57 различни проекти, во кои ќе настапат музички групи, редица ДЏ, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, а ќе се одржуваат и работилници... вкупно над 60 часа активна програма, ќе ги анимираат битолчани во претпразнична атмосфера. Сите ангажирани учесници се избрани на јавниот конкурс кој го објави Општина Битола, неодамна кој побуди голем интерес, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивната уметничка работа, особено во годината кога заради протоколите имаа ограничен број на ангажмани.
На оваа локација ќе имаат можност и малите бизниси, како што се занаетчиите, селектирана угостителска понуда и анимација да се промовираат, нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење.
„Изминаа 35 денови од преземањето на мандатот како градоначалник на Општина Битола и од старт, заради доаѓањето на празниците и заради ставот да гледаме реално на проблемите, а не да се луксузираме, со моите соработници си го поставивме ова прашање: дали Битола треба “да светка” во енергетска криза? Секоја разумен човек, во вакви мигови треба да размислува рационално. Оттука и одлуката, да се осветли едноставно и елегантно Широк Сокак со лед светилки и така да биде оваа година. А центар на збиднувањата да биде платото пред Офицерскиот дом кој ќе понуди и програма и начин за јакнење на локалните мали бизниси”, изјави градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Покрај Фолтин, на платото пред Офицерскиот дом ќе настапат и Паркети, Боеми, Ние запирка другарите, Фонтана и други, десетици битолски диџеи, Камерниот оркестар на Битола, Дувачкиот оркестар, актери, театарски претстави и редица други изведувачи.