Интервју

Никола Стојковски: Потребна е посеопфатна стратегија што ќе ја конципира, структурира и формулира музичката дејност како систем

Идеен творец, продуцент и автор на музиката и аранжманите на „ФИН Проект“ е Никола Стојковски, артист кој успеа музичката продукција да ја подигне на повисоко ниво. „ФИН Проект“ е присутен на македонската музичка сцена од 2012 година и донесе современ пристап и концепт на електронски аранжмани со фузија на различни стилски изрази.

Како автор и продуцент, Никола Стојковски за МКД.мк открива детали за изданијата на „ФИН Проект“, но и за потребата да се создаде функционален систем што ќе овозможува создавање на професионални музички продукти.

Албумот „Re:vision“ на „ФИН Проект“ веќе неколку месеци го живее својот живот во музичкиот етер. Какви повратни вибрации добивте на звучната порака пратена со албумот?

Албумот „Re:vision“ (односно „Ре:визија“) е достапен за продажба во сите големи музички продавници на интернет низ светот од 26 февруари годинава, откако на мое огромно задоволство, како издавач зад „ФИН Проект“ застана една од најголемите македонски музички издавачки куќи, која е активна на глобално ниво, „М-СОЛ Рекордс“. Во периодот од промоцијата во Музејот на современа уметност во септември 2018 год. до денес, албумот беше достапен само во трите најголеми музички продавници за носачи на звук во Скопје. Но, сепак, првичните реакции, како на публиката така и на критиката се одлични, што ме прави навистина среќен.

Секако, особено за тој впечаток, своја улога имаше и извонредниот видеоспот за песната „Дај некој благослов“ со материјал од филмот „Малиот Бог на љубовта“ на режисерот Жељко Шошиќ, на продуцентската куќа „Кавал филм“, извонредно измонтиран од Атанас Георгиев. Според многумина, ова е еден од најдобрите видео спотови кај нас во последно време. Наскоро планираме промоција и на спот за воведната нумера од албумот „Rising thoughts“, во соработка со извонредниот Иво Ангеловски.

Музичката критика во Македонија, речиси, е пред исчезнување, но вашиот албум доби одлични оценки во Хрватска и според порталот muzika.hr е сместен меѓу осумте највредни албуми издадени во 2018 година. Музичката критика во денешно време има симболично или реално влијание во ширењето на вредностите на еден музички продукт?

За жал, музичката критика во Македонија скоро и да е замрена. Веројатно, тоа е уште една несреќна последица на општата пасивна слика на културната сфера кај нас, не само во доменот на музиката. Ете, и овојпат, музички критичари од Хрватска, Полска, Германија, Србија, БиХ, дојдоа до албумот „Ре:визија“ и дадоа свој осврт, рецензии, простор за квалитетен музички производ од Македонија.

За разлика од кај нас, гледам дека светот во тој сегмент сè уште функционира и секако дека придонесува за ширење на вредностите на секој музички продукт, кој тоа го заслужува. Рангирањето и одбележувањето на овој албум, на ниво на врвните артисти од регионот и светот, се само доказ дека љубовта и посветеноста кон музиката кои ги носам со себе, си го наоѓаат својот пат. Споредбите со имиња, како „Thievery Corporation“ или Нилс Петер Молваер и сл., како и рангирањата на албумот и сингловите на највисоките позиции на регионалните и европските листи, апсолутно ми годат и се потврда за одличниот прием кај критиката.

„Ре:визија“ е четврто студиско издание на „ФИН Проект“ од 2012 година наваму, но Никола Стојковски е многу подолго во музичките води. Што се случува со „Перкашн дискашн“?

Тоа е само една фаза од мојот музички развој, на која со задоволство се присетувам. „Перкашн дискашн“ беше втората генерација ДЏ-и, која успеа скопската и општо македонската електронска клупска сцена, да ја подигне на ниво на тогашните центри на таа сцена од Европа и светот. Веројатно тогаш Скопје и неговиот ноќен живот беа навистина на ниво на европските метрополи. Драго ми е што со Зоран Георгиев (DJ Lephonique) бевме дел од тоа време и процес. Искрено им посакувам на градот и денешните млади генерации во иднина повторно да ја имаат таа можност.

Низ колку фази на развој помина „ФИН Проект“, имајќи предвид дека на различни албуми работите со различни музичари?

Целта и идејата на „ФИН Проект“ на почетокот беше, и во тоа успеа, да го подигне нивото на музичка продукција кај нас, па како резултат на тоа, во соработка со неколку реномирани македонски артисти од различни музички жанрови, преку продуцирање ремикси и организирање ремикс-натпревари, испровоцира и ангажираше голем број млади, но и докажани продуценти, да започнат пракса на обработка на македонска музика. Со тоа се збогати фондот на музика, но и се подигна нивото на продукција. Многу ми е драго што некои од тогашните млади и неискусни музички продуценти денес се луѓето кои стојат зад многу артисти во Македонија.

Следуваше фаза во која, на мое огромно задоволство, соработував со музичари кои ја негуваат македонската традиционална музика и се едни од најдобрите инструменталисти на изворни народни инструменти и вокалисти кај нас, како Даниел Маневски, Ангела Стефковска, Бошко Мангаровски, Елена Христова, Филип Нуне, Никола Николовски, Боби Серафимовски, како и извонредните Влатко Георгиев, Теа Богатинова, Александар Трајковски, Зоран Велковски, кои со своето искуство и музички сензибилитет придонесоа да се родат албумите „Битови и орнаменти / во Македонија“ и „Едно е сонцето“.

Тоа се албумите во кои се обработуваа македонски изворни песни во современи електронски аранжмани („Битови и орнаменти / во Македонија“) и авторска музика која фузира традиционален македонски звук со различни музички жанрови („Едно е сонцето“). Автентичноста на музиката и магијата која со себе ја носат овие два албума, како и приемот на слушателите и критиката, ме прават горд и како музичар, но и како Македонец.

Третиот, актуелен албум „Ре:визија“ е едно ретко музичко искуство - и за слушателите, но и за мене како автор, од неколку причини. Во него се чувствуваат сите музички влијанија со кои јас се градев како артист, емоциите и музичката имагинација. За тоа да е така, огромна заслуга има и Александар Николовски, виртуозот на труба, јас би рекол магионичар, кој секогаш дава доза на музички израз со која слушателот има чувство дека патува без да се движи. Калина Велковска, еден од најмистичните вокали кај нас, Филип Димишковски нашиот најперспективен џез клавијатурист, Иван Петровски на гитара со исклучителната моќ на адаптација во различни музички светови, ја заокружуваат екипата која го донесе албумот.

Исклучително сум среќен и им благодарам, за сензибилитетот и талентот кој го имаат, со што успеавме да го снимиме нашето „македонско трип-хоп танго“, како го нарече еден хрватски музички критичар. Фузија која во себе носи различни стилови, но сепак се чувствува поднебјето од каде таа доаѓа. На албумот како гости, исто така, се појавуваат и Зарина Првасевда со извонредната вокална изведба на нумерата „Визија“, како и Васко Атанасоски (текст и вокал) и Тена Рак (вокал) на темата „Дај некој благослов“, која веќе има завиден успех во регионот и пошироко.

Промоција на „Ре:визија“ на 15.09.2018 во МСУ

Секој албум е издаден за различен издавач. Дојде ли време кога музичарите, покрај авторството, треба да се занимаваат и со издавање, промовирање, продавање на сопствената музика? Има ли институционална поддршка? Постои ли систем кој на авторите би им овозможил да се занимаваат само со музика?

Секој артист на почетокот на кариерата го има проблемот со наоѓање издавач. Но тоа со текот на времето и развивањето и растењето на музичкиот проект си зема свој тек, па работите се местат на свое место. Но, тука работите не стојат баш така. Непрофесионализмот на музичкиот менаџмент и малкуте издавачки куќи со низок рејтинг, кои не само по нивна вина досегнуваат едвај до соседните земји, се сериозна кочница за секој македонски музички производ и артист. Затоа, многу македонски музички проекти останале нечуени, многу од нив и неиздадени, што е навистина жално. Сепак, артистот треба да се занимава со творештво, а за сè друго постои менаџмент. Сведок сум на исклучително квалитетни музички материјали од различни жанрови, џез, рок, хип-хоп и други кои го имаат тој проблем. И јас ги имав тие проблеми на почетокот.

Но, навистина ми е драго што зад „Ре:визија“ застана една од најголемите издавачки куќи од Македонија, реномираната во светски рамки „М-СОЛ Рекордс“. Тоа е издавачка куќа која стои зад повеќе од илјада артисти од целиот свет, издавајќи нивна музика и грижејќи се за нивната продажба низ светот.

Што се однесува до институционалната поддршка, мислам дека е потребна посеопфатна стратегија која ќе ја конципира, структуира и формулира музичката дејност како систем, во кој сите сегменти ќе ја заземат својата улога и тој ланец наречен „музичка култура“ да има свој почеток и успешна реализација. Институционалната поддршка секогаш е добредојдена, но тоа не го решава проблемот со издавањето. Сè уште артистите, дури и со снимени материјали, ставени на носач на звук, немаат систем кој ќе им овозможи конкурентност на пазарот. Така, тие се оставени да се снаоѓаат и најчесто не успеваат тоа да го направат.

Електронските аранжмани се основната матрица врз која фузирате повеќе стилски изрази, од world music (музика на светот) до џез со лаунџ (lounge) и чил (chill) призвук. Како се одвиваше ферментацијата на сопствениот авторски израз од преработка на изворни песни до оригинален и стилизиран звук?

Долгогодишната активност како диџеј и интересот за електронска музика воопшто, надополнети со мојата професионална окупација во светот на аудио технологиите, беа и сè уште се светот во кој јас живеам и работам. Поради природата на мојата професија, музиката е константа во мојот етер. Така се откриваат многу музички форми и изрази, кои секако дека оставаат белег врз творечкиот израз.

Јас сум исклучителен љубител не само на македонската изворна музика, туку и на world music (музика на светот) како правец. Џезот е, исто така, еден од моите музички опкружувања, како и на моите соработници. Дружењето и соработката со луѓето од фелата, резултира со различни идеи и проекти. „ФИН Проект“ е еден од нив. Сите овие предуслови се доволни за инспирација и порив за создавање музика, која е автентична и суптилно ги артикулира во едно созвучје. Оригиналноста и стилот, се стремеж на секој музичар. „ФИН Проект“ успева во тоа.

Мистични вокали легнати на медитативен и релаксирачки ритам се дел од карактеризациите на музиката од „Ре:визија“. Кај нас обично се создава стилски дефинирана рок, поп, џез, панк или хип-хоп музика, но ретко се прават фузии како на овој албум. Зошто го одбравте овој стилски израз?

Отсекогаш омилени ми биле вокали кои носат мистика, начин на интерпретација кој не секој вокалист го може. Во голем дел од материјалот на „ФИН Проект“, особено на овој албум, токму тој тип на вокал е вистинскиот. Особено драго ми е што на овој албум, тие магични вокали ги отпејаа Калина Велковска, за која милувам да кажам дека е македонската Лиза Жерар (Dead Can Dance), но исто така и Зарина Првасевда, која пак таа мистика ја зачини со македонски изворни орнаменти во нумерата „Визија“. Но, за разлика од нив, на нумерата „Дај некој благослов“, за чиј текст се погрижи Васко Атанасоски, кој со хрватската пејачка Тена Рак заедно како вокали донесоа и едно сосема различно искуство. Нешто што како идеја го имав уште од самиот почеток на албумот. Сите на прекрасен начин ја заокружија мојата идеја.

Фузијата како музички израз, за мене отсекогаш била предизвик. Стилските ограничувања и жанровски врзувања ја ограничуваат слободата на изразување, која според мене е од суштинска важност. Убаво е тоа што денес, сè повеќе артисти се на тој став.

Музиката има универзален јазик, но како автор на кој начин го откривате патот до совршенството на сопствениот музички израз? И како истиот го споделувате со своите музички соработници и следбеници?

Музиката е мојот медиум за артикулирање на моите чувства, инспирација и имагинација. Во денешно време, на многумина патетично би им звучело ова, но јас навистина инспирацијата за моето музичко творештво ја наоѓам во љубовта. А таа, дали кон и од семејството, пријателите, природата, Македонија, ми ја отвора вратата кон совршенството на творечкиот порив, срочен во мојата музика. Среќен сум што имам и такви соработници, па така, и не е тешко да се создаде музика, чија енергија е препознаена од слушателите.

Тони Димков

Портретни фотографии: Роберт Атанасовски

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе