Музејот на Народна банка содржи монетарна збирка со околу 23.000 монети

Со околу 23.000 монети коишто припаѓаат на различни историски епохи, започнувајќи од 6. век пр.н.е до денес, а биле произведувани или биле во употреба на македонско тло, Музејот на Народна банка претставува најголема јавна нумизматичка збирка во државата, раскажува за МИА раководителката на Музејот, Катерина Христовска.

Музејот  се грижи и ги чува збирката пајонски монети, антички македонски монети, антички грчки монети, келтски монети, илирски монети, римски републикански монети, римски империјални монети, римски провинцијални монети, византиски монети, збирка монети на средновековните балкански држави, венецијански монети, збирка псевдопарични форми, медали, пломби и ексагии, отомански монети и збирка модерни пари.

Еден дел од монетите се изложени во рамките на камерната, а друг дел во рамките на постојаната музејска поставка.

Појавата на првите пари на македонската територија

-Првите метални пари се појавуваат многу рано на овдешните македонски простори. Како најсеверна географска дестинација на медитеранскиот културен круг и простор на најраната светска цивилизација, за прв пат тие започнуваат да се произведуваат на преминот од 6. во 5. век пр.н.е., од страна на древните пајонски племенски заедници, раскажува Христовска

И покрај тоа што се чини дека постојат повеќе можни толкувања за конкретните причини поврзани со нивното ковање, овие најрани пари имале економска и фискална функција.

Раководителката на Музејот истакна дека повисоките, потешки сребрени деноминации биле најверојатно произведувани со цел на подмирување на даночните обврски и исплати, посебно за време на персиската окупација на Балканот (513-479 г. пр.н.е), додека парите со пониска вредност биле наменети за секојдневна употреба во процесите на меѓусебните економски размени – индивидуални, но и помеѓу различните заедници.

-Во овој најран монетарен период, свои пари на територијата на нашата држава произведувале племињата Дерони и Лајаи, чијашто матична територија биле областите околу Велес, Свети Николе, Штип и Радовиш. Најточните места на ковање на нивните пари не се познати, но тоа извесно се случувало во близина на местата каде се експлоатирала сребрена руда, додаде таа.

 

Во Музејот на Народна банка се наоѓаат и сребрените пари што се користеле во времето на Филип II Македонски (359-336 г. пр.н.е.).

Според податоците, Македонија станала најмоќна држава на Балканот, а историчарот Теопомп (c.378-c.330 г. пр.н.е.) го опишува Филип II  како „најголемиот маж кој дотогаш го имала Европа“.

Набргу по неговото доаѓање на власт, започнало ковањето на Филиповите сребрени пари во Пела, а околу 357/56 г. пр.н.е. и во Амфипол. Со монетарната реформа којашто била спроведена
во 345 г. пр.н.е., Филип II, првпат во монетарната историја на Македонија, вовел златна номинала. Златниот статер бил кован во истите ковници во кои биле произведувани сребрените пари, а заради флексибилност на монетарниот систем биле издавани и неговите фракции: 1/2,
1/4, 1/8 и 1/12 од статерот.

 

Монетарна независнот во Република Македонија

-На 26 април 1992 година, денарот бил официјално прогласен за национална валута, а подготовките за неговото воведување во општественото живеење како дел од еден покомплексен правно-формален, монетарно-финансиски и технички процес започнале веднаш по прогласувањето на самостојноста на 8 септември 1991 година, вели раководителката Христовска.

Таа нагласи дека Никола Кљусев, првиот премиер на современата македонска држава, ги обзнани првоиспечатените транзициски пари, односно популарно наречените бонови, од говорницата на Собранието, на јавната седница одржана на Велигден во 1992 година.

Во своето обраќање пред народните пратеници ги упатил следниве зборови: „Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени. Нека ни е честито“.

 

Истиот ден, Христовска додава дека била донесена и потребната правно-формална претпоставка за заокружување на целиот процес, односно беа изгласани и Законот за Народна банка на Република Македонија и Законот за парична единица и за нејзина употреба.

-Следниот ден започнала фактичката замена на југословенските динари со домашната валута, и тоа во сооднос 1 спрема 1, и истово било завршено за период од три дена. Југословенските динари дефинитивно престанале да важат како номинално платежно средство на 29 април истата година, но југословенските ковани пари од 1, 2 и од 5 динари, заради технички причини, продолжиле да се употребуваат уште цели 12 месеци, раскажува за МИА раководителката на Музејот.

Изданието на пари од 1993 година е всушност првото стандардизирано парично издание пуштено во оптек по осамостојувањето на државата. Народната банка ги започнала подготовките за издавање непосредно по воведувањето на транзициското издание на бонови, а целата постапка завршила една година подоцна.

 

Со тоа, тогашниот монетарен систем на земјата го сочинуваа книжни пари со деноминациска структура од 10, 20, 50, 100, и 500 денари, заедно со металните ковани пари со вредност од 50 дени и 1, 2 и 5 денари, коишто исто така, беа пуштени во оптек во мај 1993 година.

На прашањето која е приказната зад дизајнот на македонските пари, Катерина Христовска вели дека основниот дизајн на книжните пари од ова издание ги вклучува претставите на најзначајните градби од македонското архитектонското културно наследство создавано во изминатото илјадалетие, одразувајќи ги така и разноврсните културни, економски и технички достигнувања околу кои, исто така, се формирала засебната патека, и на средновековната, и на нововековната историја на современата македонска држава.

Самото издание било со далеку подобар квалитет, и во поглед на употребената хартија, и во поглед на употребените заштитни елементи. Така, на нив по прв пат се појавија водени жигови, и тоа транспонирана претстава на Македониумот од Крушево, на банкнотите од 10, 20, 50 и 100 денари, и охридската црква Св. Јован Канео на банкнотата од 500 денари. Во оваа група специјални заштитни елементи, Христовска додава дека бил вклучен и приказ на географската карта на државата, видлива само под ултравиолетово светло.

 

-Како и претходно, дизајнот на банкнотите, како и нивното печатење се спровело во печатницата „11 Октомври“ во Прилеп, во тесна соработка со Дирекцијата за трезорски работи на Народната банка. Автор на дизајнот, како и на дијзанот на првото издание на транзициските бонови бил графичкиот уметник Борче Николоски од прилепската печатница, посочи таа.

Христовска додаде дека кованиците, пак, освен бројчената ознака за нивната номинална вредност, на своите аверси содржат и стилизирана претстава на сонце, додека реверсите вклучуваат реалистични претстави на најкарактеристичните репрезенти на македонскиот биодиверзитет. За одлуките поврзани со дизајнот на кованите пари, исто така била одговорна Народната банка.

 

Дизајнот на книжните и кованите пари, односно нивните основни белези и визуелни претстави се определуваат со Одлука на Советот на Народната банка, a на предлог на независна жири комисија составена од професионалци од областите на ликовната уметност, архитектурата, историјата, археологијата и нумизматиката, а по потреба и од други хуманистички науки, и којашто одделно се формира од страна на раководството на Народната банка при секое воведување ново парично издание или нов одделен апоен во оптек. Жири-комисијата го заокружува своето мислење по разгледување на сите предлог-решенија коишто пристигаат во Народната банка по претходно јавно објавен и отворен конкурс.

Во него прецизно се формулираат условите, идејните насоки, техничките карактеристики и сите останати релевантни податоци со коишто Народната банка ја утврдува рамката во која уметниците и дизајнерите би ги концептуализирале и создале сопствените предлози за изгледот, како на банкнотите или на кованите пари во оптек, така и на јубилејните парични изданија.

 -Вредно е да се напомене дека автор на дизајнот на второто издание книжни пари од 1996 година кое е и денес во оптек, е познатата ликовна уметница Билјана Унковска, додека автор на двата нови апоени од 200 и 2000 денари, воведени во употреба во 2016 година е графичарот и типограф Ласко Џуровски. На постоечкото издание, исто така, се наоѓаат најзначајните репрезенти на културно-историското и природното богатство на нашата држава, изјави Христовска

Музејот на Народна банка се наоѓа во зградата на Народната банка на Република Северна Македонија и е отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот. Дозволени се и групни посети, со претходна најава и влезот е бесплатен. Во музејот се изложени монети од најразлични периоди на македонската историја.

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе