ЗЛАТНА БУБАМАРА 2017

Наградите за популарност ги добија подобрите, а не подобните

Блескава и незаборавна вечер исполнета со сатира, забава и масовна хипноза за широките народни маси со мотото „Што ќе биде, нека биде!“ беше јубилејната 20-та „Златна бубамара на популарноста“, одржана под покровителство на Специјалното забавно обединителство на 20 февруари во „Метрополис арена“.

Манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ веќе 20 години на сатиричен, забавен и музички начин ги бележи случувањата од претходната година. Наградите „Златна бубамара на популарноста“, кои во првите години на манифестацијата имаат симболично значење, со текот на времето стануваат симбол на престиж и респект. Широките народни маси со нетрпение ги очекуваат сатиричните скечови на водителите Игор Џамбазов, Сашко Коцев, а последните две години и на младите Атанас и Тино, но и да видат кој бил подобар, а не кој бил подобен во претходната година.

Специјалното забавно обединителство, предводено од јавниот обединител Ранко Петровиќ, сериозно се зафатило со работа со цел да обезбеди весели насмевки на публиката, кои ќе траат подолго од 20-годишната традиција на манифестацијата во име на убавата мисла, добриот дух и забавното живеење и за да се зачува убавата традиција на „Златна бубамара на популарноста“.

Ранко Петровиќ

Јубилејното издание изведено со беспрекорна визуелна и музичка програма донесе повеќе од 200 учесници на сцената, беа доделени 21 награда, беше откриено дека Игор Џамбазов учествувал во сите 20 Златни бубамари досега, ги претстави најдобрите, а покрај актуелната политичка криза, која на Сашко Коцев му дала материјал да состави 55 сценарија за годинашното издание, покажа дека „животот е движење, а иднината е пред нас“, иако со стихови кажаа и дека Македонија е „земја напатена и со години наназад вратена“.

Но тука е „Златна бубамара на популарноста“ да ги спојува луѓето, да ги развесели и на забавен и музички начин да ги потсети дека покрај огромниот број раселени Македонци низ светот, сепак тука има уште многу вредности што треба да се почитуваат и наградуваат.

Првата награда за животно дело на „Златна бубамара на популарноста 2017“ им беше доделена на членовите на ансамблот „Мањифико“, а на сцената излезе целото семејство Тања, Лидија, Панче и Невенка Кочовски, настапувајќи со познатата песна „Лас Мананитас“, кај нас позната како „Мама Хуанита“.

Актерот Драган Спасов-Дац со неколку афоризми, како „театрите се празни кога драмите се на улица“, направи постхумен омаж на творештвото на Дарко Марковиќ, автор на голем број карикатури, анимирани филмови и на популарниот лик „Пецко“, а потоа објави дека Златна бубамара за пејачка на годината ја добива Тамара Тодевска. На пејачката Росана Сариќ Тодоровска ѝ беше доделена наградата за трајни музички вредности.

Росана Сариќ Тодоровска

Наградата за големи достигнувања на радио ја доби Лилјана Стоилковска, која искажа благодарност до своите колеги Бранка Станковска и Благоја Крстевски. За општествено одговорна компанија во 2016 година е прогласена „Макпетрол“, која годинава го бележи својот 70-годишен јубилеј. За најдобра утринска ТВ-емисија е прогласена „Здраво Македонијо“ на „Канал 5“.

Во сегментот на спортски награди беше поздравен успехот на младинската фудбалска репрезентација на Македонија, а наградите ги добија автомобилистот Игор Стефановски, кој во април ќе учествува на трка во Монца, и пливачот-маратонец Томи Стефановски.

Кулминацијата на 20. издание на „Златна бубамара на популарноста“ се случи со појавата на Специјалното забавно обвинителство. Трите обвинителки буквално ја кренаа публиката на нозе. Нивната задача беше да ја доделат наградата за ТВ хумористично-сатирична емисија, која ја добија „Фчерашни новости“.

Модната дизајнерка Тања Кокев ја додели наградата за најголеми достигнувања во оперското и хорското музицирање на маестро Томислав Шопов, по што следуваше настап на хорот „Мирче Ацев“ со композицијата „Чае шукарие“, посветена на Есма Реџепова, а со аранжман на Драган Шуплевски.

Хорот „Мирче Ацев“ го придружуваше и вокалниот солист Аки Рахимовски, кој своето детство го поминал во Скопје, а во текот на животот станува мегапопуларен со настапувањето во легендарната ексју рок-група „Парни ваљак“, а кои ја добија наградата трајни музички вредности. Зборувајќи од срце Аки Рахимовски рече дека многу му значи наградата што ја добива и дека Ранко Петровиќ знае да ги препознае вистинските вредности и личности, а за возврат изведе неколку познати теми од репертоарот на „Парни ваљак“, придружуван и со членови од семејството Тавитијан.

Аки Рахимовски

Во блокот театарски награди за најдобра претстава е прогласена „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов во Македонски народен театар. Мјузикл на годината е „Чикаго“ во режија на Наташа Поплавска, подготвен во копродукција меѓу Македонската опера и балет и Македонскиот народен театар. Најдобар млад актер е Александар Михајловски за претставата „Силјан Штркот шанца“ во МНТ. Интересно е што неговиот татко, Тони Михајловски, беше добитник на истата награда на првата „Златна бубамара на популарноста“ пред 20 години. Актерка на годината е Јелена Јованова.

Одличен гест направи добитникот на наградата најдобар актер, Никола Ристановски, кој по сопствено барање ја подели наградата со најхаризматичниот водител на манифестацијата, Сашко Коцев.

Во блокот музички награди најперспективна млада пејачка е Антонија Гиговска, пејач на годината е Даниел Кајмаковски. Популарниот лик на инспекторот Томе од серијата „Преспав“, односно Горан Стојаноски, ги додели наградите за ТВ забавна емисија на „Еден на еден“, етногрупа на годината на „Љубојна“, која на 23 февруари ќе настапи во „Дом на синдикатите“ во Белград, и на првата труба на годината - Џамбо Агушев, кој со својот бенд годинава ќе снима за Би-би-си.

„Љубојна“ со Џамбо Агушев

Во музичкиот дел беше направен музички омаж на починатите популарни светски ѕвезди Џорџ Мајкл, Леонард Коен и Принс.

Од македонската рок-сцена по цели 25 години пауза повторно настапи во живо групата „Меморија“ со сите оригинални членови на бендот, а звучеа како никогаш да не престанале да настапуваат. Темата „Оган под ѕвездите“ ја пееја заедно со публиката.

Група „Меморија“

Висока оценка со својот настап заслужија и водителите Игор Џамбазов, бидејќи на „Златна бубамара на популарноста“ секогаш бил „спастрен“, младите актери што го даваат максимумот од себе Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски од Театар Комедија, доајенот на „Златна бубамара“ – Бубо Каров, и секако, магијата што со своите скечови ја создава извонредниот Сашко Коцев.

Сашко Коцев

Сатирата на јубилејното издание на „Златна бубамара на популарноста“ ги опфати темите на раселените Македонци, воздухот, ЈСП, снегот, студентските маки, античките амигоси, кадровските промени во третиот ешалон, твитовите на мобилен телефон, постовите на Фејсбук и другите Wi-Fi молитви, специјалното обвинителство..., но тоа не се раскажува, туку се гледа на снимката на телевизија „Канал 5“.

Тони Димков

Фотографии: Роберт Атанасовски

Фото-галерија од настанот тука

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе