Публиката ќе може во живо да ги слушне сите нивни хитови од популарниот серијал, како и нов материјал, а концертот ќе биде збогатен и со специјални гости кои се чуваат како изненадување до самиот настан.
Првиот човек на Авалон продукција, Бобан Милошески истакна дека интересот за овој настан е навистина огромен уште од првата најава за концертот и дека влезниците се трошат навистина многу брзо. Додаде дека проектот е многу сериозен и дека се работи со апсолутна љубов.
„Да бидеме реални, Македонија во својата независност, а и пред тоа, од областа на ентертејнментот има изградено многу малку сериозни брендови. „Дајте музика“ како бренд е институција на свој начин и поради тоа мене ми претставуваше особено задоволство да влеземе во овој проект, да го обликуваме, да се обидеме да го дигнеме на едно концертно ниво и навистина ми е големо задоволство што ќе го организираме и не го делам овој проект од останатите светски проекти. Ова за мене е светски проект“, изјави Милошески.
Цаци Паковска, продуцентка на проектот „Дајте музика“ рече дека децата се идоли на новите генерации и убаво е што македонската младина се идентификува со нив, а не со странски изведувачи.
„Свесни сме дека тие се промотори на добрите вредности, но и дека се главните промотори на македонската музика кај младите генерации. Поради големиот интерес, решивме „Дајте музика“ да се претстави со сериозно осмислен и организиран концерт во живо, на кој децата, а и родителите ќе имаат можност да уживаат и да се забавуваат“, истакна Паковска.
Главните ѕвезди на “Дајте музика“ се Миха Гигов, Кристина Мукаетова, Филип Поповски и Анастасија Џабирска.
„Овој концерт за нас е огромен предизвик и се разбира голема чест. Енергијата на големата сцена на јуниорската Евровизија сакаме да ја доживеат и децата во Македонија, и затоа ви ветуваме незаборавно искуство. Ќе пееме во живо, секојдневно имаме часови по пеење, а подготвуваме и бомбастични кореографии. Ветуваме дека овој концерт ќе биде едно незаборавно искуство“, рекоа ѕвездите на концертот.
Генерален спонзор на концертот на „Дајте музика“ е Бекутан, а покровител е „Вива сокови“.