Од 10 до 18 ноември

Недела на шпански филм во Кинотека

Годинава по 13-ти пат ќе се одржи Недела на шпански филм во соработка меѓу Амбасадата на Шпанија во Скопје и Кинотека на Македонија. Во изминатите 12 години оваа соработка резултираше со прикажување на десетици филмови и претставување на најрепрезентативните автори на шпанската кинематографија, од класиците Луис Буњуел, Хуан Антонио Бардем, Луис Гарсија Берланга или Карлос Саура, до бројните современи автори од крајот на дваесеттиот век, па до ден денес.

Во изборот на седумте филмови на Неделата на шпански филм на годинешното издание на Скопје филм фестивал класик доминираат семејните теми прекршени низ призмата на социјалните и општествено-политичките прилики, или портрети на „малите“ луѓе врамени во големата историска слика.

Првиот наслов од Неделата на шпански филм, документарниот филм Омега (Omega) на Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes), е сместен во неизбежната носталгијата која ја спојува поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка со гласот на легендата на Енрике Моренте - музичарот кој му даде нова димензија на фламенкото - а сето тоа испреплетено со панк-рок музиката на шпанскиот бенд Лагартија Ник.

Филмот Духот на пчелната кошница (El espíritu de la colmena / The Spirit of the Beehive) на Виктор Ерис (Víctor Erice) во хрониките на шпанската кинематографија е закитен со епитетот „врвно остварување“. Критичарите ја истакнуваат експресивната фотографија на Луис Квадрадо (Luis Cuadrado), композиција на кадарот и автентичните локации, актерските креации и суптилната алегорија на диктаторскиот режим на Франциско Франко, што на филмот му ја донела наградата за најдобро остварување на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан.

И Девет писма за Берта (Nueve cartas a Berta / Nine Letters to Bertha), дебитантски филм на Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino), спаѓа меѓу најзначајните наслови на новата шпанска кинематографија. Филмот победи на фестивалот во Сан Себастијан во 1966 и ја освои наградата на шпанските филмски критичари во 1967. Девет писма за Берта се занимава со тоа проклето „наследство“, прикажувајќи го поинаквиот хоризонт од Шпанија која е под диктатурата на Франко.

Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga), клучната фигура на современата шпанска кинематографија, на оваа Недела на шпански филм застапен со два наслова, Национално наследство (Patrimonio Nacional / National Heritage) и Ракетата од Калабуч (Calabuch / The Rocket From Calabuch). И двата наслови на Берланга се суптилна вивисекција на четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко, па делата на некогашниот директор на Шпанската национална филмотека (од крајот на седумдесеттите до почетокот на осумдесеттите години на 20. век) се вистински бисери на шпанската кинематографија.

Неделата на шпански филм во Кинотеката ги содржи и социјалната драма Невините светци (Los Santos Inocentes / The Holy Innocents) на Марио Камус (Mario Camus), и филмското „женско писмо“ насловено Матахарис (Mataharis) на Исиар Бојаин (Icíar Bollaín). Бојаин е позната и популарна актерка во шпанската кинематографија, практично „дете“ на Виктор Ерис - дебитирала како 16-годишна актерка во неговиот втор значаен филм, Југот (El sur) – и последнава декада е една од водечките авторки. Матахарис освои десеттина национални награди на шпанските филмски фестивалите, продолжувајќи ја низата на успесите на нејзините претходни авторски филмови.

Невините светци е значаен наслов од почетокот на кариерата на Марио Камус, кој започнал како косценарист во филмовите на легендарниот Карлос Саура, а подоцна ниже успеси: со Пчеларник (La colmena, 1982) ја освојува „Златната мечка“ на Берлиналето 1983, а со Невините светци специјалната награда на жирито во Кан 1984. Невините светци на актерите Алфредо Ланда и Франциско Рабал им ја донесе наградата „Златната палма“ во Кан за најдобар актер таа година.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе