за својата најнова кореографија „Без стоп“ вели дека е инспирирана од постојаниот ритам на секојдневието: „Денес... Притисок, луѓе, настани... Нагони... Прекини... Правци... Следиш, те следат. Нема простор. Гужва. Како машини. БЕЗ Стоп. Од едно на друго, од едно на друго, од едно на друго, од...едно...на...друго...“.

Јакуб Мунко кореографијата за претставата „Азбука“ ја создава врз база на размислувањето за танцот како „невербален начин на комуникација и лично изразување. Но, што ако го погледнеме од друга страна, како затворен систем кој содржи само 31 движење? Замислете свет во кој сите луѓе се движат на ист одреден начин. Дали тогаш би можеле да разберете што тие сакаат да кажат/изиграат?“

Александра Петрушевска вели дека „појдовната точка во ’Еден‘ е секогаш индивидуалецот, иако групното дејство не е исклучено. Физичката нарација на танчарите отвора нов еластичен простор. Има игра со простор, време, спротивности... и заедно градат една еклектична композиција.“

Дејан Битровски за кореографијата „Јас и вие“ инспирацијата ја наоѓа во размислите на писателот Чарлс Буковски: „...некои го губат имот и стануваат душа, несвесна: некои ја губата душата и стануваат ум, интелектуалност; некои ги губат двете нешта и се општоприфатени...“

Скопје танцовиот театар со почит ја посветува претставата „Зеро“ на прерано починатата примабалерина Јагода Сланева, која беше дел од тимот на театарот.

Скопје танцов театар е првата компанија за современ танц во Македонија, која активно работи, во континуитет на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на европската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика и се занимава со истражување и продукција во областа на современиот танц.

Скопје танцовиот театар има повеќе целовечерни продукции зад себе: „Меѓусвет“; „Орландо“; „Човек во ходникот“; „Хот“; „Потрага“, серијата претстави под име „Импулс“, потоа „О!(тело)“, „СМС (сите мои слики)“, „Блесок“, „Стапнувајќи на земја“, „Кожа“; „Зеро“, како и повеќе кратки кореографии.

Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на кореографите: Џенис Бренар, Шон Скантелбјури, Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун, Тим Персент, Холандија; Катцура Кан, Јапонија; Антонело Тудиско, Италија; Чао Ке, Кина; Антон Рудаков, Нада Кокотовиќ, Германија, а учествуваат и голем број професори-гости од странство.

На сцената на Скопје танцовиот театар свое деби, како млади кореографи имаа: Матеа Киселичка, Љупчо Атанасов, Адријана Атанасова, Дора Кокољ, Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Андријана Андреева, Александра Петрушевска, Јакуб Мунко и Дејан Битровски.

Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, и во странство, и тоа на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, Хрватска (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија (2013), фестивалот „Meet in Beijing“, Пекинг, Кина, и „Open Stage“ програмата во Хаг и Ротердам, Холандија, (2015) како и фестивалот „Share“ во Братислава, Словачка (2017).

Следни гоствања на Скопје танцовиот театар, со претставата „Кожа“ се учеството на програмата „Културна сезона“ во Кина, на фестивалот „Maritime Silk Road Festival“ на 11 и 13 декември 2017 и учество на најпрестижниот фестивал за танц во Европа „Holland Dance Festival“ на 09 и 10 февруари 2018 година.

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе