Интервју

Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот „Охридско лето“: Само тимската работа може да донесе поголем квалитет

Подготовките за 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ влегуваат во завршна фаза. Ова ќе биде прво лето во кое програмата и организацијата на најзначајната македонска културна манифестација ќе се одвиваат „под палката“ на директорката Наташа Поповиќ. Свесно користиме музички жаргон, бидејќи таа е музичарка и тоа со гордост го истакнува. Но, покрај музичките капацитети во креацијата на годинашната програма Наташа Поповиќ посветено, одговорно и фокусирано вложи многу идеи, енергија, време, ентузијазам и најубави желби да се случи најубавото „Охридско лето“ досега.

Со својата 58-годишна традиција фестивалот „Охридско лето“ е најзначајната културна манифестација во државата, но и огромен предизвик да се сочува неговото реноме. Како вие ја чувствувате тежината на предизвикот да се биде директор на „Охридско лето“?

„Охридско лето“ е фестивал со децениска традиција, на неговата сцена настапувале најпознатите уметници од земјава и од странство. Тоа само по себе наметнува високи критериуми и очекувања во однос на менаџирањето на фестивалот, како и подготвеност за целосно вложување и креативност од страна на тој што го води.

Мислам дека секој менаџер, потпирајќи се на вредностите што фестивалот ги носи со себе, покрај добрата организација, треба да внесе некоја новина, и во програмскиот и во институционалниот сегмент. Така фестивалот постојано ќе се искачува скалило погоре, следејќи ги светските фестивалски трендови.

„Охридско лето“ е надалеку познат и признат Фестивал, и на Балканот и низ целиот свет. Во ЕФА, која е најстара и најзначајна фестивалска асоцијација, членуваме 24 години, а годинава нѐ рангираа на третото место, меѓу најдобрите на европската културна сцена. Да се менаџира фестивал од таков ранг, да се одржи таква културна репутација и да се напредува во секоја смисла воопшто не е лесно. Но, затоа е предизвик.

Имаме голема поддршка од Владата и од ресорното Министерство, покровителството е од страна на највисоката државна институција, Претседателот, зад нас е Градот Охрид, но и од бројните лојални спонзори, кои од година во година ги зголемуваат средствата што ги одвојуваат за фестивалот. Зголемениот буџет од страна на државата годинава е дополнителен мотив да се одржат високите стандарди во одржувањето и надградувањето на фестивалот во секоја смила.

Тежината на директорувањето со „Охридско лето“ е олеснета кога имате тим од професионалци, кои се спремни да се соочуваат со работните предизвици и задачи. Таков тим нашиот фестивал има и секојдневно заедно работиме на програмските активности и на афирмацијата на фестивалот.

Може ли Вашиот ангажман на некој начин да се квантифицира? Колку часови, денови, колку работно време е потребно да се подготви фестивал од овој формат?

Сето тоа се менува на дневна база. Некогаш по 12 часа не излегувам од канцеларија, некогаш цел ден сум на терен, некогаш за 2-3 часа ги завршувам дневните обврски. Директорската функција на „Охридско лето“ не подразбира само канцелариска работа, повеќе сум на терен, низ државите во регионот и пошироко. Често доаѓам во Скопје, бидејќи тука е сместено ресорното Министерство за култура.

Ако се обидеме да квантифицираме, многу часови сум на терен, многу малку во канцеларија. Подготовката на фестивалот трае цела година и опфаќа комуникација со гостите, презентација на фестивалот и планирање на новитетите што годинава ги воведовме.

Веќе го најавивте спектакуларното отворање на 59-тото издание на фестивалот со настап на мега популарната виолинистка Ванеса Меј на 12 јули во Античкиот театар. Ѕвезди од нејзиниот ранг апсолутно го оправдуваат реномето на фестивалот. Колкави ангажман и енергија беа потребни Меј да прифати да настапи во Охрид?

Ванеса Меј навистина ја сметам за светско чудо, и затоа од старт ми беше среќна и прифатлива идејата таа да го отвори Фестивалот на 12 јули во Антички театар. Не беше лесно да се договори нејзиното доаѓање од аспект на слободен термин, затоа што таа настапува во текот на целата година низ целиот свет, а нам ни требаше на конкретен датум. Успеавме, затоа што и самата знае колку е фестивалот голем, и го знае значењето на Античкиот театар. Таа во својата изјава рече дека едвај чека да дојде во Охрид.

Не помалку спектакуларна ќе биде и програмата што ќе следува по отворањето. Музичко-сценскиот израз останува доминантен во структурата на 40-дневната програма. Дали би можеле да извлечеме мото, или карактеристика на целокупната програма?

„Звукот и бојата на езерото“ само ни се наметна да биде мото на фестивалот. Размислувавме со тимот на „Охридско лето“, бидејќи никогаш не наметнувам само мои идеи и мислам дека тимската работа може да донесе поголем квалитет.

Во договор со нашиот генерален спонзор „Македонски Телеком“ сакаме годинава да направиме нешто ново.

„Звукот и бојата на езерото“ како мото, ја поврзува музиката на фестивалот со делата на Рахмањинов, Бах, Моцарт и други, што ќе се слуша од сцените распоредени во стариот дел на градот во близината на езерскиот брег, со ретката убавина на езерото кое во секое годишно време со зраците на сонцето изгледа како што туку да се родило, иако е старо многу години, заедно со богатата историја, култура, археолошки наоѓалишта и природни убавини околу него.

Чудесните сценски локалитети на кои што се одвиваат театарските претстави од Чехов и други автори, се надополнуваат со звукот и бојата на езерото и прават навистина волшебна атмосфера.

Програмата годинава ја составивте со селекторите Васо Ристов и Александар Поповски. Кои се параметрите што си ги поставивте при составувањето на програмата?

Најважен параметар е гостите да бидат квалитетни уметници, музичари и ансамбли. Важно е нивните биографии да бидат богати, во смисла на концертните настапи, каде настапувале и какви критики добивале. Критериумите што ги поставиме беа високи и бевме строги во селекцијата, и во однос на домашните и на странските автори.

„Охридско лето“ е отворена културна сцена и за оние кои што веќе настапувале и ја вградиле својата творечка енергија во него и за нови авторски имиња, чиј авторски израз и презентирање на музиката може да биде интересен за публиката и за љубителите на уметноста, кои своето прибежиште ќе го најдат во нашата културна лулка во текот на фестивалските денови.

Селекторите се истакнати во својата бранша, Васо Ристов е еминентен музичар, Александар Поповски е одличен и познат театарски режисер во светот. Театарскиот сегмент со домашните претстави и гостувањата ја дополнува музичката програма и целосно го обликува фестивалот. Со селекторите направивме навистина успешна фестивалска програма, сериозно конципирана и базирана исклучиво на уметничкиот квалитет.

Покрај програмата, раководната функција налага да се грижите и за техничките и организациските аспекти на фестивалот. Најавивте санација и модернизација на сцената „Долни Сарај“. До каде се работите на тој потег?

Сцената „Долни Сарај“ е реконструирана речиси од корен. Од Министерството за култура беа одобрени пари за комплетна реконструкција на целиот простор, бидејќи е објект што припаѓа на националната институција „Охридско лето“. Многу ни помогна и Градот Охрид, а дел од средствата се од наши спонзори.

Обновени се седиштата на сцената од левата и десната страна, повеќе од илјада и двеста седишта, проширено е гледалиштето, реконструирана е и терасата над самото езеро.

Овој навистина убав и автентичен простор, кој најмногу го користиме како летна сцена, сега изгледа уште порепрезентативно. Затоа ова фестивалско издание најмногу ќе се одвива на „Долни Сарај“, а ќе го изнајмуваме и за други настани на различни продуценти.

Фестивалот „Охридско лето“ веќе почна да се дисперзира низ државата. Со какви мотиви програмски активности на фестивалот се одржуваат во друг период и во други градови низ државата?

Новината е фестивалот „Охридско лето“ да не биде само 40-дневен летен фестивал што ќе се одржува во Охрид. Со проектот концерти преку целата година, градот културно ќе живее и вон летната сезона, а неговата дисперзија ќе овозможи континуитет во поглед на квалитетот и успешноста и ќе го приближи до светските трендови. На тој начин преку фестивалот го афирмираме и градот Охрид и државата во целина.

Среќна сум што реализираните пет концерти во Охрид и во Скопје, заедно со завршниот што се одржа во МОБ во Скопје по повод Велигден, наидоа на многу позитивен пречек од страна на публиката и љубителите на уметноста. Ќе продолжиме со оваа програма, покрај концерти ќе има и работилници и други фестивалски активности, ќе работиме транспарентно и публиката ширум земјава ќе може да знае што може да понуди „Охридско лето“.

Меѓу новините што ги воведувате годинава планирано е да има туристички водичи за уметниците. Како е замислена изведбата на оваа активност?

Многу од уметниците кои настапуваат на фестивалот по нивниот концерт остануваат уште по неколку денови во Охрид и за да им овозможиме да се запознаат со неговото богато културно наследство ја воведовме и новината културен водич. Обемот на работа на вработените во „Охридско лето“ не им дозволува да имаат време да ги шетаат гостите, а секако подобро е кога тоа ќе го направи стручно лице. Туристичките водичи, кои се новина во работата на фестивалот, најстручно ќе ги упатат нашите гости во деталите за историјата на црквите, музеите, археолошките наоѓалишта, бидејќи располагаат со сите податоци за природните реткости и за езерото, како и за градот, кој е бисер на Балканот.

