Интервју

Џијан Емин, музичар: Сакам и јас да си бидам на раат со себеси!

Со новата серија проекти што ги потпишува како автор, продуцент, изведувач или диригент, меѓу кои мултимедијалниот „Раат“ со Филхармонија и „Чудо на Балканот“ со Рамбо Амадеус и Биг бендот на ЗЏМ, кои ќе се остварат во првата половина на декември, Џијан Емин само ја потврдува тезата дека не е само креативецот што поседува неизмерно многу енергија во себе, туку и уметникот што постојано и упорно сака да се преиспитува.

Џијан Емин е музичар. Креативец во вистинската смисла на зборот. Еден од оние што не трпат шеми и шаблони. Растен на семејната традиција, со класично образование и силна потреба да не трпи стеги, тој низ годиниве наназад оди по острицата од сечилото постојано обидувајќи се да не се улулка во комфорната зона на творечко постоење во времево на евтини сензации.

Затоа за него би можело да се каже дека досега ги вкрстува интересите и дека знаел и сѐ уште знае сериозната музика да им ја приближи и на оние што тешко ја варат, џезот да го живее како маалска разонода и на експерименталните потраги да им приоѓа со мангупски шмек. Како сето тоа да е детска игра во која влегува со сета слобода што може да си ја дозволи еден непоправлив оптимист и човек чие љубопитство е неговата главна движечка сила. И, најбитно, Џијан Емин живее и твори овде дома. Во Скопје. Во Македонија. Неговата музика ги има сите нишани на времето во кое настанува и е показ за силната потреба да се величи убавото. Љубовта. Човекот.

Овој четврток, на 1 декември, во Филхармонија, композиторот, мултиинструменталист, продуцент и диригент Џијан Емин ќе ја претстави својата нова мултимедијална приказна насловена „Раат“. Што се крие зад овој наслов? Од каде потребата на авторот, на уметникот, за оваа „електроакустична ѓурултија“?

- „Раат“ е во кратки црти реална субјективна сублимација на многу различни состојби, временски рамки, неколку паралелни димензии или музичко свесна и реалистична шизофренија во која живееме сите заедно. 

Потребата за реализација на еден ваков настан е во основа да се документира едно време и постоење, бидејќи се заборава. Ние живееме во време во кое дното секој ден сѐ повеќе се продлабочува и шири. Брзо забораваме и многу лесно се навикнуваме на новото лошо. Секој ден си велиме не може полошо да биде, и секој ден сме лажно изненадени и затечени во нови состојби и ситуации. Не се соочуваме со вистината, бидејќи полесно е да се излажеме.

Ако велите дека „најубавите работи во животот како љубовта, среќата, мирот, разумот... не може да се купат“, како вие се изборивте, посебно во времево на изместени вредности, брканица по материјалните добра, нечовечност, злоба, немаштија... , за состојбата во која „срцето и душата ќе си дојдат на своето место“? Колку сила е потребно да го најдеме мирот во себе и да им се спротивставиме на агресиите и негативните енергии, на стапиците што нѐ демнат на секој агол?

- Вистина е дека животот е прекрасно чудо. Со самото тоа што постоиме на овој свет и во оваа димензија ние би требало да сме пресреќни и презадоволни. Вистина е дека најубавите работи не можат да се купат. Можеш да купиш кревет, но не можеш да купиш сон. Можеш да купиш секс, но не можеш да купиш љубов. Можеш да купиш безброј работи... но среќа не можеш да купиш, итн. 

Кога мислам на „Раат“ мислам на состојба во која ние самите сме си на чисто со себе. Раатот може да функционира и во најголем хаос и во најголем спокој. Сметам дека не е потребно ништо повеќе отколку реално соочување со себеси. Тоа кај сите се случува во различно време и во различни ситуации од животот. 

Да се разбереме, не дека јас посебно сум се просветлил, па сега кажувам мудрости. Сакам и јас да си бидам на раат со себеси. Можеби и затоа ми треба една ваква електроакустична ѓурултија, која може да се нарече и дефрагментирање на емотивно општествени социјални процеси. 

Човекот има безмерна енергија во себе. Сила имаме многу повеќе отколку што сакаме да перципираме. Би било добро да се користи за убави работи. 

Колку „Раат“ е обид наново да се предизвикате себеси во обидот да проникнете во музиката како исцелителна авантура за вас, и во оваа пригода да се изместите од комфорната зона и таквото чувство да ѝ го пренесете на публиката? 

- Од музичко-технички изведувачки аспект, идејата е да се користат оркестарските групи како посебни медиуми, кои во одредени делови ќе свират различни текстури со цел да се постигнат нови звучни текстури и нови оркестарски бои. Покрај различни композиторски техники и пристап, ќе користам и електронски звучни ефекти, кои ќе бидат аплицирани на оркестарските групи во целост и поединечно на одредени солисти.

На уметнички план секогаш сакам да се предизвикам и да не се повторувам себеси. Процесот при создавање музика ми е секогаш различен. Мене лично многу ми одговара состојбата кога музичарите не знаат што ќе се случи на концерт. Тогаш сите слушаат и се случуваат чуда и магии. Ќе бидам многу среќен доколку оваа замисла успешно ја реализирам

Зад ваквата „електроакустична ѓурултија“ се крие и намерата за визуелна размена на енергија со слушателите, за што во проектот бележито е присуството на уметникот Емил Петров. Визуелизацијата на музиката не е новина за вашето творештво каде се допреа овојпат вашите енергии? Што ви беше целта во подготовката на овој проект?

- Емил Петров е прекрасен човек и силен уметник, кој ми пристапи пред неколку години со желба да работиме заедно на некаков проект. Нашата прва соработка беше во рамките на програмата на Филхармонија, каде што ја изведовме музичката претстава за деца „Филхармонија патува во вселената”. Потоа работевме заедно на проектот „Диши љубов” и уште неколку други во краток временски период. 

Комуникацијата е многу лесна и брзо доаѓаме до резултат. Емил успева да додаде дополнителна нова димензија на сѐ што работам јас. Помага во процесот на пренесување на идејата до публиката на оригинален визуелен јазик, кој е на високо уметничко ниво. Јас сум многу среќен што имаме ваков човек во нашето опкружување и уште посреќен што можеме да работиме заедно. 

„Раат“ ја продолжува серијата проекти како „Музика универзалис“, работен со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј и Македонска филхармонија во Антички театар во Охрид и потем претставен на светот, па оној со Белградскиот симфониски оркестар и американскиот диџеј Јуан Аткинс - уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика, „Париз те сакам“, мултимедијалниот „Neuland Sensorium“ што се одржа во „Мала станица“... „Диши љубов“, работен во соработка со Тина Иванова. Колку притоа Џијан Емин е доследен на сопствениот творечки јазик или милува и натаму да експериментира со себе? Каде творечки ќе се движи во иднина? 

- Изминативе години бев дел од многу продукции со дијаметрално спротивни жанрови. Еден мал дел се спомнати во прашањето, а има уште еден куп работи што ги работам со Магичниот оркестар, ЗЏМ Биг Бендот, неколку соло-проекти и еден дел од мојата работа што не е видлив за публиката, а тоа се оркестрации што ги работам во светската филмска индустрија. 

Сите овие процеси се многу различни и претпоставувам дека е логичен мојот пристап да сакам да создавам проекти што се спој на сите овие работи што ги работам во мојот досегашен животен тек. Секако тоа се само различни музички јазици, кои јас се обидувам да ги спојам во еден мој, ако смеам да кажам, оригинален музички јазик. 

Сепак, покрај сѐ, инспирацијата, која е срж на секоја уметност, доаѓа од најразлични страни, предизвикана од многу внатрешни и надворешни влијанија. Доколку уметникот има занаетско познавање, може да создаде секаква состојба. Колку ќе биде успешен зависи од нивото на знаење и време потрошено во процесот. 

За мене е најубава онаа чиста уметност што не се врзува со претконтекст во создавањето. Јас сакам така да создавам музика што потоа ја склопувам во одредена приказна. Каде и како ќе се раѓа мојата музика во иднина не можам да знам, но знаејќи какви убави музички проекти ме очекуваат во блиска иднина, возбудата за нови авантури е огромна. 

И, по само една недела од претставувањето на „Раат“ ќе ве видиме како диригент и оркестратор на концертот „Чудо на Балканот“ на кој на Биг бендот на ЗЏМ гостин во Филхармонија ќе му биде Рамбо Амадеус. За мене сосема очекуван и повторно храбар потег за Оркестарот, па и за вас лично, по серијата концерти во која својски ѝ се нафрливте на музиката на еден Френк Запа, летово и на Џими Хендрикс... Како се случи оваа соработка и колку притоа отидовте подалеку во авантурата неговата музика и поетика, кои де факто се потпираат и на силните влијанија на џезот, фанкот..., да бидат вкрстени со вашите размисли за „изместување“ и потраги во морето од звуци? Каде тоа заеднички планирате да нѐ одведете?

- Рамбо Амадеус е уникатен и единствен уметник што успева да раскаже приказна, низ песна со релативно лесен и разбирлив јазик, притоа да биде максимално општествено социјално критичен поткрепен со врвен сарказам, и згора на сѐ, тоа да биде забавно и убаво за слушање. Тоа само Рамбо може да го прави. Јас барем не знам некој друг на такво високо уметничко интелигентно саркастично ниво, да ѝ се обрати на пошироката популација и притоа да биде мегауспешен и забавен. За мене Рамбо е „Чудо на Балканот“.

Моја првична желба беше да направиме концерт со Рамбо со Филхармонија, кој секако може да се случи во некоја иднина. Но поради блиската поврзаност на Рамбо со џезот и фанкот, сепак падна одлука тоа да го правиме со ЗЏМ Биг бендот, кој полесно го разбира тој музички јазик. Аранжманите за концертот со Рамбо не ги правам само јас. Голем дел од самите музичари во Биг бендот ги пишуваат аранжманите, Сашко Николовски, Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Дамир Имери, и автори од калибарот на Владимир Николов, Иван Петровски, Владимир Ботев. Сметам дека на овој начин концертот ќе биде уште посилен бидејќи ќе ја имаме дополнително енергијата на сите овие прекрасни автори музичари. 

Сета оваа музика колку што знам педантно се бележи, се снима и сигурно е документ за едно траење, за звучни идеи од едно време и простор. Но скоро ништо и да не излегува потем на виделина. Зошто? Кога од тоа азно нешто ќе ѝ дарите на публиката во вид на физичко издание – диск, винил...?

- За жал поради преголема презафатеност на сите членови на биг бендот не успеваме да се консолидираме во заедничката цел - издание. Имаме неколку убаво снимени концерти, кои заслужуваат внимание. Еден од нив што можеби е најблиску до издание е изведбата на музиката на Чарли Паркер и гудачки оркестар, каде што Кирил Кузманов мајсторски ја доловува музичката виртуозност на еден од најголемите џез-музичари во историјата, Чарли Паркер. Разговараме на оваа тема многу често и доколку се случи, желбата е да биде на највисоко ниво, бидејќи потенцијалот го гледаме сите. 

Поминаа две години од излегувањето на албумот Dzijan Emin & Magical Orchestra - Live in Ohrid, инаку снимен на концертот во Антички театар во 2019 година. Имате ли материјал за втората објава со вашето име и пријателите од МАГИЧНИОТ ОРКЕСТАР? Каде ќе се движи таа звучна приказна? Кога ќе ѝ дојде времето за објавување?

- Второто издание со Магичниот оркестар со наслов „ Да живее Среќната нова година“ е подготвено веќе одамна. Се чека на подготовка на обвивката за изданието и промоција ќе имаме многу скоро.

Во меѓувреме соработувавте со француското Франческо Тристано, АНА КАП ТРИО, со КУАРЕМ КВАРТЕТ и драгиот пријател од времето на ЖЛУСТ и некогашен македонски зет – Оливие Самулиан, со македонскиот џез гитарист и другар од СКОПЈЕ КОНЕКШН - Ѓорѓи Шарески... и притоа не криевте дека ќе им бидете гостин на планираните објави. Што се случува со тие изданија? Колку музиката што ја споделувате излегува од тесните регионални рамки и условно може да биде слика за еден сосема слободен чин на размена на творечки енергии и идеи? Каде оди современата музика денес?

- Музиката има универзална моќ да спојува луѓе на различни нивоа. Нѐ спојува како слушатели од една страна и како музичари од друга што можат да свират заедно, без притоа да имаат потреба да зборуваат. Музиката во мојот живот ми донесе многу пријателства и неколку сериозни музички врски со одредени луѓе што опстануваат вечно. Со АНА КАП имаме цеде и винил издание, кое за жал немавме прилика да го промовираме во Скопје. Со КУАРЕМ КВАРТЕТ снимивме музика изминатиов месец, каде што јас бев во улога на музички продуцент во процесот на снимањето. Тој материјал треба допрва да се средува. Шарески сними дуо албум со еден прекрасен музичар на усна хармоника од Берлин, Марко Јовановиќ. Ме покани да бидам дел од концертната промоција заедно со Оливер Јосифовски. 

Одреден дел од музиката што ја работам е исклучиво поврзана со светот, а одреден дел се изведува само тука. Се случува да имаме и проекти што успеваат да се наметнат на пошироката музичка сцена. Мене лично ми е важно луѓето да бидат задоволни од тоа што ќе го слушнат или ќе го доживеат на моите настапи. Дали музиката ќе успее да го прошета светот е друго прашање поврзано со многу техничко-финансиски фактори. Досега било докажано неколку пати дека можеме да правиме проекти што се силни и можат да бидат дел од светската музичка сцена. 

Секогаш сте полн со изненадувања и сосема нормално е да ве прашам кој е следниот исчекор на домашната и уште повеќе интернационална уметничка сцена на Џијан Емин? Каде стреми во иднина уметникот? Ќе го следи ли сопствениот немир и силната потреба за докажување? Конечно, од каде ви толку човечка енергија да бидете во движење, да бидете безмалку сеприсутен? Останува ли простор за слегување во сопствената интима, за оние што ви даваат безусловна љубов и храброст?

-Во периодот што следи покрај сите активности со филхармонијата, ЗЏМ Биг бендот, Магичниот оркестар, бендот ШЛИЦ („Диши љубов“), нешто што ми е особено драго да го најавам е заедничкиот проект со Роџер Ино, кој ќе се случи во рамките на програмата на Филхармонија на 23 февруари идната, 2023. Во наредната година ќе се оствари и мојата желба за концерт со Јан Банг и Арве Хенриксен, за кој ќе има посебна најава. Ќе следи музика за балет, неколку соработки за кои сѐ уште не можам да зборувам и една најава за настап со познатиот Метропол Оркестар од Холандија. 

Сцената ја сакам многу и уживам кога сум на концерт. Тоа силно чувство што се случува само на сцената не може да го замени ништо. Дека сум немирен е точно и да, сакам да се закачам :-). Во однос на „силната потреба за докажување“ сметам дека тоа повеќе е борба со самиот себеси отколку желбата да покажам или докажам што сѐ можам да направам. Уметникот, доколку не го покаже делото што го сработил, го споредувам со мастурбација. Размената на енергија со музичарите на сцена и со публиката од другата страна е непроценлива. Тоа е основата на силата што ме води и ме тера да бидам активен. 

Семејството како центар на сите случувања ги доживува сите мои најголеми среќи и несреќи. Да го немав, немаше да бидам ова што сум. Најголемата поддршка, енергија и инспирација ми е токму од семејството. Времето во кое живееме е забрзано и изгледа како да немаме време да се дружиме квалитетно, но тоа е нераскинлива врска што нѐ прави да бидеме вистински луѓе. 

Љупчо Јолевски

Објавено

Понеделник, Ноември 28, 2022 - 09:27

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе