Вечерва почнува Скопскиoт џез фестивал

Со концерт на ансамблот Exploding Star Orchestra, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек, вечер во Скопје ќе биде отворен годинашниот 41. Скопски џез фестивал.

Организаторите порачуваат дека императив и годинава во внимателно составената програма е сочувување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Публиката ќе може да проследи 10 реномирани состави од САД, Бразил, Европа и Северна Македонија кои ќе музицираат во салонот на Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар.

Инаку настапот во Скопје на Exploding Star Orchestra, на Мазурек, е единствениот настап на оркестарот во Европа (покрај оној во Лисабон летово), а ќе добие уште повеќе на ексклузивност и тежина со придружбата на 20-члениот камерен оркестар на Fames – European Orchestral Performing Institute. Тие заедно ќе изведат, покрај материјал од албумот „Dimensional Stardust“ од 2020 година, и дело специјално напишано за оваа прилика.

Истата вечер во МКЦ ќе музицираат Zulu 3.4, современо инструментално трио од Скопје коешто го сочинуваат Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Формирани се во 2018 година, водени од идејата преку фузија на различни стилови и со употреба на современи технички помагала да создадат уникатен звук и да внесат свежина на домашната музичка сцена и пошироко.

Втората фестивалска вечер ќе ја одбележи, пред сè, специјалниот проект Turiya на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк, посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, автор на неколку книги и духовен водач Алис Колтрејн. Хамид Дрејк ќе го придружува интернационална екипа врвни музичари: Џејми Сафт, Сузана Сантош Силва, Јан Банг, Јошуа Абрамс…

Петочната програма продолжува во МКЦ кадешто најпрвин ќе настапи новото, извонредно моќно, noise/funkrock/sound-art трио ABACAXI. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, Abacaxi е несомнено еден од највозбудливите анти-жанровски и мултисетилни актуелни бендови наоколу.

Полноќниот концерт на домашниот џез состав Taxi Consilium ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за исклучително интересна екипа составена од неуморни музички активисти (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers и Пијан Славеј) што гравитираат околу талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев – ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар“. Создаваат џез каков што го посакуваат сите вистински трагачи по музички возбуди и авантури: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден.

Саботната вечер ќе стартува со новото бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас. Искачувајќи го трнливиот пат од фавелите во североисточниот дел на Бразил до врвот, тој успеа со молскавична брзина да стекне статус на светска џез-икона. Придружен од неговото трио, тој во Скопје ќе го претстави своето најубаво и најискрено дело досега – албумот „Sankofa“, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил.

Супергрупата Subtropic Arkestra, пак, на трубачот Горан Кајфеш e веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етио-џез и биг-бенд фанк корени и влијанија, во чиј состав се некои од најдобрите шведски џез музичари. Иако постојано си поигруваат со жанровите, несомнено е дека џезот, во сите негови чудесни облици, е главната состојка на нивната музика.

Полноќната саботна програма ќе мине во знакот на уште еден ексклузивитет – светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек – New Future City Radio. Двајцата подеднакво одговараат за електронските делници, но секој посебно го презема водството кога е потребно, со своите специјалитети – Роб со трубата, а Дејмон со гласот. Нивната музика во еден миг може да зазвучи отворено бомбастична, а во следниот нежно емотивна, а најчесто е некаде во средината. Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара (Hurtmold, São Paulo Underground…).

Последната вечер на 41. Скопски џез фестивал ќе ја отвори гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото Thumbscrew. Нашата публика ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на десетгодишнината од работата на оваа генијална музичка појава, составена од реномираните њујоршки ѕвезди: Mary Halvorson (гитара), Michael Formanek (бас) и Tomas Fujiwara (тапани). Средбата со нивниот извонредно отворен, жив, духовит и не помалку амбициозен музички израз ќе ни овозможи да го откриеме нивниот уникатен музички универзум, како и да го вкусиме новото возбудливо дело „Multicolored Midnight“ (Cuneiform Records), седмиот албум на групата.

Годинешното фестивалско издание ќе го заклучи еден од најзначајните и најбараните (контра)басисти на светската џез и импро сцена денес, Ингебригт Хакер Флатен со својот нов проект (Exit) Knarr. „Knarr“ е тип на брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт патува низ светот воден од неговите музички авантури. (Exit) Knarr е посвета на различните места што ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам…

Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со УНХЦР, продолжува да го негува проектот Џез за солидарност со бегалците, упатувајќи уште еден гласен апел за емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените...

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе