Реакции

Власта реши да не дава пари за Офф-фест, за Скопски џез фестивал, за концертите на Авалон...

Од Годишната програма на Министерството за култура и резултатите од годишнитe конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2019 година излегува дека власта не сака годинава да има Скопски џез фестивал, Офф-фест, Киненова, Таксират, концерти на Авалон... Ова предизвика бура од реакции на носителите на овие проекти и по социјалните мрежи.

На дел од овие угледни културни манифестации средствата им се или укинати или сериозно намалени. За голем број на културни работници се работи за скандалозната распределба и фаворизирање на анонимуси во областа на културата.

На пример, годинава најмногу пари од музичката сфера ќе добие здружението Артал од Тетово, 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал Меридианс и за концерт Класик и рок мјузик. Таксират доби само 500 илјади денари, а барале 6 милиони.

За одржување на познатиот Џез-фестивал во Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а Џез-фест Тетово ќе добие 1,5 милиони денари.

Етно-групата Синтезис е одбиена за финансиска поддршка да настапуваат во Австралија.

На конкурсот пристигнале 5.560 проекти, а поддршка е дадена на 2.781 проект.

„Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи...). Во Годишната програма за 2019 година се рефлектирани и приоритетите на Министерството за култура за соодветна заштита и промоција на културното наследство во согласност со современите европски практики, зајакнување на независниот културен сектор како важен социокултурен чинител, промоција и пласман на културата на Република Македонија во меѓународни рамки, како и реализација на капитални проекти и инвестициски вложувања во Скопје и градовите низ државата“, информираат од Министерството за култура.

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство), Вилдане Идризи (библиотечна дејност).

Во тек е рокот од 15 дена за жалби.

За разлика од вработените во министерството, еве што велат културните работници.

Бобан Милошески, Авалон:

Бобан Милошески Нашиот годишен проект насловен како „Авалон Колинг“ (сите наши концерти од 1 јануари до 31 декември) не беше поддржан од ресорното министерство. Доволно е само да се погледнат рутите на турнеите на Лени Кравиц, Стинг, Рамацоти...,и да се види дека Авалон продукција наместо да ги одржи концертите во многу поголеми маркети какви што се Хрватска и Србија, го одбра Скопје. Исто како што проектот Охрид колинг (Ohrid Calling) наместо да го префрлиме на море во Албанија, од петни жили се трудиме да го задржиме во Охрид.

Со сето ова, сакавме да дадеме реален придонес во годината во која на Македонија ѝ се отвораат евроатлантските перспективи во сегментот на работа во којшто сакале тоа да признаат другите или не, ние како независна продукција сме најквалитетни и најпотентни во целиот регион. А кога е ресорното министерство во прашање, бевме сигурни дека ќе биде препознаено дека со овие проекти не само што даваме огромен придонес на неверојатно ниското ниво на култура во Република Македонија, туку и дека за прв пат со вакви четири сериозно големи проекти сме апсолутни регионални лидери.

Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи.

За останатите чекори што ќе ги преземеме, ќе бидете благовремено известени кога ние ќе добиеме официјално известување како тоа Министерството за култура смета дека на државата не ѝ се потребни концертите на Стинг, Лени Кравиц, Хуверфоник, Рамацоти, Том Одел, Горан Бреговиќ...

Тошо Филиповски, автор на тротомната Македонска рок енциклопедија:

Toшо Филиповски Се снаоѓа некој во оваа каша-попара од резултати и табели? Има некоја НЗС? Успевате ли да ја доловите стратегијата на министерството? Или некои делови/табели недостасуваат? Што сакаат да постигнат? Да нѐ поделат етнички... Вредносни критериуми гледам нема... Па ни финансиски... Кому-колку? Ќе напишат комисиите/комисијата, врз основа на кои критериуми оценувале и делеле средства? Гледам дека доминантна е класичната музика, детските фестивали, гостувања на странски ДЏ... Некои проекти кои не можам да ги сфатам што се... И да не набројувам... Тука е фокусот за музичката култура за 2019? Македонската урбана сцена (рок, џез, блуз, алтернатив, пунк, фанк, електроник... повторно е понижена/погребана колку што гледам... Навистина ми треба малку време да се соземам, па посериозно прокоментирам... Очајно е ова! Документирање/монографија за „Македонската музичка дискографија 1963-2019", е неважен културен момент за ова Министерство за (не)култура? Господа министри, ќе дадете ли појаснувања за овие резултати кои најмалку ќе произведат  квалитетна/врвна културна (музичка) понуда?

Оливер Белопета, Скопски џез фестивал:

Oливер Белопета Од програмата се исфрлени и Скопскиот џез фестивал и Офф-фест. Колку за инфо, тоа значи повеќе ќе ги нема.

 

Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

повеќе

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе