СКОПСКО ЛЕТО

Две премиерни изведби ќе дадат посилно темпо на скопското лето

Влезот во втората третина од програмата на летната манифестација „Скопско лето“, во организација на Дирекцијата на култура и уметност – Скопје, ќе го означат две премиерни изведби, на балетската претстава „Ла, ла, ла!“ на кореографката Саша Евтимова, со учество на балетски солисти и ансамблот при Македонската опера и балет, и театарската премиера на претставата за деца „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери на Детски театарски центар – Скопје.

Премиерата на балетската претстава „Ла, ла, ла!“ на кореографката Саша Евтимова, со учество на балетски солисти и ансамблот при Македонската опера и балет и со музика од Драган Ѓаконовски Шпато, Тодор Бојаџиев, Димитар Масевски и Дуке Бојаџиев, ќе се одржи на 01 јули (сабота), со почеток во 21 часот, на Плоштад „Мајка Тереза“ (плато пред Македонска Опера и Балет).

Во текстот со наслов „За оние што сонуваат...“ кореографката Саша Евтимова напиша:

„Музиката предизвикува толку многу чувства во нас, спомени, копнежи, мечти, носталгија, работи поврзани со нашето минато. Сентиментален копнеж за среќа. Времињата во кои живеевме, луѓето со кои сме ги делеле тие времиња – ништо не може да го оживее тоа време, тоа сеќавање, тој живот, освен една стара музичка миксана лента. Само таа музика може да ги врати спомените, да ги склопи како сложувалка и напише една страница во книгата на нашиот живот. Секоја миксана лента раскажува една приказна од различно време. Музиката е таа која не води на незаборавни патувања.

Прегрнете ги спомените. Чувајте ги блиску до срцето. До вчера бевме она што денес сакаме да го заборавиме. Направете свој мал свет и ништо повеќе не Ви е потребно. Толку работи има во животот од кои сме се плашеле, а немало никаква потреба за тоа. Сѐ што ни било потребно е да живееме. Сѐ е во нас, а не таму каде што живееме. Не постојат граници, ние самите си ги поставуваме. Ако сме отворени, оптимистични и ако веруваме во себе, тогаш целиот свет е наш. За нас почнува живот, со ново име и нова страст. Сред нешто сиво, сме нашле цвеќе што расте и цвета во нас. За нас почнува живот до овој час. И тогаш сфаќате – само едни очи се најдраги, една насмевка најубава, само едни раце умеат да прегрнат најискрено“, забележала Евтимова.

Идејата за костимите во претставата е на Саша Евтимова, асистент кореограф е Дафина Данилоска Кочевска, светло-мајстор е Милчо Александров, додека испициент е Стефан Пехчевски.

Во Детски театарски центар - Скопје (Стара чаршија) на 02 јули (недела), во 11 часот, ќе се одржи премиерата на театарската претстава за деца „Малиот принц“ од Антоан де Сент Егзипери со драматизација на Тодор Кузманов и во режија на Драгана Милошевска Попов.

Во претставата играат Амар Шапка, Мона Мустафа и Бесфорт Идризи. Сценографијата за претставата е на Енес Деари, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, а видеото го подготви Бетим Зеќири.

Антоан де Сент Егзипери е познат француски писател, по вокација пилот. Роден 1900 година, а загинал во Втората светска војна. Негови најпознати дела се: „Малиот принц“, „Земја-луѓе“, „Воен пилот“.

„Низ добро познатата приказна на ’Малиот принц‘, овојпат ќе пробаме да ја доближиме приказната на малиот принц низ визурата на едно момче, фасцинирано од ликовен уметник, се обидува да најде смисла и радост влегувајќи во некој нереален, волшебен свет, рака под рака со малиот принц.

Малиот принц е, всушност, момче од семирот, којшто првпат доаѓа на земјата сакајќи да открие нешто ново. Патувајќи запознава различни луѓе и суштества и не може да ја разбере смислата на нивното постоење. Го изненадува бесмисленоста, бесцелноста и бескорисноста на нивната работа, силната вообразеност, саможивост, отуѓеност и разбирањето во тоа што го прават. Сфаќа дека љубовта и пријателството треба да ги гради трпеливо и бавно со взаемен придонес.

Ова е современа бајка која ќе треба да се осврне на сите вредности од овој свет. Нашата приказна треба да посочи на нешто што би требало да биде критика упатена кон возрасните кои не можат да ја сфатат вистината за себеси, и сето тоа преку хуморот, ведрината и оптимизмот, како што само децата можат.

Прашањата: Што е тоа што е незаменливо, единствено и убаво? Кој е денес малиот принц, а кој е неостварениот пилот? Дали мислиме дека со убавите нешта и ’малите‘ уметнички дела можеме да го смениме светот, или барем да посочиме кон нешто поубаво? Дали вообразеноста и отсуството на љубовта не прави деформирана слика за луѓето? Како изгледа и што мислиме за луѓето кои се презафатени сами со себеси? Дали сите различни луѓе и суштества, сепак, во едно се исти? Дали знаеме да препознаеме вообразеност? Отсуство на љубовта? – се само дел од многуте прашања кои ќе бидат поставени во самата претстава, со цел децата/публиката да можат да ги дадат нивните одговори или во најмала рака да бидат наведени да размислуваат за горенаведените теми. Исто така, како една од најважните теми во претставата ќе биде простувањето на децата кон возрасните.

Различните светови во претставата ќе бидат доловени и прикажани со видео анимација со што ќе се овозможи сценски да се прикаже сплетот на световите“, објаснува режисерката Драгана Милошевска.

Т.Д.

„Сметам на вас“. Со овие зборови, претседателот Макрон апелираше до граѓаните на Северна Македонија да гласаат за Преспанскиот договор на референдумот на 30 септември 2018.

повеќе

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе