ИНТЕРВЈУ

Дуке Бојаџиев: Работата со македонските музички артисти ми ја полни душата (ФОТО/ВИДЕО)

Македонскиот современ пијанист и композитор, Дуке Бојаџиев, ќе одржи два концерта, на 7 август во Хераклеа, Битола, и на 9 август во Антички театар во Охрид, на кои ќе го изведе својот фантастичен проект „Сон. Верба. Љубов“. Концертите на одреден начин се продолжување на концертната турнеја од пред неколку месеци низ Македонија, кога настапи и со Македонската филхармонија, но и увертира кон есенскиот настап во „Карнеги хол“.

Дуке Бојаџиев е македонски композитор, продуцент и пијанист, кој од 2001 година успешно живее и работи во Њујорк. Дипломираше на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа и на музичкиот колеџ Беркли во Бостон, САД. Низ неговата интернационална кариера Дуке има работено со добитници на Оскар, како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов на неговото последно филмско остварување. Проектот „Сон. Верба. Љубов“ во себе ја инкорпорира музиката која што Дуке Бојаџиев ја создаде за филмовите „До Балчак“, „Војната заврши“, потоа композиции од неговиот албум „Љубовта е патот“, како и нови, досега неизведени творби.

Вклучувајќи ги и аранжманите и изведбата, проектот може да се опише како спој на филмска, класична и изворна музика, и во него силно се чувствува поднебјето на авторот, односно духот на македонската традиција. Покрај македонскиот звук, музиката на Бојаџиев опфаќа фолклорни елементи и од турската, ромската и албанската музика, што авторот ги соединува во една автентична целина со современ пристап и со тоа влијае на фузионирање на културното богатство на сите етникуми што живеат во Македонија. Проектот „Сон. Верба. Љубов“ ќе биде изведен и во престижниот „Карнеги хол“, во Њујорк, на 8 октомври годинава, со камерниот оркестар на Македонската филхармонија.

На престојните два концерти, во Битола и во Охрид, Дуке Бојаџиев ќе настапи со неговиот ансамбл од специјални гости: Исмаил Лумановски на кларинет, Тања Царовска, вокал, Мартин Ѓаконовски на контрабас, Мартина Блажеска, вокал, Костас Анастасиадис на перкусии, Владимир Крстев, стринг квартет.

Што ќе донесат двата концерти во Битола и во Охрид? Се чини дека тие ви станаа омилена летна дестинација, бидејќи веќе сте имале успешни настапи на фестивали во двата града?

Ќе го изведам мојот проект „Сон. Верба. Љубов“, кој имаше премиера во февруари на петте концерти низ Македонија. Охридскиот, кој ќе се одржи на 9 август во Античкиот Театар, е дел од „Охридско лето“, додека битолскиот, кој ќе биде во Хераклеа на 7 август, е независен. Двата концерта ќе бидат во соработка со „Авалон“, кои се јавуваат како организатори. Античкиот театар и Хераклеа ми се најомилени места за концертен настап во Македонија, а пак, Охрид и Битола најомилени градови, сѐ си е на место.

Пред неколку месеци имавте кратка и интензивна турнеја во која, покрај настапот со Македонската филхармонија, за пет дена имавте концерти и во Велес, Битола и два во Младинскиот културен центар во Скопје. Сите се одржаа во полни сали. Од уметничка страна, проектот „Сон. Верба. Љубов“ донесе зрел, автентичен и многу емотивен звучен амбиент со материјал од повеќе творечки фази. Бидејќи живеете во Њујорк и ретко настапувате во Македонија, дали можеби почувствувавте дека во својата зрела творечка фаза треба почесто да се одржуваат токму таков вид концерти пред македонската публика?

Јас се чуствувам во зрела творечка фаза веќе подолго време, концертот во Античкиот Театар во 2011 година беше исто толку зрел, но овој пат тајмингот беше совршен. Дојдов кога најмногу им треба вакво нешто на луѓето, малку културна и душевна свежина. Македонската публика, пак, ми е и секогаш ќе ми биде најомилена. Ова е мојот дом и највозбудливо е кога настапувам тука.

Од концертот со Македонска филхармонија.

Широк дијапазон на теми се ставени во проектот „Сон. Верба. Љубов“, некои од нив компонирани пред 15-16 години кога заминавте во Бостон, има нумери од филмската музика што ја направи во последниве неколку години, но и од албумот „Љубовта е патот“. Што е пресудно одредена тема да влезе во програмата за концертите?

Пресудно е да се вклопат во целината на концептот „Сон. Верба. Љубов“. Внимателно бирав првин кои композиции ќе влезат, го гледав како едно дело со повеќе сегменти кои заедно чинат целина со почеток и крај. Оркестрациите ги работев 6 месеци интензивно и многу парчиња музика беа во опција додека не се искристализира финалната селекција.

Во Македонија студиравте медицина, а сега сте композитор и пијанист. Како се случи медицината да ја замените со музиката?

Јас бев одсекогаш музичар, свирам пијано од 3 годишна возраст и компонирам од 10 години, но секогаш спонтано, не учев музичко, туку самоиницијативно од дете си експериментирав со клавирот со кој пораснав. Толку беше тоа природно, што долго време не ја сфаќав музиката како професија туку како хоби кое ќе си го имам цел живот. Дури кон средина на моите Медицински студии во Скопје почнав да размислувам посериозно за музиката како професија, а самата технолошка револуција ме воведе во светот на продукција, оркестрација, и сфатив дека јас морам да бидам музичар. По дипломирањето на Медицинскиот факултет се преселив во Бостон, каде дипломирав на колеџот Беркли и потоа се преселив во Њујорк, каде сѐ уште творам и живеам.

Дали концертот во њујоршкиот „Карнеги хол“ во 2011 година на некој начин беше пресвртница во вашата досегашна музичка кариера?

Дефинитивна и голема пресвртница. Тоа беше прв мој самостоен концерт со ансамбл, како пилот проект за сѐ што следи потоа. Долги години бев ’заробен‘ во студио фокусиран на компонирање и продукција. Од 2005 влегов како музички директор и пијанист на култната њујоршка театарска група „The Citizens Bend“, со која работев две и пол години на големи сцени низ цела Америка, а потоа и со холивудската глумица Џина Гершон како музички директор и пијанист на нејзиното кабаре шоу во Њујорк. По овие искуства тотално се вратив на концертниот живот кој кулминираше со „Карнеги хол“ и Античкиот Театар во 2011 година. Концертите и работењето музика за филм највеќе ме исполнуваат.

Тука во Македонија понекогаш идеалистички и романтично го замислуваме начинот и можностите за живот во Њујорк. Дали навистина е така? Колку труд и работа беа потребни да стигнете до овој момент во животот?

Многу работа, упорност, истрајност во тешки моменти, носење брзи одлуки. Дисциплина, посветеност, амбициозност и скромност во исто време. Конкуренцијата тука е силна мотивација за напредок. Целиот тој процес воедно многу ме инспирира и движи напред. Има многу благодети, но има и висока цена. Јас сум тука 14 години и од една страна се чувствувам како да проживеав два животни века од толку интензитет, а воедно е како да сум дојден вчера, бидејки сѐ тече и се менува со енормна брзина, секогаш нешто ново.

Дел од темите што ги изведувате на концертот се компонирани врз основа на изворни нумери, но со џезерски стил. Од каде се појави потребата за тој музички израз?

Влијанијата на џезот ги имам уште од детството кога бев опседнат во една фаза. Многу интересно е што во моите први чекори во џезот, многу голема улога имаше и Мартин Ѓаконовски, кој годинава ми е специјален гостин на моите концерти. Од него ги добив првите колекции од џез стандарди кои многу ми влијаеја на понатамошниот музички развој. Подоцна дипломирав на Беркли каде што џезот е доминантен. Сепак, не можам да кажам за себе дека сум џез музичар, но елементи од џезот често се провлекуваат низ мојата музика.

Со Тања Царовска и Владимир Крстев во Рим.

Во меѓувреме имавте настап во Рим за Свети Кирил, заедно со Тања Царовска, а неодамна се појави и многу симпатична летна песна со Мартина Блажеска. И двете ќе настапат на концертите во Битола и во Охрид. Колку таквите настапи и соло проекти помагаат да се одржи креативната кондиција, во случај кога не сте фокусирани на подготовка на албум или на концертна турнеја? Како течеше соработката со двете многу инспиративни и талентирани вокални солистки?

Со Тања Царовска прва соработка имав во 2010 г. кога ја снимивме верзијата на „Си заљубив едно моме“. Потоа годинава ја поканив во Рим, каде поминавме преубаво и соработката продолжува на моите концерти во август. Со Мартина се запознав и ја слушнав на социјалните мрежи пред 2 години, а песната „Вечност“ ја снимивме пред неколку месеци, и наменски ја напишав за неа. Многу сакам да соработувам со наши талентирани луѓе и иако не живеам веќе подолго во Македонија сѐ уште редовно работам со македонски артисти низ светов. Тоа ми причинува големо задоволство, ми ја полни душата.

Со Мартина Блажеска во Њујорк.

На концертите изведувате нумера посветена на вашиот татко Тодор Бојаџиев. Дали понекогаш се појавува дилемата дека требаше да станете доктор, а не музичар?

Имам голема почит кон татко ми и неговото огромно влијание на мојот развој како човек. Среќен сум, а тој беше уште посреќен, што музиката ми стана професија. Татко ми беше доктор по професија, а компонирањето му беше голема страст и хоби. Иако по неговите стапки и јас дипломирав медицина, никогаш не жалам што поминав 6 години на Медицинскиот факултет, беше едно преубаво искуство кое ме оформи во оној кој сум денес. По неговата смрт ја напишав и му ја посветив композицијата „Татко“.

Тони Димков

Фотографии и видео: приватна архива

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе