ОСВРТ КОН 15. ОФ-ФЕСТ

Бујни музички светови кои делуваат како противотров за македонското политичко лудило

Чувството што останува да трае и тлее во субјективната меморија по одредено случување или доживување е влог во азното на сопственото духовно богатство. Повремено, како искри на сеќавањето, блеснуваат слики, ритми, тонови, рефрени кои ги разоткриваат вткаените слоеви, акорд од Дејвид Брн, риф од „Меркури рев“, ритам од „Готан проект“, стих од „Масив атак“, волшебната насмевка на Мулату Астатке... Такво азно создаде „Оф-фест“ во изминатите 15 години.

Јубилејното 15. издание на фестивалот на музиката на светот „Оф-фест“ (27-30 мај 2016) го дополни азното со нови седум музички вредности. Секако, чувствата не се предмет на нумеричко дефинирање, но ставени во рамки на четиридневен флешбек ги исцртуваат појавите на Бади Асад и Ива Битова, професионалноста на Сен Жермен, ангажираноста на Сол Вилијамс и Батида, афро-битот на Пет Томас и заразниот ритам на неговиот „Квашиба ареа бенд“, како и медитеранскиот амбиент на вжарениот трансфолк на „Канцониере Греканико Салентино“.

Во контекст на духовното чувство е и изјавата на чешката авторка Ива Битова, која во текот на својот настап потенцира дека „не е важно како пеете, туку дали уживате во пеењето“. На својот настап таа уживаше и со голем ентузијазам сакаше да го претстави своето музичко творештво. Бидејќи по потекло е од Моравија, нејзината музика силно е поврзана со звуците од природата, додека нејзиниот настап е комбинација на уметнички перформанс и музички импровизации.

Ива Битова

Ритамот на вокалните интерпретации го држи со својата виолина, но често се задржува само на вокална изведба. Кога нејзината мајка ја прашала дали може да пее ’нормални‘ песни, нејзиниот одговор бил краток и отсечен – „Не“. На крајот од својот перформанс, сепак, потенцира дека мајките секогаш се во право. Сосема на крајот од настапот направи симпатичен гест со обидот да испее една македонска песна.

Сен Жермен

Со настапот на Сен Жермен практично почна сегментот од фестивалската програма што е под директно влијание на африканската музика. Најновиот албум „Сен Жермен“ на пионерот на „френч тач“ и творецот на интелигентна, сензуална и оригинална дип-хаус, џез и лаунџ-музика е снимен со учество на некои од најдобрите африкански музичари и пејачи од Мали и од Сенегал. На албумот се комбинирани традиционалните инструменти кора, балафон и н’гони со електрични гитари, клавијатури, саксофони и електронски семплови.

Сен Жермен

Со висок степен на професионалност во однос на настапот, снажен звук и беспрекорна изведба Лудовик Навар и неговите африкански пријатели ја одржуваа музичката тензија од почетокот до крајот на двочасовниот концерт. Со суптилен осет за музичка градација на настанот, Сен Жермен веќе на почетокот ги изведе некои од своите најголеми хитови, како „Rose rouge“ и „So flute“, а покрај веќе популарниот сингл „Real blues“ го изведе целиот албум „Сен Жермен“, откривајќи ја својата генијалност во откривањето на трагите меѓу традиционалната и современата музика, базирани на блуз-ритамот.

Сол Вилијамс

Влијанијата на Африка може да се толкуваат и на поинаков начин, како што тоа го прави Сол Вилијамс на својот албум „Martyr Loser King“, кој ја раскажува приказната за истоимениот измислен лик, рудар од Бурунди кој станува хакер и дига револуција преку својот компјутер. Со манир на хип-хоп проповедник и рап-револуционер, Сол Вилијамс на имагинарниот лик му дава реална димензија со спротиставување на актуелните глобални проблеми, како енормната разлика во богатството меѓу сиромашните и богатите, девалвирањето на човековите вредности, полициската бруталност, ограничувањата на слободата на движење и на говор, нечувствителниот однос на владите кон сопствените народи, игноранцијата, нетолеранцијата...

Сол Вилијамс меѓу публиката

Вилијамс гласно порачува дека не сака да биде жртва, туку дека е сведок на неправдите, насилството, воените конфликти и глобална политика, која заслужува да биде ’хакната‘. На скопскиот настап, следен со многу визуелизации и музичка поддршка на Thavius Beck, раскажувајќи ја приказната од својот последен албум, Вилијамс се симна од сцената меѓу публиката, со намера непосредно да ја увери во искрениот и несебичен пристап кон жешките политички теми.

Батида

Активистички пристап кон глобалните теми имаше и Педро Кокенао алијас Батида, радио, видео и музички продуцент роден во Ангола, а израснат во предградијата на Лисабон. Електронски ритам поддржан со африкански танци и приказни за обични луѓе, но и за диктатори, се основата на неговиот албум „Dois“.

Батида

Батида покажа дека сака да експериментира со електроника, дека знае да го употреби традиционалното музичко наследство на Африка, но и на Португалија, дека жестоко се бори против секој вид неправда и дека е подготвен за тоа да зборува насекаде низ светот, како што тоа го направи и во Скопје.

Пет Томас и „Квашиба ареа бенд“

Темата со африкански влијанија на 15. „Оф-фест“ фасцинантно ја заокружија Пет Томас и неговиот „Квашиба ареа бенд“ од Гана. Концептот на нивниот настап го опиша документарниот филм „Кој е хајлајф?“ – филм што низ разговори со познати уметници од Гана говори за почетоците, функцијата и учесниците во музичкиот правец „Хајлајф“, особено значаен за ослободителните движења во регионот на западна Африка.

Пет Томас и „Квашиба ареа бенд“

Карактеристично за правецот е што немал етничко или племенско потекло, а давал силна поткрепа и охрабрување во националното ослободување од колонијалното ропство. Овој трансетнички и трансплеменски правец Африканците го нарекуваат „Бога хајлајф“ и тој за нив е парафраза на рокенрол-максимата, односно велат „секс, дрога и хајлајф“. Пет Томас и „Квашиба ареа бенд“ практично го изразија правецот, не само во неговата духовна димензија, туку и со заразниот ритам на афро-битовите, многу танц на сцената и со уникатниот вокален стил на Пет Томас, самиот како еден од најпознатите претставници на „хајлајф“, заедно со Џорџ Дарко, Ли Доду, Алберт Џоунс и многу други.

Бади Асад

Последната вечер на „Оф-фест 2016“ носи сосема поинакви музички сензибилитети. Босоногата, милозвучна, романтична и сентиментална Бади Асад нежно ги растрепери срцата на љубителите на бразилската музика. Поставена фронтално само со својата фигура и електрична гитара кон публиката, покрај етеричниот мелос Асад ја раскажа и својата животна приказна, која покажува дека мешањето на народите дава фантастични резултати.

Бади Асад

Имено, нејзиниот дедо од Либан, преку Португалија стигнал во Сао Паоло, Бразил, каде се родил нејзиниот татко. Таа, пак, со својата музика го поминала целиот свет, а најголемата желба за креација ѝ ја дава нејзината ќерка Софија, која пак, е родена во брак со Грк. Токму во нејзиниот последен албум „Hatched“ се преплетуваат влијанијата на современото и традиционалното, популарното и неконвенционалното. Настапот го заврши со вокално-ритмичен бадиарт и со нејзина верзија на еден од најпознатите хитови на „Јуритмикс“ – „Слатки сништа“ (Sweet dreams).

Канцониере Греканико Салентино

За грандиозно финале на фестивалот се погрижија фантастичните „Канцониере Греканико Салентино“, ансамбл од полуостровот Саленто, на италијанскиот јужен регион Пуља. Кога ја почнаа приказната за нивната традиционална ’пицика таранта‘, ритмички моќна и убедлива транс-фолк музика, сосема спонтано првата асоцијација беше поврзана со сцената од свадбата на Сони во култниот филм „Кум 1“ (1972) на Френсис Форд Копола. Таранта е ритуален танц кој духовно ги лечи луѓето и ги уверува дека никој нема да биде оставен сам, дека тука е заедницата да му помогне. Името на танцот доаѓа од смртоносниот пајак тарантула, а танцот во симболична смисла служел за физичко и емотивно лечење од неговиот отров.

Канцониере Греканико Салентино

Италијанскиот ансамбл предводен од виолинистот Мауро Дуранте направи вистински спектакл во Денсинг салата на Младинскиот културен центар, каде се одржаа сите концерти, освен оној на Сен Жермен, што се одржа во „Метрополис арена“. Настапот на „Канцониере Греканико Салентино“ беше полн со енергија, страст, со неверојатен танц на прекрасната Силвија Пероне и топлина на медитеранскиот звук. Пред почетокот на настапот, директорот на Скопје џез-фестивал Оливер Белопета, посака концертот да биде еден вид исцелување од политичкото лудило што Македонија го живее последниве неколку години. Очигледно е дека ’нашето‘ лудило продолжува да трае, но барем за време на настапот на „Канцониере Греканико Салентино“, но и на другите шест концерти што се случија на годинашниот „Оф-фест“, за момент излеговме од хоризонтот без перспектива и откривме бујни музички светови кои имаат сила да ја излечат секоја емотивна болка.

Во прилог на духовните слоеви и 15-годишниот јубилеј на „Оф-фест“ значајна функција имаше мултимедијалната изложба која ќе ги претстави најзначајните моменти на фестивалот. Изложбата беше реализирана според концепт на маркетинг-агенцијата „Публицис“ и визуелно и звучно потсети на сите учесници во досегашните изданија на „Оф-фест“.

Тони Димков

Фотографии: Татјана Ранташа

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе