Златна бубамара на популарноста

Во Македонија дојде подобар живот и траеше само четири часа

Единственото музичко-забавно шоу во државата, во која сѐ уште се трага по чист воздух и подобар живот, манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, во своето 21. издание сериозно го зголеми својот габарит. Од „немајкаде“, бидејќи се затворени и Универзална сала и арената „Метрополис“, шоуто се одржа на 22 февруари во преполната ВИП арена „Борис Трајковски“ со програма во која настапија околу 350 учесници.

Потрагата по „подобар живот“ сериозно ги ангажирала креаторите на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ предводени од Ранко Петровиќ, главен церемонијал-мајстор на шоуто и сопственик на „Радио Бубамара“. Изборот на гостите и учесниците вистински го одразува сензибилитетот на годината 2017, за која се доделуваа наградите.

Во сатиричниот сегмент аплаузите на публиката го собираа, речиси, сите ликови кои низ годините оставиле трага во уникатното бубамара-шоу. Почнувајќи од Кирил Поп-Христов (Кили), кој по четири години отсуство дојде дури од Еквадор, преку секогаш фантастичниот Сашко Коцев, со неговиот хумор на теми од тепачката во Собрание, мерцедесот, името, водата во Архивот и црвениот тепих во лозјето, галиите во Вардар и колата на Весна Петрушевска, до Игор Џамбазов, кој годинава го имаше ин мемориам сегментот, и младите, сѐ уште, Тино и Атанас, овојпат настапувајќи разделено, Тино со разните видови ракија, како шилеговача, коцевача, сдсмовача, грујовача, тврдокорна, претседателска и коалициска, а Атанас со навивачката најава на ракометарите на европскиот шампион „Вардар“.

Наградите на „Златна бубамара на популарноста“ тешко се бројат, но нивната веродостојност секогаш е потврдена со аплаузи и силни овации од публиката. На 21-то издание на манифестацијата меѓу првите им беа доделени на пејачката Дани и босанскиот бенд „Дубиоза колектив“, кои заедно со маестро Џамбо Агушев си подигнаа две награди, за бенд и албум на годината. „Дубиоза колектив“ не ја испуштија можноста на сцена да ја изведат нивната „Политика је курва“, песна во која се зборува за сите „чесни“ функционери.

Следната награда ја доби списанието и светската галерија на карикатури „Остен“, која годинава бележи 40 години постоење. За значењето на „Остен“, од Блаже Конески до Мице Јанкуловски, говореше извршната директорка Корнелија Конеска.

Награда за животно дело доби октетот „Македонија“, кој бележи 42 години од почетоците на својата работа, а на сцена ја изведе и „Не стој Доне, Донке“, како најава на наградата за најпопуларен комерцијален спот на НЛБ - Банка, во кој учествуваше дел од октетот.

Наградата за мултимедијален уметник ја доби Тијана Дапчевиќ, која на сцена се претстави со реплики на Ула од серијата „Преспав“, а имаше и заеднички настап со својата сестра Тамара Тодевска.

Наградата за трајни музички вредности, конечно, по 47 години работа на музичката сцена, ја доби Маја Оџаклиевска, чија песна „Врати ми ја младоста“ беше проследена со овации и аплаузи од нога на целата публика во арената „Борис Трајковски“.

Македонскиот виртуоз на гитарата, Влатко Стефановски, му ја предаде наградата за трајни музички вредности на Дадо Топиќ, кој повеќе од 30 години ја пее неповторливата „Македонија“, песна со која велат дека и самиот станал Македонец. Додека, во прилог на мотото на манифестацијата, Дадо Топиќ и Тамара Тодевска заедно ја испејаа „Сакам подобар живот“.

Во делот на драмските уметности, актерката и професорка на ФДУ, Синоличка Трпкова ги додели наградите за најдобар филм на „Исцелител“, актерско откритие на Благој Веселинов како исцелителот во „Исцелител“, актер на годината на Александар Микиќ, ТВ-серија на „Фамилијата Марковски“ и актерка на годината – Нина Деан.

Во музичкиот сегмент награда за најдобар видеоспот доби Марко Слаткаристика за „Терориста“, а во својот говор популарниот рапер му оддаде почит на својот починат татко Боривоје Маринковиќ.

Наградата за најпопуларен бренд му беше доделена на „Стоби флипс“ за 40 годишниот јубилеј и за спотот со кој овој продукт замина во вселената.

Најпопуларната претстава на годината е „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов во Театар Комедија.

Со песната „Ој Вардаре, македонски“, во изведба на Виолета Томовска, Наум Петрески и хорот „Мирче Ацев“ беше најавена наградата за спортски успех на годината и доделена на машкиот ракометен клуб „Вардар“ за освојувањето на европската клубска титула во ракомет.

Наградата за најпопулатна ТВ забавна и сатирична серија ја доби екипата на „Фчерашни новости“, кои се заблагодарија со изведба на скечови од серијата.

Со изведба на песни од „Нови фосили“ од страна на Нина Деан, Маја Панчева Гроздановска и Александар Митевски беше најавена наградата за трајни музички вредности на членовите на „Нови фосили“, кои по 28 години дојдоа во Македонија и кажаа дека тука ја сретнале најтоплата и најискрена публика.

Награди на „Златна бубамара на популарноста добија и ТВ-серијата „Инсајдер“, ТВ емисијата „Еден на еден“ и ТВ проектот „Патот до успехот“.

За концерт на годината беше прогласен настапот на групата „Меморија“ во „Метрополис арена“, додека за мјузикл на годината наградата за доби „Мама миа“ во режија на Наташа Поплавска во Македонскиот народен театар.

Во ин мемориам сегментот беше оддадена почит кон личностите и делата на починатите Зоран Милосављевиќ, Саша Николовски Ѓумар и Иван Карадак. За нивните дела зборуваа Марта Маркоска, ќерка на Иван Карадак, и музикологот Бранка Костиќ Марковиќ.

Со одржувањето на „Златна бубамара на популарноста“ во арената „Борис Трајковски“ се отвори дилемата во кој простор би се одржало следното издание. Имајќи го предвид интересот на публиката, веројатно, ќе треба да се размисли и за локацијата Градски стадион.

Насловна фотографија: Златна Бубамара на популарноста

Фотогалерија: Роберт Атанасовски

Т.Д.

Не е во прашање само Русија VS Западот. Има нов играч на масата.

повеќе

Ако на референдумот на 30 септември македонските гласачи изгласаат да се смени името на нивната држава во Северна Македонија, НАТО треба да ја покани нивната влада во Алијансата.

повеќе

Паметам како вчера да беше: пред самиот распад на Југославија, по локалните пазарчиња на таа земја нагло се расшетаа сомнителни типови што шиткаа лажњаци на статусниот симбол на мојата генерација - славните фармерки „петсто кец”. 

повеќе