Македонска Рок Енциклопедија

Тошо Филиповски: Изгубив многу време барајќи спонзори и барајќи државата да го препознае проектот

Повеќе од 30 години Тошо Филиповски е активен и пасиониран собирач на музички артефакти, изданија и на информации за македонската рок-сцена. Последниве 20-тина години беше обземен со идејата да направи енциклопедија на рок-музиката, верувајќи дека во Македонија има огромно музичко богатство кое треба да биде ставено во некакви рамки. Резултат на неговиот ентузијазам е првиот том на „Македонска Рок Енциклопедија“.

Неколку стотици луѓе, музичари, продуценти, музички критичари, љубители на рок-музиката, присуствуваа на промоцијата на првиот том на „Македонска Рок Енциклопедија“, авторско издание на Тошо Филиповски објавено за неговата издавачка куќа „Корпус Деликти Рекордс“. Својот сон Тошо Филиповски го финализираше и го претстави пред јавноста на 08 мај 2018 година. Така Тошо стана херој на македонската рок-сцена.

За жал, малкумина веруваа дека тој ќе успее да стигне до издавањето на првото капитално дело од овој вид во Македонија. Но, неговиот сон, ентузијазам и љубов кон музиката ги надминаа сите пречки. Сега не само што го објави првиот том на „Македонска Рок Енциклопедија“ (1963-2018) со 333 бендови, повеќе од 2.500 музичари, 400 фотографии и повеќе од 1.000 дискографски единици на околу 500 страници, туку планира објава и на следни четири томови со сличен формат.

Колку години траеше процесот од идеја до реализацијата на првиот том на „Македонска Рок Енциклопедија“?

Приказната на правењето на енциклопедијата е долга две децении. Од оној момент кога музичкиот критичар Петар Јањатовиќ ја промовираше „Екс Ју Рок Енциклопедија“ во скопскиот „Зи-зи топ“, си реков дека и Македонија мора да направи една таква енциклопедија. Таа промоција беше само една почетна фасцинација кога ја видов таа енциклопедија, а потоа следуваа многу фази. До конкретната идеја поминаа неколку години. Нешто слично започнавме да работиме во Центарот „Мултимедија“, некаде во 2000-та година, но далеку од оваа идеја, ама се обидовме како центар за истражувачки уметности да направиме дата база, односно архива на македонската музика, но брзо згасна таа идеја. Некаде во 2005/6 година повторно се навратив на идејата за рок енциклопедија.

Иако сам ја истуркав целата приказна, сметам дека подготовката на дело од овој калибар, за да се направи квалитетно и навремено, подразбира работа со голем тим. Приредувајќи ја енциклопедијата не можам да го избегнам личниот момент, меѓутоа на почетокот идејата беше да се создаде генерациски тим што ќе работи на истражувањето од 60-тите години до денешно време. Работата запна на наоѓањето средства за да се направи истражувањето. Најголемиот проблем во подготовката на делото беше недостатокот на средства за истражување, отколку самиот момент на печатење на енциклопедијата.

Изгубивме многу време, можеби неколку години, барајќи спонзори, барајќи државата да го препознае проектот и целата идеја спласна, сѐ до пред 5-6 години, кога си реков со неколку пријатели, кои тогаш беа вклучени во процесот, сами да го финансираме процесот на истражување, а отпосле да бараме спонзори и средства. Сите се откажаа и во целата приказна влегов сам.

Ова, сепак, е преголем проект за некој сам да го истера до крај?

Не беше толку проблемот што сум сам, туку што немав финансиски стабилна работа и не можев да располагам со слободно време за истражување. Цел живот сум фриленсер, така што некогаш имаш пари, некогаш немаш пари, некогаш истражуваш, некогаш мора да се посветиш на егзистенцијалните и семејните потреби. Така процесот траеше. Истражувањето го направив во 3-4 години, а потоа се посветив на пишувањето на текстот. Тука повторно се соочив со истите егзистенцијални проблеми.

Секој одреден фајл изискува посветување, односно длабоко навлегување во секоја поединечна приказна со поткрепа на информациите од најмалку два-три извори. Собирав пишувани документи, истражував во Националната универзитетска библиотека, правев разговори со многу личности. Некои различни приказни не се поклопуваа не само со денови и месеци, туку ниту со години. Правев реконструкции, влегував во туѓи животи за да стигнам до вистинската приказна.

Каква беше поддршката и соработката со музичарите, на кои се однесува оваа енциклопедија?

Не им наоѓам замерка, бидејќи многу од нив не веруваа дека ќе ја истуркам ендиклопедијата до крај, туку ќе се откажам од проектот. Некои од нив ветуваа дека ќе ми пратат информации, и тоа траеше со месеци. Од некои чекав да ми пратат, со некои разговарав и се обидував да им објаснам дека ми требаат детали, а не само општи информации. Деталист сум по природа и сакав да најдам точни информации со датуми кои ги даваат рамките на нечија кариера, како прв концерт, последен концерт, најзначаен концерт, објава на изданија, сите учесници на одредено издание, промени во составите на групите, студиски снимки и редица други фактографски податоци. Голем број од музичарите не можеа да се сетат на точните датуми за одредено случување, па тоа го барав и од други извори.

Овој тип на проекти бараат систематичност, аналитичност и класификација на информациите. Со кој принцип на работа ја состави енциклопедијата?

Енциклопедијата е наредена по азбучен ред. Повторно се појави еден проблем, а не најдов сличен пример како да го разрешам. Бидејќи поголем дел од бендовите своите имиња ги имаат на англиски јазик и со латинично писмо, се најдов со ситуација прво да ги наредам групите по азбука, а потоа за истата буква да ги наредам по абецеда, според латиничното име на групата. Значи редоследот е според азбука, па според абецеда. Имав и чудни ситуации кога името на бендот го извлекував од првото издание, бидејќи некаде се потпишувале со латиница, некаде со кирилица, некаде со транскрипција на името и слично. Сепак, внимавав на таквите работи и според оригиналот на името на првото издание ги редев во енциклопедијата.

Го објави првиот том од „Македонска Рок Енциклопедија“. Што е следно?

Идејата се прошири кога стигнав до крајот на правењето на првиот том на енциклопедијата. Бидејќи целата работа беше „do it yourself“, собирав податоци, пишував, на почетокот не знаев колку ќе излезе целиот материјал. Првичната идеја беше да направам 500 биографии на околу 200-300 страници. Со текот на работата сфатив дека ќе има многу повеќе материјал. Во текот на истражувањето открив уште многу бендови и поединци со нивни биографии, бидејќи е огромна македонската продукција, и морав да направам мала ревизија.

На крајот од пишувањето ми стана јасно дека треба малку да ја скратам приказната и се одлучив во првиот том на енциклопедијата да бидат објавени биографиите на бендовите, додека индивидуалните музичари со свои изданија и проекти да ги објавам во втор том на енциклопедијата. Меѓу нив би биле Кокан Димушевски, Влатко Стефановски, Кирил Џајковски, Јаков Дренковски, Аљоша Симјановски и многу други. Во првиот том ставив точка со групите кои објавиле деби-албум заклучно со 2014 година. Сѐ што е направено потоа ќе биде ставено во вториот том на енциклопедијата, кој се надевам ќе успеам да ја објавам следната година.

Планирам и трет том на енциклопедијата, во кој ќе бидат вклучени луѓе кои не биле музичари, а ја креирале сцената, како продуценти, тон-мајстори, дизајнери, промотери.

На крајот, се исплатеше ли целиот труд и ентузијазам што ги вложи сите овие години во создавањето на енциклопедијата? Што чувствуваш сега, кога во рацете го држиш првиот том?

Со оглед дека е прво мое книжевно дело, чувството не се опишува. Имам чувство на олеснување, испразнување, но знаејќи дека приказнава сум ја замислил да трае малку подолго, мислам дека со оваа работа ќе се занимавам и во следните 10-тина години. Се појавија и други идеи. Го научив „do it yourself“ процесот на издавање книга. Од почеток до крај самиот сум издавач. Немав време да бидам и лектор, иако по професија сум поврзан со книжевноста. Покрај трите тома на енциклопедијата, планирам да почнам со работата на две обемни книги, кои ќе се занимаваат со историјата на македонската рок музика.

Енциклопедијата ја доживеа својата промоција. Од кого дојде финалната поддршка за книгата воопшто да биде испечатена и промовирана?

Независно од војната што ја водев со Министерството за култура, бидејќи сметав дека тоа што ми го доделија како средства со Годишниот конкурс беше минимално за да се направи енциклопедијата, бидејќи со тие средства може да се издаде книга со поезија, а не книга од 500 страници, сепак Министерството за култура беа единствените кои ја поддржаа енциклопедијата. Сакам да ја спомнам и шпедицијата „Шенкер“, кои помогнаа не затоа што видоа интерес, туку затоа што се вљубеници во рок-музиката и дадоа симболична поддршка. Најмногу им благодарам на сите што енциклопедијата ја купија со претплата однапред, бидејќи тие средства ми овозможија да го покријам печатењето и процесот на лекторирање и дизајнирање на првиот том на енциклопедијата.

Ќе кажам дека барав спонзорства и поддршка и од големите корпорации, кои поддржуваат проекти од овој вид и кои ја користат рок-музиката во своите кампањи, но тие не беа заинтересирани да го поддржат издавањето на книгата.

Тони Димков

Фотографии: Роберт Атанасовски

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе