Вчера и денес во Скопје и Штип

Штипската Музичка академија организираше форум на академии од 17 европски земји и Кина (ВИДЕО)

Музичката академија на Универзитетот Гоце Делчев од Штип вчера и денеска во Скопје и во Штип им беше домаќин на деканите и ректорите на музичките академии членки на Иницијативата „17 +1“ од земји од Централна и од Источна Европа и Кина.

Ректорите, деканите и претставниците на музичките академии од Албанија, Бугарија, Кина, Естонија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија вчера и денеска се собраа во Штип непосредно пред 4-от министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ).

Учесниците на собирот се договорија веќе развиената размена на студенти и професори во наредниот двегодишен период да биде надградена со заеднички концертни продукции на оперски, џез и камерни ансамбли, проекти од областа на современиот и класичниот танц, традиционалната музика, истражувачки проекти и натпревари.

Деканот на Музичката академија и познат македонски музичар, проф. д-р Тони Китановски, изјави дека овие два дена се правел договор за тоа што ќе се работи во наредните две години.

„Ќе работиме на заеднички оперски проекти, џез оркестри, турнеи, натпревари по композиција, размена на студенти и професори, практично планираме доста интензивна и амбициозна агенда. Функционираме веќе две години и имаме реализирано доста активности: посета на студенти во Кина и нивни студенти кај нас, Катедрата за современ танц на УГД имаше настап во Кина, така што се работи, само разговараме за дополнително интензивирање“, изјави Китановски.

Претставниците на Конзерваториумот „Жејанг“ во Кина изразија задоволство од можноста да се реализира културна размена и да се работи на заеднички проекти. Татјана Кркељиќ од Музичката академија во Цетиње, Црна Гора, изрази задоволство од организацијата на Форумот. „Сакам да му се заблагодарам на колегата Китановски за организацијата, прекрасната енергија што ја почувствувавме. Освен што сме културни пратеници, ние сме педагози и професори, и мислам дека иницијативите за кои говоревме и се договоривме овие два дена во значајна мера ќе помогнат за унапредување на наставниот процес, а и за многу културни настани што ќе следуваат“, вели Кркељиќ. За време на Форумот учесниците беа примени и од претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, со кого, како што рекоа, остварија мошне срдечна средба.

Беа договорени следниве проекти врз основа на кои ќе се прошири образовната и културната соработка помеѓу членките на Унијата:

- програмите за размена на студенти и посети на професорите да се унапредат на ново ниво;

- заеднички да се одржи меѓународен фестивал на камерна музика во Музичкиот конзерваториум во Жејанг;

- Да се формира голем џез-бенд со студентски претставници од земјите-членки, водени од професор од членка на Унијата, кој ќе ги изведува новосоздадените композиции;

- Да се организира композиција и натпревар помеѓу академиите-членки;

- Да се одржува традиционален светски музички проект;

- Да се зајакне соработката во танцот (современ, балетски, народен);

- Поставување на мини опери за настап на Фестивалот на Конзерваториумот за музика и танц во Жејанг;

- Да се соработува за напредување во музичките науки (музикологија, теорија…).

Ректорите, деканите и претставниците на музичките академии ја усвоија двегодишната програма за соработка 2020-2021 и се обврзаа на нејзино заедничко спроведување.

Музичките академии учеснички на форумот (по една од секоја земја) во најголем дел се национални институции од највисок ранг, а мобилноста на студентите пак им нуди незаменливи искуства и проширување на хоризонтите. Тоа се веројатно најзначајните цели на оваа меѓународна иницијатива посветена на зголемување на знаењето и културното разбирање. Членството оваа година беше збогатено со уште две – Академијата за изведувачки уметности од Братислава и Музичката академија на Аристотеловиот универзитет од Солун.

Организатор на настанот е Музичката академија на универзитетот Гоце Делчев од Штип со помош на Координативниот центар за културна соработка на Народна Република Кина со земјите од Централна и Источна Европа (Процес 17+1) и со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Првиот ваков собир се одржа пред две години на конзерваториумот Жејанг во градот Хангџу, НР Кина.

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе