Рок Фест

Рокот е жилаво копиле и никогаш не знаеш кога ќе изненади, позитивно!

Речиси да нема музичка група во Македонија која првите искуства со жив настап на сцена не ги стекнала на „Рок Фест“. Истото важи и за публиката и за критиката, бидејќи ако не си бил на концертите на „Рок Фест“, тогаш не си имал доволно квалификации да зборуваш за состојбите на македонската рок-сцена. И со соговорникот Михајло Грбевски - Мишко, кој несебично се вложува во организацијата и продолжувањето на традицијата на фестивалот, уште како „мали“ сме се запознале на некој од концертите на „Рок Фест“.

Михајло Грбевски - Мишко

Конципиран во три вечери со натпреварувачка програма, настап на гости од регионот и ревијална вечер со етаблирани македонски групи, од 27 до 29 април, во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи новото издание на „Рок Фест“.

Најстариот музички рок-фестивал во државата мина низ различни етапи во текот на годините. Каков е вашиот предизвик да се одржи неговата традиција на постоење?

„Рок Фест“ сам по себе е институција, иако навидум – однадвор мал, одвнатре е голем! Со самиот факт дека од 1981 до 2014 има континуитет (само 1990, не се одржал) говори во прилог на ова. За жал, последните три години не се одржа и секако дека годинашново издание ќе претставува силен „ветар в грб“... Нормално дека предизвикот за продолжување на овој „саем на рок бендовите“ е огромен, како што е и одговорноста.

Почна како „Македонски рок-фестивал“, еден период беше „Поп-рок фест“, за повторно да стане „Рок Фест“. На фестивалот настапиле стотици, може и илјадници бендови... дали може да се најде точната бројка на групи што учествувале на фестивалот?

Точната бројка не, но таа се движи некаде околу 700 до 750 групи. Практично не постои музичка група и(ли) поединци кои се, или биле, корифеи во македонската рок-музика и пошироко не само рок, што своите први музички чекори не ги направиле токму на вечерите на овој фестивал!

Од Мики Јовановски - Џафер, Сашко Гигов - Гиш, Ристо Вртев, Јаков Дренковски, Ристо Самарџиев, Канго, Дамјан Пејчиновски, Дамир Пух... Како и групи кои подоцна ја обележаа македонската рок-музика, како „Мизар“, „Цилиндер“, „Ласт Експедишн“, „Санаториум“, „Санс“, „Октавијан“, „Кентаур“, „Д’Далтонс“, „Тотално опуштање“, „Но нејм нешн“, „Бумбикс“, „Културно уметнички работници“, „Верка“, „СтилТемпл“, „Лоши деца“, „Визија“ и уште една бескрајно долга низа од величини во македонскиот рокенрол и воопшто музика!

Мизар

Точно, фестивалот низ годините го менуваше своето име од „Македонски рок фестивал“ (иако разговорно се користеше - Рок Фест), па еден период „Поп-рок фест“ за конечно да си го врати изворното „Рок Фест“. Но, ориентацијата и филозофијата на постоењето не ги смени!

Кој е заедничкиот содржател на сите фестивали? Што „Рок Фест“ овозможи за македонската рок-музика?

Заедничкиот именител на сите изданија на „Рок Фест“ е тоа што е непрофитабилна манифестација што се залага за некомерцијализација, бескомпромисност во изразот, непочитување ан-блок на авторитети (ни музички, ни било какви!), провокативен и креативен проток на нови артистички треперења, апсолутно слободно изразена енергија како генерациски крик... Безмалку една континуирана урбана рок-герила што се бори против штетниците како кич,шунд, инстант-култура и сл.

Промени имало и во однос на организацијата на фестивалот. На почетокот беше неделниот магазин „Екран“ и тогашниот Дом на млади „25 Мај“, во еден период се вклучи и Музичката продукција на МРТВ, но во последниве 15-тина години се чини дека мала група рок-вљубеници и нивните пријатели се главни двигатели на фестивалот?

Со должна почит кон сите учесници во организација на оваа манифестација главно играта ја водеше ревијата „Екран“, олицетворена во нејзините новинари. Во таа смисла морам да ги набројам - Тимчо Апостолов, Јасминка Јанева, Грета Оџакова, Љубомир Грбевски-Џери (мојот татко). И јас сум дел од тоа екрановско семејство (иако работев само две години како професионален новинар, сé до згаснувањето на ревијата во 2004). Ете се случи една од повеќето манифестации што ги востанови „Екран“ да го надживее...

Конечно, „Рок Фест“ е преголем за да се поистовети со еден-двајца луѓе... Практично, тој припаѓа на сите вљубеници на домашната рок-музика и на рокерите кои изминативе години емитираа електрични празнења.

Кој оваа година се вклучи во организацијата на „Рок Фест“?

Оваа година во организацијата се вклучи и „Баги комуникации“ олицетворена во големиот пријател на „Рок Фест“, Владимир Мандичевски - Манде. Но ова не е прва соработка, имавме одлични искуства во 2006 и во 2014 година, такашто, и оваа година соработуваме... Едноставно, истомисленици сме и вљубеници во рокенролот.

Позната е целата програма на учесници, групи што се во натпреварувачката програма, но и гостите од странство, како и ревијалните настапи на веќе етаблирани групи. На кој начин беше составена програмата?

Техниката на составување на листата учесници во голем дел е прагматична, побитна е визијата на селекторот што ѝ претходи.

Освен вниманието на публиката, кои други награди ќе бидат доделени годинава за најуспешните учесници?

Со скромен буџет треба да си волшебник да ги фатиш сите конци... Извесна е наградата за најдобриот гитарист на фестивалот - електрична гитара „Јамаха“, што ја доделува „Рок Фест“ (донација е од музичкиот салон „Јамаха До-ре-ми“, нашиот традиционален спонзор). Ќе има и мали пријатни изненадувања во наградите за победничкиот бенд, секако, но да бидеме трпеливи уште некој ден...

Како долгогодишен и доследен новинар од областа на рок-музиката, кој е доминантниот стил во кој се движи рок-музиката последниве години? Каква е состојбата на македонската рок-сцена?

Сé уште, чинам, дека хеви металот и сите негови разграноци – блек метал, дум метал, дет метал, спид метал и сл. Па дури и „старинскиот“ хард рок... Но отсекогаш „Рок Фест“ го красела различноста на рок-правците кои биле на неговата програма, од инди-рок, до панк-рок, гранџ итн.

Тоа, всушност, е и наша задача – да ги извлечеме бендовите од гаражите и подрумите и да им дадеме шанса на некаква пристојна сцена (пред сé во смисла на техничка опременост и јавен настап). Инаку, состојбата во македонскиот рокенрол можеби навидум не е розова, но рокот е жилаво копиле и никогаш не знаеш кога ќе изненади, позитивно!

Тони Димков

Фотографии: Архива на „Рок Фест“

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе