Реакциите не стивнуваат

Оливер Белопета: За брлогот и жабарникот на Министерството за култура

По саботната прес-конференција на Министерството за култура за Годишната програма со резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018, реакциите на уметничките фестивали и самостојни автори на социјалните мрежи и во медиумите не стивнуваат. Тука ја издвојуваме двојната реакција директорот на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета, кој со пост на Фејсбук се јави пред и по конференцијата на Министерството за култура.

Во својот пост на Фејсбук со наслов „За брлогот и жабарникот на Министерството за култура“ по објавата на резултатите Оливер Белопета напиша:

„После мојот пост на фејсбук страната на Скопскиот џез фестивал, објавен пред и по повод саботната прес-конференција на Министерството за култура за Годишната програма со резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 и дводневното нејзино читање, да одговорам на сопствените дилеми и прашања од тој текст.

Тоа што неработен ден е избран за прес-конференцијата и не е нешто посебно. Но, подобро ќе беше пресот да се одржи во саботата длабоко по полноќ (ако болеста за себепромоција стигнала до неизлечивост Министерството ќе донесеше свои камери). А Брлогот наречен Годишна програма воопшто да не се објавуваше на веб-страна или било каде. Заедно со Жабарникот со побарани и доделени суми за аплицираните проекти, во кој се прпелкаат бројни збунети очиња.

Транспарентност? Не. Објавувањето на Брлогот и Жабарникот не го сметам за транспарентност, ниту само за бесрамност, туку за невидена дрскост со обид демонстрација на сила и моќ, во кои лагата е најсилното (дали кај нас сеуште несовладиво оружје?). Најнапред, Брлогот (Годишната програма на Алаѓозовски) во некои делови веројатно излегува од овластувањата на Министерството според Законот за Влада, а засигурно се судира со Законот за култура и дејностите во него. Еден европски Прибе експерт за култура лесно би го потврдил тоа, заедно со разидувањето со европските пракси, а би скренал внимание и предупредил и на одредби од други наши закони, за несовесност во работењето и злоупотреба на службената должност. Малку би го интересирало тој Прибе дилентатизмот и сознанието дека Брлогот и Жабарникот пристигнале од Детска градинка.

Нема дилема дека Годишната програма и порано сакала да се додворува на што повеќе корисници, со крајна цел прибирање повеќе изборни гласови (потврдено како бумеранг). Со последица - надвладување на квантитетот а не квалитетот. Уравниловка која раѓа незадоволство кај мнозинството. И популизам кој поради бројноста на потенцијалните консументи им дава повластен статус на музичките уметници (и “забавувачите“), макар и за нешто повеќе мрвички, наспроти ликовните уметници, поетите, писателите и сите останати. Популизмот, знаеме, беше типичен за претходното Министерство, со таа разлика што најголемиот број проекти кои излегуваа од дејностите или од суштината и вредносните системи на дејностите во културата не се наоѓаа во Годишните програми, тие скриено се реализираа „во тек“, во програмите дури немаше ниту едно парче од Скопје 2014!

Но, со Брлогот и Жабарникот на Алаѓозовски, со рекордниот број прифатени таквите споменати проекти, се разбира, без вредносен филтер и основни конкурсни критериуми, сегашното Министерство за култура ги доведе популизмот и уравниловката до совршенство. Не забележувам дека Министерството за култура жали за изневерените очекувања. И дека е свесно, еве еден пример, дека уште сега е огромно незадоволството токму онаму каде што тоа најмногу ветуваше, кај таканаречените независни културни дејци. И не само кај нив. Многу од „проектите“ во Брлогот и Жабарникот, освен кај последните две Министерства за култура, ни случајно не можеа да се најдат кај претходните, во оние на Баге, Ганка, Унко, Димитров, Ештреф, Ѓунер, Цветан. Наједноставно кажано, шокантно делува енормната бројка на проекти кои со ништо не придонесуваат за културата во државата и кои во старт требале да бидат отфрлени, а не „разгледувани“ и прифатени, голем дел од нив и вон дејностите пропишани во Законот за култура на РМ. Некултура за секого?

Како да излеземе од Брлогот и Жабарникот? Никако. Единствено останува да им дадеме легимитет – со преименување на Министерството за култура. Во: МИНИСТЕРСТВО ЗА КУЛТУРА, ПОПУЛИЗАМ, ЕСТРАДА, ЗАБАВА, ФЕСТИВАЛЧИЊА, МАСКЕНБАЛИ И ТУРИСТИЧКИ ПАТУВАЊА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“, напиша Белопета.

Во целост го пренесуваме и неговиот пост објавен пред одржувањето (на 10 февруари) на прес-конференцијата на Министерството за култура:

„Со известувањето на Министерството за култура дека утре (сабота 10 февруари 2018), во 12 часот во МСУ во Скопје ќе се одржи прес-конференција, на која ќе биде соопштена Годишната програма и резултатите од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 година, се потсетив на шеговитиот, но луциден пост на Миха Задникар, мојот словенечки пријател.

1. Колку што мене ми е познато Министерствата за култура во Европа (мислејќи и на балканските и можните ли исклучоци) не ги објавуваат своите Годишни програми или резултати од конкурси на прес-конференции, туку на сопствените веб-страни. Истото е пракса и со објавите и резултатите од конкурсите на ЕАЦЕА програмите на Европската Унија. Зошто тогаш прес-конференција и тоа без новинарите претходно да ги имаат добиено Годишната програма и резултатите во конкурсот или истите видено на веб-страната на Министерството? Па да веднаш можат да постават и понекое прашање. Дали ова има врска со толку самофалената транспарентност на сегашнатото Министерство (во добар дел точна) или се работи за друго? Дали со ова нашето Министерството сака да даде револуционерен пример на своите европски колеги, како и тие конечно да станат транспарентни?

2. Дилемите на овие прашања, а и на некои други, да бидам искрен, се потикнати од податокот дека прес-конференцијата е закажана во неработен ден (претпоставувам заслужено неработен ден и за новинарите), сабота, кога печатените дневни изданија се веќе излезени како двоброј, а информативните емисии на електронските медиуми содржински редуцирани. Па и оние кои работат на порталите сакаат викенди. Во неработни денови не се држат прес-конференции за тековни обрврски, дури ниту за себе-промоција, да - во случаеви на виша сила, тероризам, временски непогоди...

3. Ниту во неработен ден, оваа сабота, не може да се добие валиден одговор (може само да нема кој да постави прашање) зошто дури во средината на февруари се објавуваат резултатите од конкурсот, што практично мнозинството од подржаните проекти предвидени за првите пет-шест месеци во 2018 година ги прави несериозни или подложни на импровизација. Имајќи ги во предвид вообичаената не само техничка процедура во реализацијата на партиципацијата на Министерството и потребните подготовки за сериозни проекти.

Во времето на вратената слобода на говорот и апелите за принципиелна критичност очекувам моите забелешки правилно да бидат сфатени. За некои (такви постојано лесно се наоѓаат) во нив да не побараат друг мотив, напишаното е пред прес-конференцијата и објавувањето на резултатите од Конкурсот, во кои свои апликации имаше и Установата за уметнички дејности “Скопски џез фестивал“. Се разбира, и без прејудицирање на изгледот на Годишната програма“, напиша Оливер Белопета.

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе

Постојат повеќе административни и технички решенија против плагијаризам што се применуваат од издавачите и универзитетските менаџменти, а понекогаш и државните власти, како што е случајот во Македонија. 

повеќе

И не само тоа, туку квалитет на слободата. „Слободата нема никаква вредност ако во себе не ја вклучува слободата на грешките" - Махатма Ганди.

повеќе