Вашата професионална и лична биографија, се чини, е тесно поврзана со традицијата на „Охридско лето“, како музичарка и професорка по пијано повеќе од 21 година, со охридско потекло по мајка-музичарка. Колку сите овие моменти ви помогнаа во раководната функција на фестивалот и ви помагат во неговата реализација?

Мене, како музичар, по вокација пијанист, музичкото искуство многу ми помогна во раководењето на фестивалот затоа што основниот програмски сегмент на фестивалот, или околу 70 отсто од програмата е поврзана со музиката. Кога менаџирате најголем државен музички фестивал, не е пресудно, но многу е полесно ако доаѓате од светот на музиката, од аспект на тоа што докрај ја разбирате сферата во која што работите.

Музичкиот селектор, Васо Ристов, е еминентен професор и музичар, и имавме одлична соработка во однос на селектирањето на програмата, што треба да се одбере, што да се одбие и во однос на стручното определување кои музичари треба да бидат дел од програмата.

Тоа што сум музичар за мене беше одлучувачко да го прифатам местото затоа што не би можела да работам функција која не е поврзана со музиката.

Како музичар дали имате настапувано на „Охридско лето“?

Музичка младина на Македонија пред многу години организираше семинар со еминентниот професор по пијано Борис Романов. Тогаш бев во средно училиште и учествував на семинарот, а професорот инсистираше на крајот сите учесници да настапиме со по една композиција на заеднички концерт како дел од „Охридско лето“ за млади музичари.

Многу сум среќна што ја имав таа прилика. Пораснав во Охрид, со мајка музичар и уште од мала присуствував на концертите во црквата „Св. Софија“.

Како дете сум заспивала на столчињата во „Света Софија“, сум била малечка, а мојата мајка, професор по флејта, сакала да го дослуша концертот до крај. Од многу мала сум задоена со овој фестивал и затоа многу ми значи, особено што сега ми е дадена можност и да го менаџирам.

Музичките студии ги комплетиравте на конзерваториум во САД. Што знаењата и искуствата стекнати во Америка ви значат во работата тука?

За искуствата од Америка можам да зборувам 24 часа и повеќе. Покрај тоа што се стекнав со диплома на музичка академија за музичар-пијанист, пред сѐ, се стекнав со диплома на школото на животот.

Во Америка секој сегмент од животот е поврзан со менаџмент и економија. Покрај професијата треба да се научи да се менаџира сопствениот живот. Америка е држава каде што секогаш треба да си „go to the flow“, или си „in“ или си „out“. „Always prepared...“ затоа што си странец. Но, Америка е држава која го препознава квалитетот.

Конзерваториумот за музичка уметност на Универзитетот Валпарисо во Индијана, во близина на Чикаго, е високо компетитивна средина, каде што да се докаже извонредноста воопшто не е лесно.

Но, она што мислам дека е најважно за раководење на една национална институција, не е од која бранша доаѓате. Натпросечноста и амбициозноста во стекнувањето на образованието помагаат и во раководењето со институциите. Тоа е наспроти канцеларискиот дух на управување. Мене тоа ми помогна да успеам во Америка да се образувам и да живеам две децении. Таму просечните не може да бидат на врвот.

Дел од музичарите со кои студирав во САД сега се професори, големи музичари или менаџери на музичари. Сите тие контакти ќе ми го олеснат менаџирањето на фестивалот, а некои од нив можеби и присуствуваат на „Охридско лето“.

Што му недостига на фестивалот „Охриско лето“, но и на градот Охрид, а во функција на понатамошен раст и развој на фестивалското реноме?

На фестивалот „Охридско лето“ не му недостига многу. На градот Охрид му е потребна Концертна сала која што во случај на временски неприлики би можела да се користи како втора опција, за свечените отворања на Фестивалот, но и за многу други културни настани.

Главниот адут за музичката програма е црквата „Света Софија“, кадешто акустиката е вонсериска, и таму се реализираат деведесет проценти од концертите на фестивалот. Но, кога имаме концерти или претстави на отворено, понекогаш времето знае да нѐ изненади и за такви ситуации потребна ни е опција-Б. Досега тоа беше Центарот за култура, но таму треба да се направи целосна реконструкција. Затоа велам дека не на фестивалот, туку на градот Охрид му недостасува една концертна сала. Верувам дека во блиска иднина оваа идеја ќе се реализира.

Тони Димков

Фотографии: Роберт Атанасовски

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе