Групата „Бернајс пропаганда“ добила средства за концерт без да знае за тоа

Откако хрватскиот магазин за поп-култура „Равно до дна“ објави текст со наслов „Измамени 'Бернајс пропаганда': скандал во Министерството за култура на Македонија“ се обидовме да откриеме што точно се случило.

Проблемот се појавил во моментот кога членовите на групата „Бернајс пропаганда“ во резултатите од Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за 2018 година, во сегментот за музичко-сценска дејност на националните институции, забележале дека проектот „Концерт на македонската група Бернајс пропаганда“ во Македонската филхармонија добива 276.000 денари за концерт што во програмата е предвидено да се одржи на 27.04.2018.

Потоа се појавува текстот во хрватскиот магазин „Равно до дна“, каде членовите на групата се сомневаат дека „станува збор за измама или проневера на средства од, засега непознати лица, кои го користеле името и меѓународниот углед на македонската инди-рок група“, а без да биде известена самата група за поднесувањето на апликацијата за проектот.

Во краток разговор со Васко Атанасоски дознаваме дека револтот го предизвикал моментот што тие ниту биле известени, ниту од групата е побарано да потпише каков било договор со Македонската филхармонија за да се случи проектот што добил средства на конкурсот на Министерството за култура за 2018 година. Атанасоски потврди дека со групата бил направен разговор за таков проект минатата година со претходното раководство на филхармонијата, но децидно кажа дека не бил потпишан никаков договор.

За проблемот се слушнавме и со актуелниот директор на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, кој ни кажа дека е запознаен со работата и дека веќе ги поканил на состанок членовите на групата „Бернајс пропаганда“, со намера да се најде начин да разреши проблемот.

Околу појавата на проектот на списокот за поддршка на Министерството за култура, Илиески објасни дека во текот на минатата година двапати се аплицирало со проекти од Македонската филхармонија на Конкурсот на Министерството. Првиот пат апликациите ги испратило претходното раководство уште во јуни 2017 година, кога бил законскиот рок за аплицирање на националните институции. Потоа се случила промената на раководството во Македонската филхармонија и Илиески рече дека во програмата што поминала на новиот Управен одбор на Македонската филхармонија воопшто го немало проектот за концерт на „Бернајс пропаганда“. Така, во терминот предвиден за концерт на „Бернајс пропаганда“ (27 април) со програмата на новото раководство е ставен сосема друг концерт, односно „Годишни времиња – Пјацола vs. Вивалди“ на 26 април.

Тоа значи дека на Конкурсот на Министерството за култура биле поддржани проекти и од претходното и од новото раководство на Македонската филхармонија.

Т.Д.

„Бејоеремите" веќе многу долги години имале и имаат јазик којшто (Слушни! Слушни добро!) сите, освен нас, го нарекуваат „македонски".

повеќе

Добронамерниот дијалог – поточно способноста да се види светот преку очите на други луѓе, посебно оние со кои не се согласуваме – никогаш не бил поважен од сега.

повеќе

Владата не би смеела самостојно да одлучува за ставање под концесија на минералните суровини како што предвидува постојниот закон.

повеќе