Со жестока свирка во клубот „МКЦ“

ГЛАСНО! Промовиран првиот албум на „Визија“

Алтернативниот рок состав „Визија“ синоќа во Клуб ресторанот „МКЦ" го промовираше својот албум првенец ГЛАСНО! Текстовите, заедно со музиката, се реакција на реалноста во овој наш, мошне збунувачки свет, поради која на младиот човек му доаѓа да викне ГЛАСНО! зашто ПАЃА МРАК, па да испушти КРИК и ДА ЈА УБИЕ ТИШИНАТА, а потоа да порача дека треба да се ЗАМИСЛИ СВЕТ подобар од овој сегашниот во кој, очигледно, потребно е да се има вистинска ВИЗИЈА.

На промоцијата бендот со жива свирка се претстави со пет песни од албумот кој брои девет нумери и тоа, со „Гласно!“, (според која е именувано ова ЦД-издание“) „Убиј ја тишината“, „Замисли свет“ и „Крик“, а откако гостите на промоцијата, кои го исполнија Клубот, не им дозволија да се симнат од сцената, ја отсвирија и песната „Паѓа мрак“, една од постарите песни чии стихови ги знаеја повеќето од присутните.

Промоцијата ја отвори младиот актер и студент Александар Алексовски кој гостите ги водеше низ програмата на вечерта. Можност да се претстави со своја поезија имаше и младиот автор Жарко Жерновски чии песни со доза на носталгија и хумор претставуваат враќање во не така далечното минато, кога се уште не беа завладеале фејсбукот и мобилните телефони, и кога градот не беше опседнат со нови градби и споменици, туку мирисаше и на она старо Скопје.

Бендот Визија своето ЦД-издание го финишираше на петгодишнината од своето постоење. Поголемиот број од песните се снимени во студиото „Rock & Roll" во Скопје под „студиските палки" на Ѓорги Мишковски, две во музичкото студио на РТВ во Нови Сад во продукција на мајсторот на звукот од лондонските студија Алан Окоунел, а некои од песните се снимани во соработка со студенти на „Есра". Исто така ГЛАСНО! доаѓа речиси точно една година по официјалниот видео запис на ,,Гласот на мојата душа", кој на социјалните мрежи беше прогласен и за најдобар рок – спот за 2015 година.

Како што најавија членовите на групата, во наредната година „Визија" планира да оствари повеќе концертни настапи низ Балканот, а можно е и учество на фестивали во Западна Европа.

Од своето основање досега, групата настапила на повеќе фестивали на Балканот, меѓу кои и на „Заечарска гитаријада" и на „Јелен демо фест". Британската музичка страна „Имрџинг инди бендс" (Emеrging Indiе Ваnds) Визија ја рангираше во групата на 90 најдобри нови бендови во светот, и тоа многу високо – на седмото место. На 30. јубилејно издание на „Рок фест", Марко Џамбазоски беше прогласен за најдобар гитарист.

„Визија" е оформена на 27 ноември 2011 година од страна на Марко Џамбазоски (гитара и придружен вокал), Марко Гапо (вокал и ритам гитара), Лилјана Јанкова (бас гитара, придружен вокал) и Синиша Ѓорѓевиќ (тапани). Музиката на „Визија" е тешко да се определи во конкретен жанр, но во нејзината основа се рокот зачинет со различни стилови и правци низ кои бендот истражува и експериментира и наоѓа силен сензибилитет.

Текстовите, заедно со музиката, се реакција на реалноста во овој наш, мошне збунувачки свет, поради која на младиот човек му доаѓа да викне ГЛАСНО! зашто ПАЃА МРАК, па да испушти КРИК и ДА ЈА УБИЕ ТИШИНАТА, а потоа да порача дека треба да се ЗАМИСЛИ СВЕТ подобар од овој сегашниот во кој, очигледно, потребно е да се има вистинска ВИЗИЈА.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе