Во МОБ

Директорот Ќазим Асотиќ ја најави годишната програма за работа на националните опера и балет

Срдечна и пријателска средба со новинарите оствари новиот в.д. директор на Македонската опера и балет, Ќазим Асотиќ. Целта на неформалната средба беше подобро меѓусебно запознавање и најава на акценти од годишната програма за работа на МОБ. Асотиќ рече дека за секој настан поединечно МОБ ќе информира благовремено и со повеќе детали.

Македонската опера и балет годинашната продукција ќе ја започне со премиера на балетската претставата „Либертанго“ со познатата кореографка Сабрина Боско од Италија и нашиот дизајнер Александар Ношпал. Нејзината премиерна изведба е планирана за 18-ти април. Сплетот на танго и балет по музика на величествениот композитор Астор Пјацола ќе биде вистински хит за љубителите на убавата уметност.

Паралелно со премиерата на „Либертанго“, Македонската опера и балет ја подготвува и својата прва оперска премиера за оваа година, претставата „Боеми“, за 9ти мај, за почетокот на 46. Мајски оперски вечери. Во подготовката на претставата учествуваат Џанлука Мартиненги, како диригент, и Флавио Арбети, сценограф и костимограф кој што работи за повеќе големи театри, како Арена ди Верона, Салерно, и театарот „Џузепе Верди“.

Овогодишните Мајски оперски вечери ќе бидат во чест на големиот композитор Џакомо Пучини, по повод 160 години од неговото раѓање. Мајските оперски вечери се гордост на оваа институција и еден од најголемите културни амбасадори на Р. Македонија во светот. На овогодишниот фестивал публиката ќе може да ги види и претставите „Тоска“, „Турандот“, „Аида“, како и специјален Балетски гала концерт. Како последна премиера за годинава е предвидена балетската претстава „Ана Каренина“, чијашто изведба ќе биде во месец декември.

Освен овие главни продукциски проекти, Македонската опера и балет ќе организира и музички серијали под мотото „Земјите низ песна“. Овој проект ќе се обиде да им приреди на љубителите на убавата музика незаборавни вечери со песни од одредена земја. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени заедно со врвни уметници од нивните земји. Освен „географски“, Македонската опера и балет планира да направи и „Офф“ програми, тематски вечери како „Ноќ со...“ на чиј репертоар ќе се најдат преработки од врвни музички поп и рок ѕвезди.

Оваа година, Македонската опера и балет планира да направи и предновогодишен маратон. Во празничните денови уметниците во помали состави ќе изведуваат дела од познати автори во текот на целиот ден. Состави од дуа, триа, квартети, дувачки квинтети, гудачки квинтети, клавиристи, оперски пеачи, балетски играчи ќе бидат распоредени на одредени пунктови низ фоајето со свој настап не подолг од 15 минути.

„На овој начин сакаме да ја израдуваме нашата долгогодишна и верна публика и да им ги честитаме Новогодишните празници. Планирани се и солистички настапи на хорот на МОБ, со цел да се доближи хорската уметност до нашата публика“, објасни в.д директорот Ќазим Асотиќ.

После успешниот концерт во Гевгелија, насловен „Љубов низ арија ти подарувам“, се планира проектот да се одржи на повеќе места низ државата со цел да се доближи оперската уметност до граѓаните на Македонија, особено до оние места од кои публиката не е во можност често да патува во Скопје, за да ги проследи ариите на сцената на МОБ.

Исто така, Асотиќ рече дека ќе се работи на обнова на националните дела од областа на операта и балетот, а акцент ќе биде ставен и на програмата за најмладите генерации, бидејќи на тој начин се создава љубовта кон оваа уметност.

Актуелниот директор на МОБ, Ќазим Асотиќ, е фаготист во оркестарот на МОБ и на раководната функција е околу еден месец. Асотиќ потврди дека уметничкото водство на операта и балетот и понатаму останува во рацете на Бисера Чадловска и Олга Панго.

Т.Д.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе