Виртуозот на виолината Вадим Репин оваа среда солист со Македонската филхармонија

Македонската филхармонија, оваа среда (12 декември) во 20 часот, ќе одржи симфониски концерт под наслов „Магична виолина“, на кој како солист ќе се претстави еден од најголемите виолинисти на денешнината, Вадим Репин од Русија.

Виолинистот со огнена страст, со беспрекорна техника, уметникот од чии раце извира поезија и сентименталност, како што го опишува критиката, Вадим Репин, за македонските љубители на музиката ќе го изведе виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев.

Диригент на концертот е маестро Владимир Вербицки од Русија, кој првпат настапува на македонската сцена, а кој се смета за еден од најактивните руски диригенти и кој гостува на сите светски континенти. Под неговата диригентска палка, оваа вечер ќе бидат изведени и едно од најпопуларните дела на рускиот композитор Модест Петрович Мусоргски - „Ноќ на пустата планина“, како и македонската премиера на Симфонијата бр. 1 од рускиот автор Василиј Калиников.

Кога се споменува името на Вадим Репин, сите се едногласни дека станува збор за еден од најголемите уметници на денешницата. Критиката го опишува како „виолинист со огнена страст, со беспрекорна техника, како уметник од чии раце извира поезија и сентименталност“... Роден е во Сибир (1971) и на само единаесет години го освоил златниот медал во сите категории на натпреварот „Виењавски“, по што одржал рецитали (како негови дебија) во Москва и во Санкт Петербург. На само 14 години, Репин дебитирал во Токио, Минхен, Берлин, Хелсинки, а една година подоцна и во „Карнеги хол“ во Њујорк. На 17 години, бил најмладиот победник на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“. Оттогаш, всушност, неговата кариера станува богата, настапувајќи со најголемите светски оркестри. Меѓу позначајните настапи во изминатите неколку концертни сезони на Репин се со Лондонскиот симфониски оркестар и маестро Валери Гергиев, турнејата низ Австралија со Лондонската филхармонија и маестро Владимир Јуровски, настапи во Лондон, Филаделфија, во „Карнеги хол“ во Њујорк или „Концертгебау“ во Амстердам, со изведба на Концертот за виолина специјално напишан за него од страна на композиторот Џејмс Мекмилан, кулминирајќи со концерт во „Ројал Алберт хол“. Неговото име како солист стои на импресивни снимки на концерти за виолина од Шостакович, Прокофјев, Чајковски, Бетовен... Во Франција (2010) ја добива наградата за животно дело и е одликуван со престижната титула витез од редот на уметноста и книжевноста. Репин е почесен професор на Централниот конзерваториум за музика во Пекинг, како и на Шангајскиот конзерваториум. Во 2014 година како уметнички директор го презентираше првиот Транссибирски фестивал на уметноста во новата величествена сала во Новосибирск. Минатата сезона одржа концерти во Вилнус, Прага, Берлин, Париз, Анкара, Токио, САД, како и враќање во Јапонија за прославата на 100-годишнината на Чајковски, а годинава ја стартуваше со настапи во Барселона и во Мадрид, но и турнеја низ европските градови, а ќе кулминира со проектот „Трансибирија оди во Тел Авив“. Вадим Репин свири на виолина од марката „Страдивари“ од 1733 година.

Под закрила на реномираниот шеф-диригент на Ленинградската филхармонија (денес Филхармонијата на Санкт Петербург) Евгени Мравински, маестро Владимир Вербицки, роден во Санкт Петербург, се смета за еден од најактивните руски диригенти. Дипломирал на тамошниот престижен конзерваториум и оттогаш диригирал низ светот со разновидни ансамбли, а во неговата биографија е забележана и импресивна дискографија. Дебитирал во Москва на покана на легендарниот руски пијанист Емил Гилелс, кога почнала и нивната долгогодишна креативна релација низ бројните концертни настапи. Активен е како диригент во Русија, особено со филхармониите на Москва и на Санкт Петербург, но и со Симфонискиот оркестар на Воронеж, каде што маестро Вербицки од 1972 година бил шеф-диригент и музички директор. Со неговиот влог, овој оркестар енормно го подобрил својот квалитет, а бил шеф-диригент и на Словачката филхармонија во Братислава. Маестро Вербицки е добитник на титулата народен уметник на Русија. Како гостин-диригент, пак, постојано е присутен на светските фестивали, а ги предводеше и меѓународните турнеи со Државниот симфониски оркестар на поранешниот СССР „Евгениј Светланов“, во Франција, Германија, Грција, Италија, Турција, Шпанија, Канада, САД, Јужна Америка, Јапонија и Хонг Конг. Со овој оркестар ја направил и првата турнеја низ Австралија и Нов Зеланд и по неа добил покана да биде музички директор на Државниот оркестар на Викторија во Мелбурн. Вербицки, оттогаш, е редовно присутен на австралискиот континент диригирајќи со сите тамошни големи оркестри, особено со Симфонискиот оркестар на Западна Австралија, кога од 1987 до 1991 година бил гостин-диригент, а од 1992 до 1997 година главен гостин-диригент на оркестарот. За неговите тамошни заложби бил назначен за лауреат – за неговата „уметничка визија, прекрасниот однос со оркестарот, како и за неговата мудрост и знаење во работата“. Неговите следни настапи, покрај ангажманот со Македонската филхармонија, се соработки и со Филхармонијата на Рочестер, Филхармонијата на Санкт Петербург, РТВ оркестарот на Москва, Симфонијата на Луцерн во Швајцарија... Репертоарот на Владимир Вербицки вклучува повеќе од две илјади дела од класичната музика, како и бројни современи дела, а меѓу солистите со кои настапувал, покрај Гилелс, се и Владимир Спиваков, Гидон Кремер, Олег Каган, Наталија Гутман, Виктор Третјаков, Игор Ојстрах, Евгени Светланов...

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе

Последните искричења во меѓународниот поредок ја прават нејасна агендата за евроатлантски интеграции на регионот која претставува неопходен услов за долгорочна стабилност на Западен Балкан.

повеќе

Очигледно во градењето на македонското општество заборавивме да ја промовираме правдата како негова примарна цел.

повеќе