МАТУРСКА ПАРАДА

Околу 3.000 матуранти ќе танцуваат на плоштадите низ Македонија

На плоштадот „Македонија“ во Скопје, како и во Струга, Охрид, Струмица и Гевгелија, околу 3.000 матуранти на 19 мај, во 12 часот, ќе учествуваат годинашната „Матурска парада“. Организатор и носител на заштитена марка за Република Македонија е Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, која во Скопје манифестацијата ја реализира во соработка со Танцовиот спортски клуб „Ритам Плус“.

Годинашното издание на „Матурска парада“ беше најавено на прес-конференција во ЕУ Инфо-центарот, каде Никола Глигоров и Елизабета Кузмановска од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, Тодор Миладинов од Танцовиот спортски клуб „Ритам Плус“ и Даниела Захариева Адамова, раководител на Сектор за образование на Град Скопје, говореа за подготовките и организацијата на парадата.

„Во ист ден и исто време на различни локации матурантите ќе танцуваат квадрил на музика од штраусовата опера ’Љиљакот‘, со што ќе го одбележат своето матурирање со настан што ќе остане во длабоко сеќавање на секој средношколец, кој заокружува еден период од својот живот и навлегува во полнолетството“, рече Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Елемент кој оваа манифестација ја прави попривлечна и поатрактивна, како за самите учесници така и за најшироката јавност, е што секоја година се прави обид да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места, односно во различни градови. Во изминатите години учесниците од стотина градови од Македонија, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија во седум наврати поставуваа вакви рекорди. Вкупниот број на учесници на „Матурска парада“ во изминатите 15 години во сите градови е повеќе од 350.000 матуранти.

„Пред 11 години околу 300 матуранти ги направија првите чекори во создавањето на оваа манифестација. Сега веќе се создаде традиција месецот мај да биде резервиран за ’Матурска парада‘.

Квадрилот е специфичен танц стар околу 200 години, за оваа прилика е кореографиран, се танцува во редици, а по две танцови двојки го формираат квадратот и затоа се нарекува квадрил, а годинава како дел од музиката ќе биде користена и една салса, како и хит-темата ’Shape of you‘. На овој настан матурантите доаѓаат во контакт и со танцот и со музиката“, објасни Тодор Миладинов од Танцовиот спортски клуб „Ритам Плус“.

Во последните шест години составен дел од подготовките, а и на самата завршна манифестација, е кажувањето на изјавата – заклетвата за ненасилство од страна на сите учесници во сите градови и држави во кои се одржува „Матурска парада“, така што не само што во исто време на иста музика во различни градови младите танцуваат, туку генерациите кои ќе го градат светот во иднина истовремено од различни страни на светот испраќаат порака за ненасилство и толеранција.

„Магијата на матурската парада е во тоа што секогаш одново во овие 11 години ги поттикнувала енергијата, младоста и радоста, силни чувства кои најавуваат еден празник на градот Скопје. Со подготовките за парадата матурантите меѓусебно се поврзуваат и стануваат дел од една голема армија луѓе кои го прославуваат своето матурирање, но истовремено и праќаат силна порака против насилството“, рече Даниела Захариева Адамова, раководител на Сектор за образование на Град Скопје.

Покровители на манифестацијата во Скопје се Градот Скопје, односно Градоначалникот Коце Трајановски, и Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија.

Медиумски покровител е Македонското радио – Радио Скопје, додека спонзори се Секуриком и Кока-кола. Водител на програмата ќе биде Марјана Станојковска.

Во забавниот дел од програмата ќе настапат и учесниците во мјузиклот „Тајно моја“ во продукција на македонската опера и балет: Антонија Гиговска Александар Тарабунов и Симеон Коруновски.

Т.Д.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе