Современ танц

Искра Шукарова е во организацијата на два настани од современиот танц во Македонија

Во организација на Искра Шукарова, професор на катедрата за современ танц на ФМУ-УКИМ, и во соработка со кореографи од Словенија и САД, ќе се одржат два настани што ќе ја збогатат содржината на случувањата поврзани со современиот танц во Македонија.

Првиот настан ќе се одржи на 31 март 2018 година, во фоајето на МОБ со почеток од 20 часот, каде ќе биде претставена работата на Нелсон Валмор, додека на 29 април во Македонската Филхармонија, во 20 часот, ќе настапи Урсула Еагли од САД, што воедно и ќе го отвори Меѓународниот ден на танцот.

Целта на настаните е да се зачнат нови соработки кои ќе ја стимулираат и ќе ја надградат работата на студентите од катедрата за балетска педагогија на современиот танц при ФМУ-УКИМ. Искра Шукарова во доменот на современиот танц го спојува уметничкиот и едукативниот процес во работата, па затоа соработките и настаните од овој вид се од голема важност, бидејќи практиката на современиот танц на нашето поднебје е сѐ уште во прогрес.

Еагли и Валмор, покрај интензивната соработка и подготовки со студентите, во соработка со Шукарова, ќе ја прикажат својата кореографска дејност и практика, а воедно Шукарова ќе ги прикаже и своите дела што таа ги има изработено за студентите.

По неколкудневните работилници со студентите, на 31 март 2018 година во фоајето на МОБ, ќе се претстави кореографот Нелсон Валмор од Словенија, кој ја истражува разиграноста и кинестетичко-физичката интелигенција во уметноста на повеќе нивоа, како изведувач, танчер, кореограф, кловн, учител, писател, модератор, издавач и продуцент.

Перформансот на сцена ќе биде претставен како отворена работилница во два дела инспириран од играта наречена „Проект М“. „Процесот Плазма“, што Нелсон Валмор го обработува е процес на истражување развиен преку физичката интелигенција како способност и подготовка за создавање на нови движења интегрирани во постоечките.

Нелсон Валмор ќе пристапи на истражувањето и ќе навлезе во процесот/игра преку развивање на кинестетичко-физичката интелигенција за преку движењето да се достигне одговорот на „Што ми е потребно?“, а потоа ќе продолжи со потрагата користејќи различни и постојано менливи движечки изрази.

Способноста да се повтори е основа на секоја техника, така што користењето на документаристичкиот принцип ќе биде една од алатките што ќе се користат за одигрување на играта во „Проект М“. Како изведувачи ќе учествуваат: Искра Шукарова, Нелсон Валмор и студентите од катедрата за современ танц при ФМУ.

Ова се првите од многуте кореографи кои ќе гостуваат како дел од проектот инциран од страна на Шукарова, како дел од НГО „Номад танц академија – Македонија“.

Нелсон Валмор, како дел од проектот „The game M“, ја покани Искра Шукарова во Љубљана во 2016 година, каде заеднички работеа на делото „MC2=Е, movement exhibition“, што всушност беше истражување спроведено помеѓу Шукарова и уметничкиот колектив за арт-технологија „Циркулација 2“.

Како дел од програмата за Меѓународниот ден на танцот, 29 април 2018 година, е предвидено претставувањето на Урсула Еагли, кореограф од Њујорк, која во соработка со нашиот врвен музичар и композитор Џијан Емин се во подготовка на вториот настан со кој ќе биде поттикната и надградена работата на студентите од танцовата катедра при ФМУ-УКИМ.

Насловна фотографија: Филип Кондовски

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе