Тафталиџе шафл - нов албум на Влатко Стефановски

Новиот албум на Влатко Стефановски – Тафталиџе шафл (Taftalidze Shuffle) со кој ја продолжува успешната соработка со најголемата дискографска куќа во регионот – Кроација рекордс (Croatia Records), ќе биде објавен утре.

Станува збор за едно од најисчекуваните музички изданија во 2020-та година, не само во Македонија, туку и во целиот регион, кое минатата недела со синглот Огледало ја заинтригира јавноста на овие простори.

На новиот албум Влатко е придружуван од подмладеното Трио. Во новата ритам секција членуваат басистот Иван Кукиќ, како и неговиот син Јан Стефановски на тапани.

И овој албум, како и сите соло-проекти на Стефановски, посветени се на Скопје, населбата Тафталиџе, која е неговото маало... Затоа песните се интимни и лични, а повторно толку блиски секому, заради сензибилитетот кој го носи музиката на Влатко Стефановски.

Албумот Тафталиџе шафл е создаван во периодот од јануари до октомври 2020-та, а текстовите се пишувани од април до јуни.

„Наместо да гледам ТВ и да паѓам во депресија, се одлучив да правам музика. И многу сум задоволен од резултатот“, открива Влатко, зборувајќи за својот нов албум.

Албумот е сниман во домашното студио на Влатко – „Езотерија“, додека миксот и мастерингот се работеа во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски.

На албумот има и многубројни гости, кои уште повеќе ја оплеменија музиката и стиховите на Стефановски. Најбројни се клавијатуристите: Дамир Имери, Кирил Џајковски, Диран Тавитјан, Тихомир Поп Асановиќ, Матија Дедиќ и Васил Хаџиманов.

Придружните вокали ги пееше Андријана Јаневска, додека познатиот кавалџија Теодосиј Спасов во една песна свири труба.

Меѓу гостите на албумот е и актерот Никола Ристановски, кој во песната „Дијаспора“ има мал рецитал.

Дизајнот на обвивката е дело на уметникот Ладислав Цветовски.

Taftalidze Shuffle претставува извонредна колекција на вокални и инструментални теми на Влатко, низ кои бојата на неговата гитара е нешто што вечно останува во меморија на слушателот.

Албумот содржи девет теми: Taftalidze Shuffle, Funky junkie, Игранка, Гаража, Global Warming – local freezing, Огледало, Немам песна за тебе, Раскрсница, Дијаспора.

Освен на компакт-диск, овој албум на Влатко Стефановски кон крајот на декември Кроација рекордс ќе го објави и на винил.

Долги години, Влатко Стефановски е познат и признат како еден од најдобрите светски гитаристи. Многу пати покажа ненадмината техника и уникатна чувствителност, подеднакво е успешен во етно и во рок, но исто така и во блуз, фанк и џез - жанрови кои го обликуваа неговиот музички пат и го обележаа како уметник.

По исклучително успешниот акустичен албум „Мајчин јазик“, Влатко му се враќа на звукот и атмосферата од 70-тите години на минатиот век, а новиот албум Тафталиџе шафл, содржи сè што ги направи 70-тите посебни.

И.Б.

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе