Танец и Филхармонија донираат за борбата против коронавирусот

НУ Филхармонија се откажува од Договорот со Министерство за култура за меѓународно претставување на институцијата во 2020 година. Станува збор за износ од 2.300.000 денари кои беа наменети за меѓународно претставување на институцијата и презентација на македонската култура во светот. Воедно, институцијата ќе донира и 130 илјади денари од сопствен буџет на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. И НУ Танец средствата од продадените билети ќе ги намени за најпогодените од коронавирусот.

„Се откажуваме од овие средства кои во моментов може да се пренаменат за многу поважни работи со оглед на состојбата со која се соочува нашата земја. Нашата институција ќе донира и 130 илјади денари од сопствениот буџет на Инфективната клиника во Скопје“,изјави Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

НУ Танец годинава ќе одржи голем хуманитарен концерт, а донацијата ќе ја адресираат на најпогодените семејства од епидемијата, соопштија вечерва од оваа Национална установа.

Како што наведуваат во соопштението, во програмата на Танец за оваа година е предвиден хуманитарен концерт, за кој се планира донација од приближно 300.000 денари, но истата и ќе се удвои, со тоа што Националната установа ќе посвети уште еден од своите големи концерти во Националната опера и балет, а вкупната сума од приближно 600.000 денари ќе ја адресираат на најпогодените семејства.

 „Сѐ уште не може да се предвиди точниот датум,, но Танец како познат колектив со долга хуманитарна историја, со сигурност знае дека дел од своите активности ќе ги насочи во помош на најпогодените. Оваа година, заради новонастанатата состојба со пандемијата ќе ги пролонгираме сите концертни настапи, сѐ до конечното справување на државата со вирусот, соопшти Танец.

Од 21 март, на својот јутјуб канал Танец почна со ексклузивно еднонеделно емитување на сите снимени концерти од минатогодишната јубилејна сезона, која што се одвиваше под мотото „Остани во чекор“. Серијата концерти одржани во 2019 година, во знакот на 70-годишнината од основањето на ансамблот, беа снимени во рамките на посебен проект, кој НУ „Танец“ лани го стартуваше како дел од новата стратегија за заштита на културното и нематеријалното богатство.

И Филхармонија продолжува со емитување на концерти на својот Јутјуб канал и на социјалните мрежи.

„Во овие моменти најважно е да се почитуваат препораките и сите да седат дома. Токму затоа го инициравме виртуелното дружење со нашиот оркестар, со врвните солисти и диригенти кои настапија на нашата сцена. Сакаме во овие тешки моменти да им го збогатиме секојдневието на нашите сограѓани со врвна музичка изведба. Музиката има терапевтска моќ, тоа го докажале безброј истражувања досега. Ако не можеме да помогнеме директно, како што тоа го прават неуморно здравствените работници, на кои сме им неизмерно благодарни, можеме барем индиректно преку моќта на музиката да им помогнеме на луѓето полесно да се соочат со предизвиците. Можеби звучи утописточки и романтично, но ние сакаме да веруваме дека музиката може да го спаси светот“, вели Илиески.

 

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе