„Настапуваме со најдобриот македонски пијанист, Дино Имери кој ќе го изведе концертот за клавир и оркестар од Чајковски, потоа ја изведуваме и најпознатата симфонија на сите времиња – Патетична од Чајковски и македонското дело Пијан Танец – Пајдушко од Сони Петровски под диригентската палка на Габриел Бебешелеа, кој две години беше шеф диригент на македонската Филхармонија“, изјави Тина Иванова.
Концертот во Белград е мошне значаен за македонската култура и за соработката меѓу македонската и белградската филхармонија, изјави „волшебникот на пијаното“, како што го најавија белградските медиуми, Дино Имери.
„Со голема одговорност и задоволство пристапив на оваа задача, бидејќи амбиентот во Белград е прекрасен. Ова не е мое прво гостување тука, но е мое деби во Коларац, каде секој уметник би сакал да се најде. Соработката со нашата Филхармонија секогаш ми пресатвува задоволство бидејќи тие се врвни професионалци и уметници. За прв пат настапувам со маестро Габриел Бебешелеа, што е исто големо задоволство. Мислам дека достојно и соодветно ќе ја прикажеме нашата култура во Србија и мислам дека публиката вечерва ќе ужива, онолку колку што ние ќе уживаме во изведбата“, изјави Дино Имери.
Со незаборавниот концерт во Коларац, публиката во Белград со повеќекратни биса и големи аплаузи уживаше и го покажа своето задоволство од маестралниот настап на „волшебникот на пијаното“ Дино Имери и Филхармонијата на Македонија под диригентство на Габриел Бебешелеа, главен диригент на Државната филхармонија на Трансилванија со Чајковски, со Патетична и Пијан Танец – Пајдушко што е комбинацијата на многу разновиден и атрактивен репертоар на богатата и колоритна композиција која ги пренесува карактеристиките на традиционалните македонски ора.
Концертот беше организиран во соработка со Белградската филхармонија во рамките на регионалната соработка Отворен Балкан, како прва размена во областа на симфониската музика, а од Филхармонијата на Република Северна Македонија најавија задоволство од идната плодна соработка Белградската филхармонија.