Моќниот Заратустра ја отвора новата сезона на Филхармонија

Новата концертна сезона на Филхармонија насловена „Моја бесмртна љубов" се отвора во четврток во 20 часот со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра", антологиско дело на Рихард Штраус.

На концертот насловен „Моќта на Заратустра“ ќе биде изведен и Концертот за пијано и оркестар број 1 од Л.В. Бетовен.

„Сезоната ја отвораме со исклучителен солист, диригент и избор на дела кои претставуваат важен сегмент од историјата на музика. Очекуваме фантастичен концерт кој ќе биде одлично интро во новата сезона во која не очекуваат возбудливи концерти на кои ќе настапат врвни солисти и диригенти“, вели Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба како што оценуваат критичарите речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор. Мелников настапува како солист со врвни светски оркестри и диригенти како Михаил Плетнев, Паво Јарви, Валери Гергиев. Пред македонската публика Мелников ќе се претстави со изведба на Бетовениот Концерт за пијано и оркестар број 1, едно од раните дела на композиторот во кое може да се почувствуваат никулци на музичката револуција која ќе ја иницираат неговите подоцнежни дела.

 

Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти, добитник на наградата „Херберт вон Карајан“ во 1971 година. Вит му бил и асистент на Карајан на Велигденскиот фестивал во Салцбург, а неговата богата интернационална кариера вклучува настапи со најзначајните оркестри во Европа, Америка и далечниот Исток. Добитник е и на францускиот орден „Легија на честа“ во 2015 година.

Симфониската поема „Така зборуваше Заратустра“ од Рихард Штраус е инспирирана од истоименото филозофско дело на Фридрих Ниче е напишана во 1896 година. Како и сите големи музички дела и ова било изложено на остра критика – „Ова не е музика, туку одбивно чудовиште кое не заслужува да биде наречено музика“. Само воведот во делото бил оценет како „ветувачки“... Во 1968 година, токму тој вовед целосно се интегрира во колективната меморија, стана препознатлива референца во поп-културата благодарение на генијалниот Стенли Кјубрик и неговиот антологиски филм „Одисеја 2001“.

Саундракот од филмот на Кјубрик, снимен со Берлинската филхармонија во 1969 година, 36 недели беше на прво место на класичните топ –листи. Од тогаш до денес „Така зборуваше Заратурстра“ од Штраус речиси секогаш се врзува со Кјубрик, со неговиот филм преку кој оваа симфониска поема доби пошироко културолошко значење, стана поп-феномен.

Во партитурата рачно испишана од Штраус стои и цитат од книгата на Ниче – „Музиката сонуваше предолго, време е да се разбуди. Бевме сонувачи, сега сакаме да се разбудиме и будно да сонуваме“. Ова го кажува Заратустра, главниот протагонист и наратор во книгата на Ниче... Токму такво е и музичкото дело на Штраус, не само воведот, препознатливите три тона со кои почнува и филмското ремек –дело на Кјубрик, туку интегрално, како целина која звучно реферира конзистентност и врвно авторско мајсторство.  

 

 

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе