Изложбата „Довидување Скопје – довидување граду наш мил. Евакуација на децата по земјотресот во Скопје 1963-1964г.“ од авторот проф. д-р Марјан Димитријевски е посветена на патешествието на скопските деца по земјотресот во 1963 година, нивно сместување, престој во бројни места ширум тогашна СФР Југославија и школувањето на македонски наставен јазик во: Пореч, Цриквеница и Лесковац.
Низ фотографии, легенди и текст изложбата „Скопје во времето на градоначалникот Јосиф Михајловиќ-Јуруковски“ од Лидија Ѓурковска зборува за градителската дејност во Скопје на познатиот архитект и градоначалник Јосиф Михајловиќ-Јуруковски кој и самиот е автор на бројни познати скопски архитектонски градби.
Здравството како важен сегмент од секојдневниот живот на повоена Македонска држава е темата на изложбата на фотографии и документи „Документи и фотографии за развојот на здравството во Македонија по Втората светска војна“ од Габриела Топузовска, посветени на здравството, здравствените институции и здравствените прилики во оваа време.