Oд 18 до 21 октомври

Ексклузивни гости на 37. Скопски џез-фестивал

Ексклузивност, уникатност и храбра програмска ориентација најави Скопскиот џез-фестивал за 37-мото издание кое ќе се одржува од 17 до 21 октомври на две локации во главниот град: Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар.

„Речиси сите концерти што ја сочинуваат програмата на фестивалот се специјални и ексклузивни по својот карактер и не претставуваат дел од турнеите на музичарите. Исклучок е настапот на Дејвид Мареј квартет со Сол Вилијамс, што ќе го означи стартот на нивната европска турнеја“, соопшти СЏФ.

Најдобриот британски џез-пијанист денес, Александер Хокинс, ќе дојде од  Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал. Иновативниот гитарски херој Арто Линдзи ќе пристигне од Рио, каде што живее кога не живее во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении.

„Од Њујорк ни доаѓа веројатно најзначајниот и најкреативниот жив музичар во светот денес, трубачот Вадада Лео Смит, за единствена европска аудиовизуелна изведба на неговото ремек-дело „Reflections and Meditations on Monk”. Ексклузивен европски настап ќе има и култната њујоршка тројка „Хариет Табман“ (Harriet Tubman), предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи“, Брандон Рос, наведува фестивалот. 

Специјален гостин ќе биде Трстон Мур - некогашниот фронтмен на „Соник јут“ (Sonic Youth) и една од највлијателните, најинспиративните и најреспектираните фигури на денешната музичка сцена.

„Со ексклузивни концерти ќе се претстават и младата скандинавска сензација, данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ (Trondheim Voices) со својот впечатлив аудиовизуелен перформанс, како и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс и со чикашката легенда Хамид Дрејк, најдобриот џез-перкусионист во 2018 година според списанието „DownBeat“. Од Финска, пак, за еден концерт доаѓа возбудливото и динамично џез-трио „Мопо“ (Mopo)“, додава СЏФ.

На последната фестивалска вечер Тони Китановски со концерт ќе одбележи  30 години музичка кариера. Тој ќе настапи прво со својот најнов проект, квинтетот „Панда 5“, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare”, а во вториот дел ќе му се придружат неколку негови музички пријатели и соработници. 

Фестивалот ќе има и богата придружна програма: доделување на наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018 година, промоција на албумот „Big City Scare” на „Панда 5“ - најновиот состав на Тони Китановски, како и отворање на изложбата „Духовите на Африка - ритуална западноафриканска уметност“, во соработка со Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград.

Во рамките на 37. Скопски џез-фестивал ќе биде промовиран и манифест на Европската џез-мрежа (Europe Jazz Network) за родова еднаквост во џезот и креативната музика. 

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе