Проектот е организиран во рамките на меѓународната соработка помеѓу „Висарт“, Здружението за визуелна уметност и култура од Нови Сад, Националната галерија на Македонија и Македонскиот центар за фотографија од Скопје. Кустоси се Светлана Младенов (автор на проектот) и Сања Којиќ Младенов, додека уметници-учесници во проектот се Весна Перуновиќ, Игор Антиќ, Стеван Којиќ, Божо Васиќ и Драган Војводиќ.
Божо Васиќ - Илегални имигранти од Њујорк
Фотографијата е уметнички медиум којшто во текот на дваесеттиот век се имплементира во современата уметност освојувајќи свој простор и стана незаобиколна во многубројните различни уметнички истражувања.
Драган Војводиќ - Мртва земја
Со фотографија повеќе не се занимаваат само фотографите на кои им е единствен медиум на изразување, туку таа им стана достапна на сите уметници без разлика на примарниот медиум во којшто се изразуваат.
Игор Антиќ - Сами наспроти стихијата
Благодарение на неа во современата уметност се отворија многу нови можности во процесот на создавање на нови уметнички концепти, како и нивната презентација. Самото истражување и процесот на создавање на делото од идеја до крајната негова реализација се побогати и послоевити благодарение на употребата на фотографијата и новата дигитална култура.
Стеван Којиќ - Самоодржливи системи на апсурдот
Поставката опфаќа различни медиумски форми: фотографија, видео, инсталација, дигитална анимација, интерактивна инсталација и уметничка акција. Во сите овие дела фотографијата има важна улога како интегрален дел од процесот на истражување, важен дел од дијалогот или како сведоштво и документ за изведената акција или уметничкиот процес.
Весна Перуновиќ - Онлајн
Преку видео презентацијата ќе може посеопфатно да се согледа уметничката работа на секој уметник-учесник во проектот, потенцираат од Македонскиот центар за фотографија.