ЕСЕНСКИ МУЗИЧКИ СВЕЧЕНОСТИ

Концерт, изложба и монографија во чест на басот Георги Божиков - Жоро

На Есенски музички свечености, во организација на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, на 22 ноември, во Фоајето на МОБ, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт во чест на Георги Божиков - Жоро (1931-1986), проследен со изложба и промоција на монографија за Божиков.

Изложбата со наслов „Од уметничкото делување на Георги Божиков“ ја подготвија Димитар Божиков и „Procure Solutions“ од Скопје, а ќе ја отвори Сони Петровски, уметнички директор на Македонската опера. Промотори на монографијата „Жоро - Уметничкиот пат на Георги Божиков - бас“ од Снежана Анастасова Чадиковска се Марко Коловски - музиколог и м-р Крсто Скубев – културолог.

Со арии од Верди, Гуно, Росини, Бородин, Прокопиев, Моцарт и Чајковски на концертот во чест на Георги Божиков настапуваат четири солисти од Македонската опера: Борис Трајанов – баритон, Игор Дурловски – бас, Владимир Саздовски – бас, Тихомир Јакимовски – бас со пијано придружба на Елена Силјаноска.

Георги Божиков (бас) роден е во Петрич. Музичката академија во Софија ја завршил со одличен успех. По студиите бил член на Софиската опера, сѐ до доаѓањето во Скопје, во 1963. Од 1966 год. до 1968 год. со голем успех настапувал во Загрепската опера. Лауреат е на највисоката државна награда, 11 Октомври, во 1969 год.

Како солист-првенец на Македонската опера, Божиков ги толкувал сите главни улоги од басовскиот фах, околу 40 на број! Бил директор на Операта од 1977 до 1983 година. За време на неговото директорување, се отвори оперско студио од кое подоцна излегоа многу солисти, кои го понесоа идниот репертоар. Го дооформи хорот на операта, од 48 на 94 хорски уметници и стана најквалитетен хор на просторите на поранешна Југославија. Ги врати во Македонија Милка Ефтимова и Симеон Гугуловски, кои дотогаш настапуваа како солисти на Љубљанската опера.

Настапувал и како концертен и ораториумски пеач. Пеел на сите југословенски сцени, а гостувал и во повеќе европски и светски оперски куќи. Концертно настапувал со дела од Верди, Чајковски, Глинка, Мусоргски, Даргомижски, Глиер, Рахмањинов, Шуман, и македонските композитори Зографски, Прокопиев, Богданов-Кочко, Скаловски, Бранџолица, Џамбазов, Гајдов, Аврамовски, Стојков и др.

Воедно, за Македонското радио снимил околу 80 дела, од кои поголем дел на македонски автори. Настапувал на сцените во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Софија, Сиднеј, Мелбурн, Детроит, Торонто, Рим, Неапол. Во Франција, Германија, Бугарија, СССР, Романија, Чехословачка, Полска, Канада, Швајцарија и др.

Стручната критика секогаш во суперлативи го оценувала неговото уметничко делување, а публиката тоа го наградувала со искрени аплаузи.

„Георги Божиков веќе 30 години не е меѓу нас, но сѐ додека се играат успешни оперски претстави, сѐ додека солистите на Македонската опера и балет настапуваат во бројни земји низ светот, ќе живее неговата идеа за градењето на ’македонскиот Метрополитен‘. На која и да е ѕвезда сега, сигурна сум дека Жоро, тоа го знае“, нагласува Снежана Анастасова Чадиковска.

Концертот е дел од Програмата на Собранието на Република Македонија, за одбележување на значајни настани и личности.

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе