Музикологија

Со нова книга музикологот Марко Коловски заокружува свој шеесетгодишен јубилеј

Во издание на Музичко-издавачкиот центар - МИЦ деновиве излезе од печат новата книга есеи на музикологот Марко Коловски, со наслов „Musica Volat“ (Есеи за македонската музика 2). Со оваа книга, десетта самостојна во неговиот огромен музиколошки опус, истакнатиот македонски музиколог го заокружува својот шеесетгодишен јубилеј.

Есеите за македонската музика, всушност, се продолжение на сличната публикација на авторот од 2009 година, со која тој прави значаен придонес во пишувањето на интегралната историја на македонската музичка култура. Книгата опфаќа шест есеи во кои преовладува истражувачки и аналитички дух и кои се посветени на личности, појави и процеси во македонската музика што во мала мера или воопшто не биле предмет на третман на музикологијата кај нас.

Авторот во оваа книга фрла поинаква светлина на некои од најзначајните автори и моменти во македонската музичка култура, како Кирил Македонски, Тихомир Карапанчевски, Александар Лековски, а поместен и е есеј за присуството на македонското творештво на еден од најголемите фестивали на музиката во поранешна Југославија – „Трибината на југословенското музичко творештво“ што се одржуваше во Опатија. Есеите завршуваат со текст посветен на златниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност.

„Наднасловот – Musica Volat (музиката лета) е земен како мото за името на целата публикација. Онака како што претходната збирка имаше наднаслов All Infinito (до бескрај), така и оваа сака само да го потенцира фактот дека музиката е незапирлива. Пред сите искушенија што се јавуваат на нејзиниот пат“, вели авторот во предговорот на книгата.

Со сиот свој творечки опус и, паралелно со тоа, со својата многустрана дејност во областа на музичката култура и културата воопшто, Марко Коловски во изминатите речиси четири децении од неговата творечка активност стана не само столб на македонската музикологија и музичка култура, туку во многу нешта и посебен авторитет и своевиден „еталон“ за проценка на дострелите на другите чинители и појави во македонската култура.

Марко Коловски во 1981 година дипломира на МТП, а во 1983 година на одделот за Музикологија, во класата на проф. Драгослав Ортаков, како прв студент во историјата на ФМУ. Постдипломски студии посетувал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 1990 и 1991 година. Од 1985 година работи во музичката програма на Македонско радио.

Од 1987 е Уредник на Редакцијата за класична музика (и од 2012 до денес), а од 1989 до 2000 година е Уредник на Музичката програма на Македонското радио. Од 1997 година е покренувач и главен и одговорен уредник на списанието „Музика“ (чијшто уредник е и денес).

Во декември 2002 година е именуван за Директор на Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“. Од 2007 до 2012 е Претседател на Сојузот на композиторите на Македонија.

Автор е на исклучителен број публикации и други дела меѓу кои и на книгите „Македонски композитори и музиколози“, Скопје, 1993 (награда „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија за 1993); „Корени и цутови“ - Фолклорот во творештвото на Властимир Николовски, Скопје, 1996; „Ex tempore - Охридско лето 1991 - 2001“, Скопје, 2001: „Есеи за македонската музика“ Скопје, 2009. „Зографски“, Скопје, 2011; (награда по втор пат „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија за 2011); „47 македонски композитори“ Скопје, 2013-14. „Траги во звукот“ Скопје, 2014; Коавтор е на книгите: „Music in the Balkans“, Тирана, 2001; „Охридско лето 1961 - 1996“ 1996; „Лексикон опера“, Универзитет уметности, Београд, 2008; „Музика, опера, балет“, МИ-АН, Скопје, 2008; „50 години Охридско лето“ (монографија) 2010 година.

Коавтор е и во повеќе мултимедијални проекти како: „Енциклопедиjа мацедоника“, Семос мултимедиа, 1999; 2002; 2003; „Мултимедијална енциклопедија на македонскиот музички фолклор“ (коавтор раководител на проектот); Мултимедијална енциклопедија „Kултурата на Mакедонија на 20-от век“ - Министерство за култура, Семос Мултимедија, 2004.

Учесник е во енциклопедиски и други проекти: „Енциклопедија Британика“ - македонско издание, 2005; Општа енциклопедија, МИ-АН, 2006; „Енциклопедија на Македонија“, МАНУ (2009) - (член на редакција и автор на 107 единици); Енциклопедија на македонскиот музички фолклор (ракопис). Автор или коавтор е на поголем број монографии („35 години Охридски лето“, 1996; „50 години Охридско лето“ 2011; „50 години Факултет за музичка уметност“, 2016 (ракопис); „70 години Македонска опера“, 2107, „во печат). Автор е и на повеќе десетини статии и есеи објавувани во стручни и научни списанија во Македонија и во странство, како и на повеќе од 600 критики објавени во печатот кај нас и на програмите на Македонското радио. Автор е и на голем број циклуси радиоемисии, сценарија (или ко-сценарист) за повеќе кореодрами и коавтор е на театарската претстава „Последните Македонци 2012“.

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе

И ако граѓаните или Владата очекуваа дека Јункер на Заев ќе му даде покана со датум за влез на Македонија во ЕУ, тогаш живееме во илузии.

повеќе