Холивудски успех

Олег Секуловски им ја подари наградата што ја освои во Лос Анџелес на своите родители

Скопјанецот Олег Секуловски победи во категоријата „Најдобра техничка режија, работа со камера, видеоконтрола за серија“ на 71-то доделување на наградите Еми. Станува збор за годишните Еми награди, кои ги доделува американската Академија на телевизиски уметности и науки, а церемонијата на доделување се одржа на 22 септември во „Мајкрософт театар“ во Лос Анџелес, Калифорнија.

Олег Секуловски е роден во Скопје, син е на татко Васил и мајка Ољушка, а веќе 30-тина години живее и работи во Соединетите Американски Држави.

„Кога бев мал, татко ми беше снимател на свадби и јас почнав него да го следам и да му помагам. Од него научив да снимам видео и да фотографирам. Кога отидов во Америка во 1990-тите години, продолжив со студиите во видеопродукција и почнав да работам во мали телевизиски станици. Кариерата ја продолжив во 2000 година, кога се преселив во Лос Анџелес. Тогаш главно работев на вести, но сега главно работам на забавни емисии и спортски преноси“, накратко Олег го сублимира својот живот.

По долгогодишна работа Секуловски стигнува до својата прва Еми-награда, а претходно имал четири номинации за неа.

„Емисијата со која победив се вика ’Доцно доцно шоу карпул караоке прајмтајм спешл 2019 (The Late Late Show Carpool Karaoke Primetime Special 2019)‘, која е компилација од делови на други сериски емисии. Мојата работа е дел техничка и дел уметничка. Во техничкиот дел јас сум одговорен за целиот технички изглед, целата опрема во студиото и целата техничка екипа што го спроведува преносот. Во уметничкиот дел сум одговорен за видеоефекти, графички презентации и општиот естетски изглед на сликата“, објасни Секуловски.

Веќе две недели Олег е во Скопје во посета и на прослава на 70-тиот роденден на својата мајка. На прославата им ја претставил и им ја подарил Еми-статуата на неговите родители како знак на благодарност.

„Се надевам еден ден ќе можам да дојдам во Македонија и да придонесам со своето искуство и експертиза во телевизиските уметности“, рече Секуловски пред да се врати во Лос Анџелес, каде што работи хонорарно во повеќе телевизиски компании.

Промотивно клипче од наградената емисија:

Т.Д.

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе